|      
Сакаш да се откажеш?
Пред да ја потврдиш својата одлука, запознај се со последиците од таа одлука.
Доколку го потврдиш своето откажување, на твојот комјутер ќе наместиме cookie, кој ќе ни овозможи, во текот на натпреварот (14.03 - 18.03.2016) при посета на порталот да те препознаеме и да овозможиме слободно користење на порталот, без прикажување сликички, односно контролор на играта од десна страна на екранот.

Истовремено ќе бидат одземени сите собрани поени. За жал, со откажувањето, губиш и право на награди.

Дали се уште сакаш да се откажеш?
Рингераја.мк користи "колачиња" за обезбедување подобро корисничко искуство, следење на посетеноста и приказ на огласи. Поставките за прифаќање на колачињата ги прилагодувате во вашиот пребарувач.
Со продолжување на користењето на сајтот се смета дека се согласувате со користење на колачињата за наведените цели. За продолжување кликнете “Во ред”.   Дознајте повеќе.

Интервју со музичката легенда Бајага

www.intervjua.com.mk, 27.6.2012
Најгорд сум кога за синот и ќерката ќе ми речат - Имаш многу фини деца

image
/11


 

 

На големата музичка сцена е речиси 35 години и без сомнение спаѓа меѓу најзначајните рок-ѕвезди на овие простори. Бајага почна како средношколец, во мегаполуларната Рибља чорба, за која напиша некои од најпознатите хитови, а од 1984. го предводи својот бенд, Инструктори. Неодамна го издаде новиот албум „Даљина, дим и прашина“, кој оди во пакет со книгата неговите песни, „Водич кроз снове“...

Штотуку го објави новиот албум, заедно со збирка од твојата поезија, односно со текстови што си ги пишувал за своите песни. Зошто се реши за таква комбинација - цеде плус книга?

Со оглед на тоа што се времињата многу поинакви отколку што беа порано, сметав дека ќе биде добро да и јас да им понудам на моите фанови нешто поинакво. Не дека досега немало издавање рок-поезија, но не е многу честа практика да се прави тоа. Имам напишано неколку стотини песни, за себе и за други пејачи, па оценив оти ќе биде убаво некои од најуспешните, а во книгата се околу 70, да се најдат на едно место. Мислам дека со својот квалитет го заслужуваат тоа. Од друга страна, класичната дискографија е пред изумирање. Во цела Србија има само уште најмногу десетина продавници за музички материјал. Затоа направивме договор со издавачот „Новости“ и ја искористивме неговата дистрибутивна мрежа, која во Србија, Црна Гора и во Република Српска брои 19.000 трафики, што ни беше мошне поволен момент. Резултатите покажуваат дека сме направиле добар избор, зашто почетниот тираж од 20.000 примероци веќе е продаден половина за само една недела.

Прв хит од новиот албум е песната „Време“, во која некарактеристично за тебе изразуваш песимистички погледи („Велат ќе има криза, како во ’30 и некоја, ќе изгорат сите шуми, ќе пресушат сите реки...). Навистина толку те плаши она што се случува на планетата во моментов?

Апсолутно. Ќе ја кажам стандардната фраза - јас сум по природа оптимист - но, треба да бидеме и реални. Баш сум исплашен, или поточно кажано загрижен, кога го гледам и го читам она што објавуваат медиумите. Евидентно е дека светските лидери го загубија компасот, што не може да те остави рамнодушен кога имаш деца и размислуваш за нивната иднина. Сепак, не би сакал да ширам дефетизам и депресивност. Затоа „Време“ продолжува со стиховите: „За мене се тие години се’ уште доволно далечни“. Од нас не зависи многу, освен можеби малку на ова мало парче земја, но и ние треба да се потрудиме и барем да не придонесуваме за влошување на работите. И покрај се’, верувам дека ќе се најде решение. Едноставно, немаме друг избор.

Спомена дека класичната дискографија веќе речиси и да не постои, па единствен начин да опстане еден професионален бенд се живите свирки. Вие сте имале низ кариерата од 80 до 200 концерти годишно. Каква е ситуацијата денес?

Денес сме поблиску до 80 отколку до 200 (се смее). Големата бројка беше во убавите времиња кога правевме класични, големи и организирани турнеи. Сега го нема тоа, туку се оди на свирка според договор. Задоволен сум што и покрај сите драматични пресврти кои ни се случија, се’ уште може солидно да живееме од музика. А, Бајага и Инструктори е сериозен проект, не баш евтин за одржување. На сцена сме осум луѓе, плус уште тројца од техничкиот дел. Значи, не е лесно да се обезбедат услови за сите тие да останат со нас низ годините. Но, со 80-100 концерти, односно еден настап неделно во просек, го постигнуваме тоа.

Дали музиката „се врати дома“? Имаш изјавено дека по убавите и возбудливи 80-ти години, дојдоа трагичните 90-ти, кога и рокенролот практично почина и немаше сцена за луѓето како тебе, па единствен излез беа настапите во дијаспората. Како е во последнава деценија?

Многу подобро отколку тогаш, но ни приближно како во времето на поранешна Југославија. Точно е дека додека траеја војните и ембаргата, ние немавме ни основни услови за работа дома. Се слушаше само турбо-фолк, а нашите фанови бегајќи од ужасот заминаа надвор. Така, место како што е вообичаено, тие да одат по нас и да не’ следат на концертите, тргнавме ние по нив. И ги наоѓавме. Веќе не во Белград, Нови Сад, Суботица и Крагуевац, туку во Торонто, Њујорк, Лондон, Сиднеј... Не е исто, но подобро отколку ништо. Навистина во тој период имав многу свирки низ светот. Од крајниот север на Европа и Америка, до Јужноафриканската република. Ги посетив сите континенти, освен Латинска Америка. По промените од 2000-та работите почнаа да се менуваат кон нормала. При првиот повратнички концерт во Ниш констатиравме дека таму не сме свиреле седум години, период во кој имавме три гостувања на Нов Зеланд. И тоа, покажува во колку апсурдна средина сме живееле.

Каде е најубаво да се настапува и да се престојува?

Тешко е да се каже, зашто секое парче од планетата си има нешто посебно. Мој фаворит е Австралија. Природно прекрасна, општествено средена, финансиски богата, со среќни и опуштени луѓе, кои се таман толку самоуверени за да бидат пристојни и љубезни, а да не се арогантни. Плус времето им е топло, што јас го обожавам. Мислам дека целиот свет да пропадне, Австралија ќе си биде доволна самата на себе (се смее).

Неостварена желба за концерт?

Како што реков, никогаш не сме свиреле во Латинска Америка, па затоа таа ми е голема желба, особено Аргентина. На мојот тепмерамент би требало повеќе да му одговара Бразил, но мене на прво место ми е Аргентина, иако сигурно нема да го пропуштам Рио де Жанеиро доколку се најдам во тој регион.

  Имаш направено неколку стотини песни во кариерата. Дали пишувањето ти оди лесно како некогаш?

Зависи. Има моменти кога темата се раѓа за 20 минути, а некогаш ќе поминат месеци без да напишам ништо добро. Јас имам уште неколку стотини никогаш необјавени песни, бидејќи сум проценил дека не заслужуваат да излезат пред јавност. Во принцип, може да се рече дека денес творам побавно. Поминаа седум години од претпоследниот албум до „Даљина, дим и прашина“. Ја немам веќе енергијата од моите 20-ти и 30-ти години, но затоа сега имам искуство, па со него го компензирам нејзиниот недостаток.

На кого прво му ги пееш новите песни?

Обично се тоа момците од бендот, а се’ почесто се консултирам и со ќерка ми Ангела, која има 13,5 години и покажува интерес за музика. Пее во хорот на Александра Ковач, ќерката на легендарниот Корнелије Ковач, а и самата одлична музичарка.

Се случило да промениш мелодија или стих по сугестија на Ангела?

Се’ уште немало нешто многу значајно од тој аспект, но не се сомневам дека во иднина ќе ми биде квалитетен соработник.

Постариот син, Марко, е студент на Факултетот за драмски уметности во Белград...

Да, Марко има 22 години и студира театарска продукција. Значи, нема да биде актер или режисер, туку продуцент. Тоа му лежи најмногу. Уште во основно школо, прва работа што го интересираше за нашите концерти беше колку билети се продадени. Не каква била свирка, таку дали сме поминале добро на каса. Се надевам дека успешно ќе го развие тој менаџерски талент, кога веќе не го привлекува свирење и пеење, па можеби со сестра му ќе прават некаква соработка - таа на сцена, тој зад сцена.

Многу пејачи рекле дека им е преку глава од најголемите хитови, бидејќи ги пееле илјадни пати и веќе им се здосадени. Дали е така и кај тебе?

Апсолутно не. И милион пати да ги изведам „Зажмури“, „Са друге стране јастука“ или „Моји другови“ еднакво уживам. Ако видам дека публиката се чувствува убаво и го прифаќа тоа што ние и’ го нудиме, ништо не ми е здодевно. Во оваа работа нема пензија, и додека ме држат нозете и ме служи гласот ќе пеам со истиот ентузијазам како на почетокот. Она во што не се чувстувам баш најпријатно е давањето интервјуа, а особено кога треба да ме снимаат за телевизија. Тие работи се обидувам да ги ескивирам колку што е можно, но не одбивам кога веќе ме поканиле, особено ако има повод.

