namesp во 10:12
Простување на неверство
Редакција Рингераја, 22.12.2011
Првото нешто што треба да го направите, кога ќе дознаете дека партнерот Ве изневерил, е да им дозволите на емоциите да се излеат од Вас. Доколку ги чувате во себе ќе Ви предизвикаат огромно количество на физички и психички стрес. Откако еднаш сте ја изразиле својата реакција, ќе можете да размислувате побавно и порационално. Ќе почнете да ја анализирате врската, чудејќи се каде почнала и зошто почнала да пука, а некогаш била толку прекрасна. Ќе почнете да си поставувате купишта прашања, на кои нема лесно да најдете одговор. Со тек на време се' ќе легне на своето место, но прво што треба да направите е да ги подредите сопствените емоции.
Запомнете, кога ќе ги изразите и подредите емоциите, не треба да му дозволите на неверството да владее со Вашиот живот, повеќе отколку што заслужува, без разлика што во овој момент мислите дека е крај на светот. Поентата е во тоа што Вашиот свет се променил и тоа е разбирливо. Бидете сигурни дека неверството на партнерот нема никаква врска со љубовта која тој ја чувствува кон Вас, ниту пак дека Вие сте направиле нешто погрешно во врската. Неверството е знак е дека постојат меѓу Вас значајни теми, кои треба да бидат разгледани. Нормално е да сте лута и да не можете мирно да поразговарате со својот партнер, без да бидете жестока во изразувањето. Натерајте го да сфати дека сте длабоко повредена и лута, бидејќи избрал погрешен начин за да се справи со брачните проблеми.
Од каде да почнете кога сте подготвени за разговор?
Ќе биде тешко да се фокусирате на дискусијата, ако се мачите претставувајќи си го самиот чин на неверство. Обидете се да бидете силна и избегнувајте ги непотребните болни мисли, кои на никаков начин нема да Ве натераат да се чувствувате подобро. Знаете што се случува кога двајца луѓе се интимни, па поштедете се од болка, барајќи детали. Фокусирајте се на изнаоѓање и утврдување на причините за неверството и изнаоѓање на начин по кој можете да продолжите напред, со нова и подобрена врска. Правилната комуникација е вистинскиот пат кон разрешување на проблемот, заради тоа поставувајте правилни прашања, слушајте со внимание и изнаоѓајте соодветни решенија за спречување на слични настани во иднина.
Гневот и другите емоции ќе се кренат, додека со партнерот ќе се обидувате да ги поправите и подобрите работите. Може да избувнете за време на дискусијата, кога потсвеста ќе Ве потсети дека партнерот Ве изневерил и направил да се чувствувате глупаво и повредено. Партнерот исто така може да биде вознемирен заради Вашите постојани напади, особено ако Ви признал и искрено Ви се извинил. Затоа, пред да почнете со разговорот уверете се дека сте спремни да имате трпение кон чувствата на другиот и да ги контролирате емоционалните изливи. Ако дискусијата почне да излегува од контрола, завршете и дајте си малку време. Можеби ќе треба да направите пауза од неколку дена, додека почнете да разговарате понормално. Одете чекор по чекор. На крајот на краиштата, доколку и двајцата сте донеле одлука да ги поправите работите, нема причина да брзате.
Откако ги ставивте картите на маса и востановивте каде се корените на неверството, може да се концентрирате на градење на довербата и простување. Да му простите на партнерот не значи да заборавите што се случило, туку дека сте ја прифатиле ситуацијата и подготвени сте да продолжите напред без да се враќате на овој случај во иднина. Сигурно дека нема да продолжите да му верувате слепо на партнерот, но треба да направите напор да почнете повторно да му верувате. Не можете да го набљудувате 24 часа на ден и не би требало да сакате да го правите тоа. Не очекувајте работите да се подобрат на магичен начин, зошто ќе се разочарате. Повторното градење на доверба, стабилност, цврстина и страст меѓу Вас ќе потрае одредено време, дури може да се вклучи и специјалист за брачни прашања, ако чувствувате дека сами нема да се справите со проблемот.
Од друга страна, повторното градење на самопочит, исто така ќе Ви помогне да го простите неверството. Предавството на Вашиот партнер може да нанесе сериозна штета на начинот на кој се чувствувате и гледате себеси. Може да Ви се чини дека сте помалку привлечна и не доволно оценета духовно и интелектуално. Свртете се кон себе и обидете се да ги пронајдете изгубените парчиња во претставата која ја имате за себе. Продолжете да повторувате дека неверството нема да ја промени прекрасната жена, која всушност е толку убава, посакувана, интелигентна и почитувана, како што отсекогаш била.
Чекор кон подобар живот
За да го избегнете враќањето кон минатото, прилагодете го срцето и умот кон создавање на нови, заеднички спомени. Стремежот кон нова среќа ќе Ви помогне да ја поправите врската и да се придвижите напред. Имајте романтични моменти и изградете поцврсто пријателство од порано. Постојано спомнувајте си дека никој не е совршен и дека секој заслужува прошка за своите грешки. Обидете се да се ставите на местото на партнерот и да ја почувствувате болката и жалењето што ги доживува. Ако искрено Ви се извинил и ветил дека повеќе нема да се повтори, тогаш отворете го своето срце и дајте му шанса. Работете како тим и давајте си меѓусебна поддршка. Време е да го оставите минатото зад себе, гледајќи на неверството како на научена лекција, која Ви помогнала да ја зацврстите Вашата врска.
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Семки од лубеница, лего коцки, пластични топчиња, грав. Списокот на работи кои детето може да ги голтне, или да ги стави...

Кризата на свеста претставува застрашувачко искуство за родителите – повеќето од нив имаат црни мисли за епилепсија, или...

Кај повеќето родители овој симптом предизвикува страв и итна посета на педијатар. Прво треба да се препознаат ситуациите...

KidzOMEGA е одличен извор на OMEGA 3 масни киселини EPA I DHA, со прекрасен вкус на портокал во кој ќе уживаат децата. ...
