namesp во 10:12
За нас жените кои уринираме со отворена врата
Jovana K, 11.10.2016
Тргнав накај куќата на моите родители да пишувам текстови. Го облеков фустанот кој веќе неколку денови виси на закачалката во бањата. Не го пеглам иако е поприлично истуткан и има трага од закачалка на грбот. Додека го облекувам, ги гледам своите гради со нееднаква големина. Левата доминира и како голема планина фрла сенка на десната, која изгледа поприлично мртво. Моментално за мене и за нив во Србија, а и пошироко, не постои адекватен брусхалтер. Идеален би бил со лева корпа број 85 и десна број 70.
Тргнав со велосипедот. Ненаспиените очи ја губеа битката со сонцето. Додека возам ми се чини дека спијам. Вртам јас и се помрднувам од место, но како да не сум тоа јас на велосипедот. Како да е тоа нечие туѓо тело, туѓи раце, туѓи нозе. Само срцето е мое.
Во продавницата купувам нескафе, за да си помогнам себеси. На излезот гледам дрвена гајба со убави круши. Си помислувам како би било добро да и направам кашичка за ужинка. Таа сака круши.
Во станот ме дочекува тато. Влегувам бела како вар, тој ме поздравува црн како јаглен. Тато е водоинсталатер. Често копа надвор да види каде има пукната цевка.
Го затекнувам седнат на трпезариската маса. Со прекрстени нозе јаде геврек и печена пиперка. Со длабока воздишка ми соопштува дека малку ќе прилегне. Го кажа тоа на начин како да е тоа некоја казна, како некој да го тера со сила. Јас го гледам и замислувам дека сум на неговото место. Да легнам откако ќе се најадам, да шалтам по каналите и да потонам во сон. А кога ќе се разбудам, тромаво да отидам до шпоретот, да ставам ѓезве со вода на ринглата и да чекам да се свари кафето. А потоа да го пијам бавно, како да е некој еликсир на животот.
Одеднаш почнав да забележувам луѓе кои се одмараат, кои се испеглани, кои со часови седат во кафуле, кои се сончаат од утро до мрак на плажа, кои се разбудуваат природно и лежат кога не знаат што да прават со себе.
Луѓе кои го имаат сето време на светот само за себе.
Забележувам жени кои одат бавно, кои не брзаат никаде. Жени со високи потпетици. Забележувам се она што некогаш сум била, како некогаш и сама сум живеела.
Се она што беше пред неа.
Сега сум мајка на деветмесечно бебе. Многумина би рекле сосема доволно време за да влезеш во шема, добро да се организираш, да се испеглаш, да подремеш, да се исфенираш и да искулираш.
Да, поминаа девет месеци. За некого можеби брзо, за некого бавно, но јас не го мерам времето така. Не на прсти, не со броење на часови или денови, не со гледање во календар, туку по чувствата. Го мерам времето со моето бебе по чувствата, по насмевките, по прегратките, по нишкањето, зборувањето, скокоткањето, играњето, преповивањето, по бањањето, по галењето. Го мерам времето според својата присутност, по тоа колку сум се дала, по тоа колку моето бебе е среќно.
Тоа што не сум одморена, исфенирана, насмеана, со лак на ноктите, испеглана, сита, безгрижна, со средена куќа, испран веш, зготвен ручек, испиено кафе, празен мијалник, не го сметам за своја неспособност, туку за своја огромна присутност во животот на моето бебе.
Што направи таа за мене во ова време?
Можеби ненаспиена жена со нееднакви гради. Жена која не се сеќава кога последен пат прочитала книга. Или гледала филм. Или излегла во град. Или жена која се тушира брзо или бриче уште побрзо. Која уринира со отворена врата и вика: “Доаѓа мама.” Жена која спие со отворени очи, која се почесто се расправа со сопругот, која е ранлива, театрална, збунета. Жена која гледа во скоцканите луѓе и понекогаш им завидува.
Но сето тоа е толку неважно наспроти она што го направи со мојата душа. Како да ја реанимира. И беа потребни само девет месеци за од мене да направи жена, која конечно знае за што живее.
И заради што е тука каде што е.
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Летот со авион за некои деца може да биде вистинско возбудливо доживување, но за други вистински кошмар.

Во дигиталната ера, електронските уреди како смартфони, таблети, компјутери и телевизори станаа неизоставен дел од секој...

Умерена дебелина кај децата е нормална под услов децата да се хранат здраво и со разновидна исхрана.

Што е првото нешто на кое се сеќавате кога станува збор за детството? Сигурно и вие имате непроценливо богатство од десе...