Твојот татко беше пилот, управуваше и воени и цивилни авиони, а ти немаш ниту возачка дозвола. Зошто?

(се смее) Точно е тоа, јас не знам да возам автомобил, ниту било кое друго превозно средство, и сигурно дека нема да научам допрва. Не знам зошто, но едноставно е така. Веројатно има вилијание тоа што ја почнав професионалната кариера многу млад - на 17 години веќе свирев во Рибља чорба. И не само што свирев, туку компонирав, па паметот почесто ми беше во песните отколку во случувањата околу мене. Многу од моите најуспешни мелодии настанале во автомобил. Ќе беше незгодно за учесниците во сообраќајот, а и за мене, во тие моменти и да возев. Генерално, јас сум човек кој постојано размислува за нешто, прави комбинации од ноти, стихови, градови, луѓе... Затоа, воланот им го оставив на други.

Те интересира ли некаква техника, освен гитари, засилувачи и музички програми за компјутер?

Секако, јас знам се’ за автомобилите, сите технички карактеристики, од системите за суспензија до новите електрични мотори. Три четвртини од животот сум го поминал на четири тркала, патувајќи од една сврка на друга. Затоа, како невозач, а експерт за автомобилизам, им бев интересен на луѓето од „Опел“, па денес сум заштино лице на нивната компанија за целиот овој регион. Ми дадоа на користење „опел виваро“, кој е фантастично комбе, идеално за бенд како мојот. Фала богу, доволно сме луѓе во групата, и секогаш има кој да вози.

Сите што имале контакти со тебе (вклучувајќи го и овој новинар) не пропуштаат да ја нагласат твојата непосредност, љубезност, коректност во односот. Како успеа да останеш цврсто на земја, кога речиси целиот живот си познат и популарен?

Веројатно тоа има врска со карактерот, но пред се’ со домашното воспитување. Мене моите родители не ми бранеа ништо. Уште како тинејџер влегов во тој проблематичен свет на естрадата, одев на школо со коса од половина метар и можев да решавам самостојно за многу нешта, но ми вградија чувство на одговорност. Ќе ми беше многу лошо да правев непристојни или недолични работи. Имав илјада можности да полудам, но знаев да се сопрам навреме, а потоа таквото однесување стана дел од мене. Влијанието на родителите е клучно за тоа. Денес сум најгорд кога за синот и ќерката ќе ми кажат: „имаш многу фини деца“.

Имаш фини деца и 52 години. Како кој музичар би сакал да остариш?

Ги има неколку, ама ајде да речеме, како Брус Спрингстин. Тоа е убаво стареење.

Си размислувал ли за кариера во Европа или во Америка? Дали имаше понуди во оние времиња кога почесто одеше таму?

Постоеја контакти, но тоа не е лесно да се реализира, особено што кај моите песни многу важен елемент е текстот. А, тој не може само да преведе или да се пренесе буквално. Мора публиката да го живеела истото што сум го живеел јас за да го почувствува на вистинскиот начин. Имам интересна соработка со пејач од Полска, кој преработи три мои песни и станаа таков хит кај нив, што имаат 15 милиони посети на YouTube .

За крај, и малку политика. Еднаш изјави дека не ти е сеедно дали претседателот ќе ти биде демократ или радикал. Сега добивте во Србија поранешен радикал за претседател. Те загрижува ли тоа?

Јас бев целосно наклонет кон Борис Тадиќ и се ангажирав во неговата кампања. Точно е тоа дека сакам во мојата земја да има демократска власт. Премногу скапо го плативме играњето со радикални идеи од различен вид. Кон Демократската партија ме привлече и пријателството со покојниот премиер Зоран Ѓинѓиќ, и оттогаш сум силен поддржувач на таа опција. Но, за жал, овој пат не успеавме да победиме. Не сум премногу загрижен, зашто Томислав Николиќ ќе мора да го продолжи патот кој е веќе трасиран. Условите денес не се исти како во 1990 година, и не може да дојде до драматични промени. Мислам дека и самиот е свесен за тоа.


Миодраг Мишолиќ

www.intervjua.com.mk

 


Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:

Бојадисување на јајца со деца
За децата Велигден претставува пред се фарбање на јајца. Сите деца сакаат да бидат вклучени во овој процес. Но како фарб...
3
На кафе кај младата авторка Ева Ристевска
На прв поглед - повлечена и срамежлива девојка, која сака да води долги и длабоки разговори. Како автор, се обидува прек...
3
Мали бизниси: Торти за домашни миленици
Дали се вбројувате во процентот на сопственици на домашни миленици кои организираат роденденски забави за истите ?
3
Создадете подобар живот
Својот живот го заробувате во негативни мисли и енергија ако го трошите на она лошо што може или би можело да се ...
2




Анкета

Носот.
пеперутка16

Како го чистите носот на малите деца?