namesp во 10:12
Доењето и предвреме роденото бебе?
Редакција Рингераја, 9.6.2010Кога бебето доаѓа предвремено, неговиот живот е втурнат во критична ситуација. Вашето бебе ќе биде веднаш пренесено на интензивна нега, ќе биде поврзано на апарати за дишење и постојано ќе се следи неговата состојба. Вие нема да бидете во можност да го допрете и да го прегрнете. Грижата околу интензивната нега на бебето и спасувањето на неговиот живот, ќе ви ја засенат секоја друга грижа. Затоа ќе се запрашате со загриженост “Можам ли да го дојам своето бебе”.
Да, можете! Постојат многу добри причини за да почнете да го снабдувате вашето бебе со мајчино млеко. Тоа е нешто што само вие го можете да го направите и ви овозможува да имате поактивна улога во заштитата на бебето. Мајчиното млеко е совршено прилагодено за потребите на предвреме роденото бебе. Колострумот и мајчиното млеко содржат бели крвни клетки, антитела и други важни имунолошки својства кои ќе му помогнат на бебето да биде отпорно на инфекции.
Доењето на предвреме роденото бебе воопшто не е лесно. Ќе морате да користите пумпица за измолзување, додека бебето стане доволно зрело за директно доење. Одбравме некои основни прашања и одговори, за да ви помогнеме да започнете со хранење на вашето бебе со ваше млеко, додека сте во болница.
Кога може да почне да се дои предвреме роденото бебе?
Ако вашето бебе е стабилно и релативно добро, доењето може да се воведе постепено откако ќе достигне минимална тежина потребна за да не биде во инкубатор (околу 2 кг). Пред оваа фаза измолзеното млеко може да му се дава на бебето преку цевка за хранење, а бебешкиот интерес за хранење да се стимулира преку контактот кожа на кожа.
Како да започнете?
Ќе треба да почнете со измолзување еден ден по раѓањето на бебето, или истиот ден, доколку сте во можност. Некои мајки преферираат да се измолзуваат со рака. Медицинската сестра, или советникот за лактација треба да ви ја покажат техниката на измолзување со рака и со пумпица. Откако ќе надојде вашето млеко, потребна ви е добра пумпица за измолзување. Најдобро е да користите електрична пумпица и ако чувствувате непријатност при измолзувањето, наместете ја на помала брзина. Со тек на време ќе бидете во можност да ја зголемите брзината на вшмукување на пумпицата.
Колку често и колкав временски период треба да се измолзувате?
Првите два-три дена, додека ви надојде млекото, треба да се измолзувате по 5 минути на секои три часа и еднаш во текот на ноќта. Откако вашето млеко ќе дојде (без оглед на неговата количина) треба да се измолзувате 6-8 пати во текот на 24 часа и комплетно да ги испразнувате градите. Ќе мора да изнајмите или купите електрична пумпа за домашна употреба.
Ако вашето бебе е подолго време во болница, спијте преку ноќ без измолзување, но не повеќе од 8 часа без да се измолзите. Кога ќе бидете сигурни дека вашето бебе за скоро се враќа дома, почнете да се измолзувате почесто во текот на ноќта.
Што може да сторите за да ја зголемите лактацијата?
Одржувањето на мајчиното млеко е многу тешко. Еве неколку сугестии од мајките кои родиле предвреме:
- Течности и одмор – Стресот и заморот што ве придружуваат кои имате предвреме родено бебе можат да бидат контра-продуктивни за лактацијата. Добрата исхрана и внесувањето на течности се од суштинско значење за одржување на млекото. Ако се чувствувате истоштено најдобро е да поминете ден-два во кревет и да се разбудувате само за да јадете и да се измолзите.
- Зголемете ја фреквентноста на испумпување – Повеќето жени сметаат дека кратките пумпни сесии даваат поголеми резултати од долгите, на пример 10 минути на секои три часа, наместо 20 минути на секои три часа. Мора да експериментирате и да дознаете што има најголем ефект и што е најдобро за вас. Ако бебето е сеуште во болница, можеби не ќе можете да ја зголемите фреквентноста.
- Билни и медицински препарати – Постојат различни хербални препарати кои ја поттикнуваат лактацијата и обично се достапни во продавниците за здрава храна. Добри се за лактацијата, но немојте да користите во исто време премногу!
- Техники на измолзување – Мајките на предвреме родени бебиња имаат откриено дека топлите облоги и благата масажа им помага нивните гради да се опуштат пред измолзување.
Што ако вашето бебе не напредува доволно?
Ако вашето бебе не добива доволно на тежина, препорачливо е да го дополните доењето со млечна формула. Тоа не значи дека не сте успеале и не треба да се откажете од напорите да го доите бебето. Можеби е само минлив период во прашање.
Што ако бебето не вшмукува добро?
Некои предвреме родени бебиња никогаш не ја развиваат доволно техниката на вшмукување од мајчината дојка. Можете да го храните бебето со ваше млеко преку шишенце. Добро е да давате наизменично комбинирана исхрана од ваше и адаптирано млеко (ако бебето не напредува добро само со ваше млеко)
Дали вашето бебе ќе страда ако се откажете од доењето?
Не, вашето бебе нема да страда, ако не сте во состојба да му обезбедите мајчино млеко. Понекогаш и при најголеми напори лактацијата едноставно не се зголемува. Одржувањето на лактацијата не е воопшто лесна, особено со предвреме родено бебе. Стресот, вашата психичка состојба и секојдневната неизвесност влијаат на количините на млеко кои ги произведува вашето тело.
Кај некои жени, кои го одржувале млекото со измолзување, забележан е пад во количината на млекото после 6 недели. Понекогаш ова може да се надмине и млекото да се врати, а понекогаш и не.
Може ли сопругот некако да помогне?
За мајките кои имаат предвреме родено бебе, поддршката на сопругот е многу важна. Тој треба да ја поттикнува мајката да се одмора, да оди на шопинг, да готви, да биде покрај неа во текот на бескрајните сесии на измолзување, нудејќи и поддршка, нудејќи и списанија и видеа, за да и го направи подносливо времето до враќање на бебето дома.
И не заборавајте да ги пофалите! Мажите кои ги негуваат своите сопруги низ овој долг и макотрпен пат, му помагаат на своето бебе да добие уникатен подарок – млекото на нивната мајка.
На повеќето мајки нема да им успее да го одржат своето млеко толку долго и покрај сите напори и желби. Во овие тешки моменти за мајката сопругот треба да и ја даде љубовта и поддршката која е и потребна.
Ви посакуваме многу енергија, љубов, трпение и што поскоро да го држите бебето во ваша прегратка!
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Оралното здравје на децата е основен чекор за одржување на целокупното здравје во текот на животот. Всушност, тоа е од с...

Без оглед на налепниците и внимателното читање на составот, постојат големи шанси да јадете и несакани додатоци во храна...

Ги повикавме мајките на Facebook да ни кажат кои им се омилени имиња за девојчиња. Еве го нивниот избор

Семејството веднаш по крштевката на малиот принц Џорџ е фотографирано и изгледа прекрасно.Малиот принц беше обле...
