namesp во 10:11
Beatris RR: Мојата породилна приказна
Редакција Рингераја, 30.7.2012
Моментот кој го очекувате цели девет месеци, а едвај чекате да помине. Моментот за кој живеете и мечтаете цел живот, а кога ќе дојде - умирате од страв. Единствениот момент во кој сите болки, солзи, стравови и трепети ви ја носат најголемата среќа во животот.
ВАШИОТ момент на породување!
Детали
Ник: Beatris RR
Датум на породување: 01 мај 2011 година
Тип на породување: со царски рез
Болница: ГАК
Солзи, насмевка, измешани чувства... Кое си ти ангелче, од каде ли дојде, ти ли си тоа мало човече чии слики од ехо со месеци беа закачени со магнетчиња на фрижидерот? Ова ли е тоа лиценце чии црти ги проучував со часови на единствената снимка која ја имав додека безгрижно си пливаше во мешето.
20 август 2010 година. Пеколна жештина. Ги средувам малкуте обврски кои ги имам на работа и размислувам каде да избегам на пауза. Додека излегувам од зградата на памет ми паѓа мислата: Кој датум сме? Требаше да добијам до сега… Нема шанси да сум бремена, па не може тоа така одеднаш. Имено, истиот тој месец со сопругот се договоривме дека нема да користиме заштита и дека би сакале да имаме бебе, па кога дојде- добродојде. И иако не верував дека би можело да се случи од првиот обид, сепак решив да поминам од аптека да купам тест за бременост. Одејќи по пат да се најдам со една пријателка, со тестот за бременост во ташна, веќе се радував на идејата дека можеби е позитивен. Седнавме на кафе во Фиренца, и кажувам за моите ‘фикс’ идеи и пред да дочекам да ми каже што мисли веќе бев горе во тоалетот да го направам тестот.
Чекам, чекам, ама втора линија НЕМА! Многу се разочарав, ама некако нешто од внатре не ми дозволуваше да се помирам со резултатот. Почнав да се убедувам дека до сега сигурно имам испиено 2л вода и дека тестот не го регистрирал ХЦГ хормонот. Едвај чекам да дојде сабајле за да направам нов тест.
Две линииии!!! Една побледа ама две се! Еве ги види! - викам низ спална како побудалена. Маж ми со пола подотворено око вика “A?” Какви линии, што си се развикала? Му објаснувам што е и како е, во истиот момент рипа од кревет, се радуваме како мали деца.
Истата вечер требаше да биде мојата моминска вечер. Се прашував како да им одолеам на сите коктелчиња кои ќе се спремаат, другарките имаа викнато коктел мајстор специјално за таа пригода. Сокот од црвен портокал ми изгледаше “најкоктелски”, и декориран со портокали и чадорчиња беше ист како и на сите други. Си викав во памет дека не сум нормална, не кажав на ниедна другарка, а му кажав на коктел мајсторот.
Ама така решивме, дека пред свадбата ќе кажеме само на најблиските. Така и беше. Сите беа неизмерно среќни. Два пара баби и дедовци со насмевка од уво до уво.
Свадбата помина прекрасно, невестата (и идна мама) седна само за сликање. Играње, лумпување цел ден...
Малата точкичка во мешето почна да расте. Со нетрпение ја чекав секоја наредна контрола, кога почнав да ги чувствувам првите движења не постоеше посреќен човек. 9 месеци “разговарав” со моето девојче, ја ‘галев’, и пеев... Се радував на секое купено бенкиче и блузиче, уживав гледајќи ги сите тие малечки алиштенца, по 100 пати ги редев и прередував.
Одминуваа месеците, а јас не можев да дочекам да се запознаеме. Торбата за во болница ми беше спремна уште на почетокот на 9-ти месец. Но, мојата пеперутка реши дека нема да биде како сите бебиња и да виси со главата надолу, туку ќе си седи исправено. Па ајде ти се молам, зарем ќе дозволи така да падне на глава, спремна има на нозе да се дочека. И нормално, свртена така наопаку, јасно и ‘гласно’ реши да се роди со царски рез. Неделите си поминуваа, а јас ни Б од болки. Помина и терминот, а јас после секоја контрола разочарано си го враќав куферчето дома.
Како ти се допаѓа 1ви мај? – ме праша докторот. 1ви??? А зошто не сега, еве денес на пример, спремна сум, можам да останам! – ги изнасмеав сите таму.
И така за последен пат ме испратија дома, ама барем датумот беше утврден. Мислам дека таа ноќ воопшто не заспав, само гледав во часовникот и се чудев зошто времето толку бавно поминува.
Кога веќе бев во болница, едвај чекав да влезам во операционата сала. Додека се одвиваше ‘раѓањето’, цело време си правевме муабет со докторот и сестрите, се сеќавам дека нонстоп прашував – Е уште колку?
Конечно, го слушнав најпрекрасниот плач кој ми го стопи срцето, на моите гради се најде најмалечкото, најубавото и најмекото нешто... Во тој момент времето застана, останавме само јас и мојата принцеза, плачот престана, очињата и беа широко отворени, гледаше во мене, а јас никогаш нема да можам да го опишам тоа чувство, никогаш нема да го заборавам тој мирис, и бакнежот на нејзиното главче кој траеше цела вечност.
Може ли и ние да се запознаеме со неа? – ме праша докторот. Може – одговорив, Ова е Ања!
И сега, гледајќи наназад, можам да кажам дека никогаш не би ги заменила каканите пелени, ни непреспаните ноќи, ниту мојата бушава фризура со ‘оној живот’ од порано. Моето сонце секој ден ‘огрева’ зад оградичката од своето креветче, и не е ни битно колку е часот, и дали она другото сонце надвор веќе огреало или не, нејзините зраци ми го огреваат срцето и ја осветлуваат и најтемната мисла. Мојот живот конечно е комплетен. Велат цело е кога има се, НЕ! – Цело е кога моето сонце се смее, останатото слободно може малку и да задоцни...
Секој ден му се заблагодарувам на Господ што ми ги подари најубавите две светли очиња, најмеките мали обравчиња, најпргавите две речиња и најслаткото усте на светот кое со најмилозвучен звук го изговара зборчето МАМА. А таа мама сум јас, да јас! Па зарем некој може да посака повеќе?
Ваша Beatris RR
Сакате да ни ја испратите вашата приказна од породувањето?
Прочитајте како во статијата Породилни приказни.
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
...Твојата мудрост е безгранична. Оној, кој Ти го љубиш, Ти неповреден ќе го сочуваш преку твојот ангел од секакви напад...

Клетките на растечкиот ембрион започнуваат да лачат хормон наречен хуман хорионски гонадотропин или hCG, супстанција кој...

Сигурно многу од вас се запрашале како порано жените правеле тест за бременост? Многумина од вас сигурно сметаат дека то...

Дали сум бремена? Кога да направам тест за бременост? Кој тест за бременост е најточен?
