|      
Сакаш да се откажеш?
Пред да ја потврдиш својата одлука, запознај се со последиците од таа одлука.
Доколку го потврдиш своето откажување, на твојот комјутер ќе наместиме cookie, кој ќе ни овозможи, во текот на натпреварот (14.03 - 18.03.2016) при посета на порталот да те препознаеме и да овозможиме слободно користење на порталот, без прикажување сликички, односно контролор на играта од десна страна на екранот.

Истовремено ќе бидат одземени сите собрани поени. За жал, со откажувањето, губиш и право на награди.

Дали се уште сакаш да се откажеш?
Рингераја.мк користи "колачиња" за обезбедување подобро корисничко искуство, следење на посетеноста и приказ на огласи. Поставките за прифаќање на колачињата ги прилагодувате во вашиот пребарувач.
Со продолжување на користењето на сајтот се смета дека се согласувате со користење на колачињата за наведените цели. За продолжување кликнете “Во ред”.   Дознајте повеќе.

Живот во улоги. Интервју со Снежана Конески Руси

Гордана Симоновска Момироска, 25.6.2025
Таа е актерка која не игра за аплаузот, туку за вистината зад секој лик. Разговор со актерката која ја претвора секоја сцена во искуство – Снежана Конески Руси.

image
Снежана Конески Руси
/11


1. Порталот Рингераја чие име само по себе буди слики од детскиот свет – безгрижни игри, смеа и љубопитност – е посветен токму на оние мали моменти што ја градат нашата иднина, а Вие сте личност која често и гласно зборува за љубовта кон децата, па верувам дека во себе носите и силни сеќавања од сопственото детство. Кои се вашите први асоцијации штом ќе се вратите мисловно во тие безгрижни години, какво детство вие имавте и постојат ли совети од родителите што ги применувате до денес?

- Името на Вашиот портал допре до најдалечните денови од моето детство, 50-те години од минатиот век минати во Србија, Југославија и “ринге, ринге, раја, дошо чика Паја “... Тоа се можеби мои први изговорени стихови, па испеани, како и песната, играта “Иде маца поред тебе, пази да те не огребе“  со децата во едно маало, на воени лица, на ул “Филипа Кљајича“ во Ниш (мојот роден град). Паметам запознавање со спомен обележја во Крагуевац- Спомен парк, Велики школски час, Ниш - Ќеле кула, Белград, Нови Сад, летање високо со авион (татко ми беше воен пилот), приземјување, танцување со чипкан чаршав во домашни услови и на отворен простор. Слушав коментари, детево што ќе биде историчар? Не, Пеач? Не, Балерина?!...

60-те години татко ми доби прекоманда во Скопје и ние пак во едно маало на воени лица населба Пролече. Прекрасно маало, преполно деца, сите пред нашата зграда, со голем озеленет простор создаден за многу игри (брканица, жмурки, камај, баш челик, игри со џамлии, правење кимца во земјата и што ти не). Дишев слободно, се правев главна, ние први имавме телевизор, па сите деца доаѓаа кај нас, седевме во нашиот салон, гледајќи  популарни емисии за деца: Мендо и Славица, Коцка коцкица и др. Иако ме викаа малото српче, детето Снешка, за да го совлада македонскиот јазик, многу читаше бајки, сказни, па ги играше, раскажуваше пред децата на скалилата во третиот влез на зградата бр.15. Можеби први знаци за глума на отворена сцена?...Што ќе биде детево? Кој знае..

Во населбата имаше и еден Дом на културата, каде вежбаа, свиреа неколку познати скопски групи, а ние децата слушавме, ѕиркавме преку прозорците. Се пројави желба кај мене за некој музички инструмент. Татко ми ми купи хармоника, свирев по слух , придружувајќи го него кој пееше песни на руски јазик, а знаеше и некои стари македонски песни. Можеби детево ќе биде музичар?

Совети? Не, немаше, или не ги паметам, но наредби – да. Во домот постоеше ред и дисциплина, секој го знаеше своето место и својата задача, купување леб од фурната во Мичурин, одење во библиотека, читање нова книга,чистење - светнување на чевлите на тато, пазарување, играње, одење во школо, учење. Ќе речете мачно, не. Логично, кога татко ти е воено лице јасно е дека се мора да биде под конец, како на работа така и дома. Конец? А конецот се плеткаше и низ моите раце. Дедо шнајдер, мама шнајдер, па и Снешка – логично велеа ќе биде шнајдер? Да? Не? Сепак Снешка не стана шнајдерка, но умееше мошне вешто да крои и шие алишта за своите кукли,па и за себе.

2. Деновите на детска радиодрама, како реагираа родителите на Вашиот ангажман таму?

- Земјотресот 63-тата година ми го откри радиото. Го видов привремениот објект на Радио Скопје кај Арапска куќа, ги слушав звуците на оркестарот, свиреше во живо, се пренесуваше тон, говор, ја почувствував улогата на радиото меѓу настраданото население. Следеше мој прием во Детската радио драма на Радио Скопје, со седиште во Нерези. Паметам прекрасна дружба со Зафир Хаџиманов, Коле Ангеловски, Виолета Џолева, Наум, Љупка Димитровска, па Зоран Јордановски, Зоран Крстевски и др. Работа, снимање, но и забава, шетање, годишни одмори, подароци. Сакав да ги слушам доајените на Радио драмата, Цветанка, Зорица, Таска, Спасе, Шаурек, Божо, Мајсторов, Боби Автовски. Со нив разговарав, учев, снимав. Едвај стасував до микрофонот, ме качуваа на едни скалила и така можев да парирам на големите актери и на поголемите деца. Мојата височина беше мој проблем, добар гимнастичар, спортист, спринтер, а не може да учествува на годишните слетови на плоштадот во Скопје. Но, моите наставници најдоа решение, Снешка на бина со микрофон во рака и водител на целата церемонија. Моите родители, наставници горди, горда и важна Снешка. Се роди ли мал водител? Се откри ли тука нешто од идната професија на Снешка?

