namesp во 10:12
Мамо, може ли да одам на море со момчето?
Адриана Кучи, 29.7.2011
Читаме, разговараме едни со други, размислуваме, претпоставуваме, се едуцираме на различни начини и замислуваме бројни ситуации кои ни ги носи родителството.
Не знам за другите, но знам дека постојат многу старски митови кои се нарекуваат мудрости и на кои им ставам знак прашалник. Една од таквите изреки е онаа “Мало дете мала грижа, големо дете голема грижа”
Како мајка со седумнаесет годишно искуство, сеуште мислам дека е пострашна беспомошноста на бебето, а со самото тоа и на мајката, од било која друга ситуација со која сум се сретнала. Или сум имала среќа?!
А децата стануваат тинејџери некако наеднаш.
Имате чувство дека сте ги родиле вчера, дека се радувавте на нивните први зборови и чекори, заеднички ги изговаравте првите слогови, зборови и дававте совети за решавање на споровите со бунтовникот во градинката...
И сеуште тоа не сте го свариле, кога ќе сфатите дека со Вас во куќата живее бунтовна млада личност, чии познавања на техниката одамна ја надминале и можноста на Вашите мисли. И да, малку, ама само малку, личи на она бебе кое до вчера трчаше низ дворот.
Има секакви тинејџери.
Ако зборуваме за деца кои потекнуваат од потполни или непотполни, но функционални семејства, знаеме дека воспитувањето и добриот пример не се исклучиво мерило. Така некогаш ќе не изненади кога ќе слушнеме чие дете е во лошо друштво, или под влијание на современите пороци, а чие дете сигурно чекори низ животот, градејќи ја својата иднина на цврсти темели.
Мојата тинејџерка е весела девојка која вешто и самоуверено чекори по патот на образованието и сопствените интереси, ја фарба косата, скришно пуши – мислејќи дека пола пакетче мастики е доволно за да не ја откриеме, на време доаѓа дома, повремено го шири својот животен простор до неразумни граници, а потоа тврди дека тоа е креативен неред кој ја инспирира, слуша музика прегласно и покрај нашите закани дека ќе остане без звучници, се расправа со својата 14 години помала сестра – како со себе рамна и тврди дека сите казни, на кои понекогаш е изложена, се претерани...
Иако сум горда на неа, во основа, понекогаш знае да ме извади од кожа. И да ме шокира.
Најновото изненадување беше прашањето дали може на море со момчето и со неговото семејство!!!
Момчето е во таа улога – на момче, околу половина година, но години пред тоа и беше најдобар пријател. Така што тој аспект на непознавање на момчето и неговото семејство, кое со воодушевување ја прифати идејата и таа да оди со нив, за едно инстант НЕ – отпаѓа!
А би лажела ако кажам дека НЕ не беше мојата прва и единствена мисла.
Каков одговор да дадам? Ако кажам Не следува зошто НЕ?!
Кои причини се доволно рационални?!
Ако дозволувам зошто дозволувам?!
Како пред самите себе да си ја аргументираме одлуката?
Нашите пријатели кои доброволно прифатија да бидат анкетирани, со леснотија ни одговорија да и дозволиме да оди. И нивните причини ни се чинеа паметни. И јас и маж ми имавме само по една причина за негативен одговор. Исто паметна причина.
Една познајничка дури и ме потсети дека минатата година сум ја советувала да ја пушти својата ќерка на море и тоа сама со момчето и тоа во камп!
Што ли ми било?!
И дали отпорот кој го чувствувам кон позитивниот одговор во нашиот случај е реална родителска грижа или ирационален страв?! Дали е навистина, како што мене ми се чини, прерано за да се стекне со такво искуство и спомени? Или така ми се чини затоа што тврдоглаво не сакам да прифатам дека ќерка ми порасна?
Често се потсетувам на потписот на една членка на нашиот портал во кој пишуваше дека “Да мислиме дека детето не прави родители е исто како да мислиме дека клавирот не прави пијанисти”
Таа изрека ми се допаѓа.
И ми се чини многу точна.
Учиме, читаме, се обидуваме да сфатиме, се обидуваме да бидеме доволно строги, а истовремено и флексибилни, разговараме меѓусебно со блиските, се обидуваме да донесеме вистинска одлука која на крајот, и покрај внатрешниот отпор, мораме да ја донесеме.
И сеуште не знаеме дали правилно сме постапиле.
Бидејќи знаеме дека птиците пополека мораме да ги пуштаме од гнездото, да им дозволиме да ги рашират своите крилја, да одлетаат од нас и секогаш да ни се враќаат.
Знаеме дека немаме право од тривијални и себични причини да ги задржуваме...
Но не знаеме, едноставно и покрај се, кои причини се тривијални и себични, а кои вистински...
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Летот со авион за некои деца може да биде вистинско возбудливо доживување, но за други вистински кошмар.

Во дигиталната ера, електронските уреди како смартфони, таблети, компјутери и телевизори станаа неизоставен дел од секој...

Умерена дебелина кај децата е нормална под услов децата да се хранат здраво и со разновидна исхрана.

Што е првото нешто на кое се сеќавате кога станува збор за детството? Сигурно и вие имате непроценливо богатство од десе...
