Во бракот честопати ќе врне и дождот ќе го крие сонцето, но во тие денови доволно е само да делите еден чадор и заедно да ја преживеете бурата. Бракот има цел да ве направи тим, а конфликтите пак, се составен дел од бракот
Но, убавината на бракот е во тоа што ако сте ја одбрале вистинската личност, ако се љубите обострано секогаш ќе имате желба да ги поправите работите. Желба да си ги признавате и простувате грешките и да сте свесни дека тоа нема да биде последната грешка, ниту која сте ја направиле, ниту која сте ја простиле.
Бракот се темели на љубов,а љубовта пушта корени и прави свои патишта. Довербата, грижата, разбирањето, искреноста, посветеноста се гранките.
Конфликтите, пак, се составен дел од бракот. Тие не се само разлика во мислењата. Туку, серија на ситуации кои биле површно решавани и направиле подлабока штета. Имаат тенденција да достигнуваат степен до кој тврдоглавоста, гордоста и гневот ја попречуваат ефективната комуникација помеѓу брачните партнери. Коренот на повеќето брачни конфликти е недостаток на искреност, длабока искреност. И бракот е релација како и секоја друга само зачинета со најистакнатите човечки емоции. Затоа, искреноста е темел во наоѓањето на одговорите. Бракот не бара од вас да се откажите од тоа што сте вие, туку да бидите подготвени на промени во полза на заедничкиот мир. Постои период на адаптација во кој партнерите треба свесно да излезат од претходните улоги, да ги стават во мирување своите интереси и да се свртат кон новите улоги. Улогата на сопруг и сопруга е нов концепт на кој му е потребно време да се креира.
Искреноста дека тој концепт е нов и прифаќањето на реалноста ја забрзува и олеснува адаптацијата. Кога и двајцата партнери се отворени да го признаат тоа, никој не се чувствува како "чудак".
Да си помагате меѓусебно, ни тоа не значи да е безусловно. Помагањето е вистинско кога го давате она што му е потребно на другиот.
Затоа никогаш не го "истрчувајте" периодот на адаптација. Бидете трпеливи и создадете пријатна атмосфера во кои и на двајцата ќе ви е доволно удобно.
Бракот треба да биде едно прекрасно патување полно со предизвици, а секоја заедничка победа - дупло уживање.
Се што се дели станува поголемо, а заедно сме посилни, нели?
Нека биде по твое
Паровите кои неодамна стапиле во брак и сеуште учат како да се сносат со меѓусебните разлики имаат тенденција да се обидуваат да ги решаваат работите избегнувајќи да се соочат. Се предаваат пред воопшто да погледнат во срцето на проблемот. Ако се чувствувате како да пливате постојано во водите на едниот партнер, на крајот ќе откриете дека сте уморни од овој образец и ќе почнете да го менувате својот став кон следна фаза.
Нека биде по мое
Откако партнерите се исцрпиле со игнорирање на сопствените потреби, почнува пресвртот. Партнерот кој ги потиснувал своите мисли за себе, одеднаш сфаќа дека тоа придонесува да се чувствува мизерно и почнува да ги исполнува доминантно своите ставови во секоја прилика.
Нека биде на било кој начин
На почеток, партнерите ентузијастички пристапуваат кон ова мислејќи дека е решение. Дека се ослободиле од егоцентризмот. Веќе до оваа фаза партнерите пробувајќи безуспешни начини дозволуваат да се наталожи гнев. Во овој период од бракот се соочуваат со стресни и нови ситуации како: родителска одговорност, финансии и бурни распореди. Помеѓу неефикасниот стил на решавање на конфликти и притисоци околу нив, паровите шможат да започнат да се сомневаат во нивната компатибилност.
НЕКА БИДЕ НА НАШ НАЧИН
Оваа фаза е решението. Во оваа фаза се вклучени меѓусебни преговори и компромис. Се отвораат конфликтите и им се погледнува во очи. Секој од партнерите е подготвен да погледни во себе и без обвинување, да преземи одговорност за сопствените постапки. Да ги прифати потребите на другиот дури и оние навидум "неразумните". Да се пронајди заедничко решение или да се прифати брачно советување со иста цел - возвраќање на рамнотежата во бракот.
Ако размислувате на развод само затоа што сте едноставно несреќни сега, тогаш немојте...
Време е да се вратите таму каде бевте среќни
- Дискутирајте за ситуациите смирено и потполно искрено
Ги одбирате ситуациите кои предизвикале негативни чувства во вас и ги сменувате позициите. Најважниот момент тука е искреноста, моментот кога во фокусот на вашето зборување ќе сте вие, а не другиот тогаш сте достигнале целосна искреност. Доколку се појави гневот само се повлекувате од разговор и му давате простор да ве подготви за следен чекор.
- Одете во омилениот ресторан
Можноста за ескалација на ситуацијата пред други луѓе значително опаѓа. Земете предмет во раката и поставете правило, оној кој го држи предметот има право да зборува додека другиот внимателно слуша. Потоа парафразира со цел суштински да се разберат туѓите потреби. Тоа го правите додека не се почувствувате целосно ослободени.
Враќање кон убавото
Кажете си или напишете си убави зборови еден за друг. На почеток, ќе биде вештачки и не толку едноставно, но дозволете им на убавите мисли да си најдат пат до вас. Тие убави мисли со себе ќе донесат и убави емоции кои ќе ве вратат кон чувството заради кое и вреди да се борите за вашиот брак.
Во овие фази бидете подготвени на работа на себе како и меѓусебна. Опуштете се и верувајте дека одговорите се во вас, гневот привремено ги потиснал. Или можеби ви дал време да ги зајакнете и да им се вратите посреќни, кој би знаел...
Вреди да се проба.
Извор
Марија Чапе, дипломиран психолог
@zero_limits_psychologist
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар: