namesp во 10:12
Формула за воспитување?!
Педагог Наташа Ристеска Тодоровска, 19.11.2013
Формула не постои затоа што сите деца се различни, една постапка предизвикува различна реакција кај различни деца. Но постојат некои универзални насоки кои даваат ефекти во градењето на личноста кај децата, градењето на позитивни ставови и навики. И без разлика кои методи ќе го користете, бидете секогаш ДОСЛЕДНИ!
Не го споредувајте Вашето дете со други деца!
Како би изгледал светот да се сите деца исти? Со исти таленти, желби, потреби? Сигурно, макар и несвесно во животот сте го споредиле Вашето дете со некое друго и тоа гласно сте му го кажале. Вистина ли сакате Вашето дете да биде како тоа другото?? На овој начин не постигнувате ништо, освен што ја разнишувате неговата самодоверба. И две деца од исти родители, растени во иста средина и со исти услови се различни, па зошто би споредувале две различни работи. Секое дете е посебно и треба да се поттикнува соодветно на него.
Ќотекот излегол од рајот - ако бил добар ќе останел таму !
Насилството раѓа насилство. Децата учат по модел, го следат вашето однесување и истото го имитираат. Доколку расте со насилство, тоа го прифаќа како нормално однесување и тоа така ќе се однесува. Бесцелно е да му кажувате на детето дека не е убаво да се тепа со другарчиња или слични совети доколку дома се применува овој метод на воспитување. А на крај, со ќотекот нема да постигнете ништо од Вашите погоре зацртани цели, туку ќе добиете само спротивен ефект, агресивно и уплашено дете со разнишана самодоверба кое нема да знае правилно да се соочи со предизиците на животот.
Не кажувајте – покажувајте!
Како што кажавме претходно децата учат по модел. Однесувајте се онака како што сакате и Вашите деца да се однесуваат. Бидете моделот кој сакате тие да го следат, а не прераскажувајте какви би требало да станат.
Не наметнувајте правила – договорете ги заедно со Вашите деца!
На тој начин многу повеќе ќе ги почитуваат. Седнете, разговарајте предложете правила и Вие и Вашето дете. Знаејќи дека и тоа учествувало во процесот на донесување на правилата и дека е тоа равноправен член во семејството, многу повеќе ќе го почитува договорот, отколку вие еднострано да му и наметнувате правилата. Да, ова бара многу повеќе време и нерви, но дава и ефекти и гради личности какви што посакувате да станат Вашие деца. А кој рекол дека родителствотво е лесно, за се треба и време, и нерви и трпение.
Казни и пофалби!
Казнувајте ги соодветно на постапката. Казната мора да има поврзаност со причината за неа. Доколку детето не напишало домашна работа, казната треба да е поврзана токму со учењето, а не на пример поради тоа да не му ја дадете дневната доза на чоколадо или сл. Пофалете го онолку колку што треба. За секоја успешно завршена активност или добро дело, детето треба да се пофали ама соодветно. Пример: доколку детето нацрта добар цртеж опишете му што точно Ви се допаѓа на цртежот, а не да фалите нереално како на пример имаш најубав цртеж на свет и сл. Детето треба да има права перцепција за реалноста и реални очекувања од себе.
Критикувајте ги активностите на детето, а не самото дете. Во комуникацијата со него не ја напаѓајте неговата личост, туку онаа постапка која не сакате да се повтори.
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Афазијата најчесто се појавува кај повозрасните лица, но во клиничката логопедска пракса, иако ретко, афазијата се сретн...

Дали вашето дете се чувствува нервозно кога треба да го напушти домот и да оди некаде без вас? Дали нервозата му предизв...

Децата страдаат од еден облик на амнезија заради која пред третата година не можат да создаваат долгорочно сеќавање. Пре...