3. Што Ве натера да се занимавате со актерство, дали имавте и друга опција за студирање или тоа беше единствената?

- Се ме интересираше, немав проблем со ниеден предмет во основното и во средното училиште (гимназија Цветан Димов – математички смер). Прогласена за најдобар ученик, наградена со часовник, а не можев да се определам за темата за полагање матура, прво математика, па атомска физика, и наеднаш се свртев на македонски јазик – античка драма – “Антигона“ од Софокле. И што натаму?

Моите очекуваа запишување на правен факултет како татко ми, но не инсистираа, што сакаш - велеа, а што сакаше Снешка?

Радиото превзеде значајна улога во тој правец. Спикерите Оливера Попанкова и Иван Антонов ме вклучија во спикерската група на Радио Скопје, како одличен млад кандидат, веќе добар познавач на македонскиот јазик и способен да чита прима виста. Детето Снешка умешно читаше вести, на прва и втора програма, водеше пладневен радио весник, водеше младински емисии со Марко, Огнен, под палката на Чоловиќ, снимаше емисии со различен карактер, слушаше совети од своите постари колеги, безрезервно прифатена од нив. Ме чуваа како свое дете, прифаќаа  дружба со мене, особено постарите, Оливера, Нада, Веска, Љупка, Миле Попов, Саздов, Беличанец, Тегов и др. и по добро се паметиме. А со Благој Крстевски споделивме и една суспензија поради неконтролирана смеа. Дали смените во работата(рано утрински од 04 часот, вечерни до 24ч) или постојаниот статички партнер – микрофонот, ме натераа да се пријавам на Факултетот за драмски уметности? Дури и професорот Илија Милчин ми сугерираше, гледајќи ги моите одлични оценки во дипломата, да одам на друг факултет. И тука имав интересни професори – Корубин, Донева, Милчин, кои не ме испрашуваа, туку разговараа со мене на испитите. Бев забележана од театарските дејци - Ќостаров и Ставрев, јас така мала, а гласна. Значи височината не игра секогаш главна улога. Мене пак, ми помогна да растам играјќи најразлични улоги – улоги на дете, момче, девојче, девојка, невеста, слугинка, господарка, стасав и до мајка.

Но имав постојана дилема – да се остане во радиото, или да се појде во театар. Во театар или на ФДУ, професор по актерска игра и сценски говор. Се уште не се чувствував доволно возрасна за да бидам педагог, уште истражував, се разоткривав како актер. Работата со режисерот Џолева, на неколку драмски претстави влијаеше да се префрлам во МНТ. Моите родители не ме видоа на сцена. Зошто? Видоа диплома со оценка 9,57 и награда – златен часовник за најдобриот  студент на факултетот во Скопје.

4. Како се снаоѓаше со обврските што ги носи твојата професија кога стана и мајка?

- Не бев видена на сцена, оти татко ми замина (почина, или загина 75-тата во Бугарија), а јас заминав во друго семејство – семејството Руси. Нов период за младата актерка Снешка, дружба со семејството на Прличко, со Анче и Ацо Џамбазови и веќе бев опфатена со театарската зараза. Играв скоро во секој проект од театарскиот репертоар. Време распределено за проби, претстави, телевизиски гостувања и снимања, нахсинхронизации и др. А фамилијата  очекуваше од мене вистинска улога – улога на  мајка. И тоа го испланирав. Си реков – ај да го видам и тоа чудо. Бидна, со операција(царски рез) се појави нашата Јана. Важно беше доброто организирање на времето, во тоа умешно пливав, но имав и голема помош од мојата мајка, од пријатели, соседи. Брзо се вратив на сцената, каде со нетрпение ме очекуваа колегите и улогите. Тоа сепак беше, е и ќе биде мое прво семејство.

5. Кога ќерката порасна, дали пројави желба и таа да тргне по твојот пат, или можеби е тоа желба на некои од твоите внуци ?

- Ако некој беше против мојот професионален избор(актер), тоа беше ќерката, која и отворено го покажуваше своето противење, инсистирање да има мајка покрај себе. И не ме зачуди нејзиниот избор, да не биде ни како таткото-новинар ни како мајката-глумица. Кај нејзините деца гледам знаци за себепромовирање, особено кај поголемиот внук Павел, па лесно го вклучив во надсинхронизација на цртани филмови и во реализација на театарски проекти на Црвениот крст.

6. Твое мислење за децата актери кои сега зачекоруваат на штиците што живот значат?

- Деца глумци – потребни отсекогаш. Во денешно време можеби е и моден тренд, но ако редовно ги следиш, особено преку членство во детските драмски студија, лесно можеш да ги откриеш нивните природни квалитети и правилно да ги насочиш без дополнителен притисок.

7. Гледано од денешна перспектива, што би им препорачала на младите, а и на родителите чии деца сакаат да се занимаваат со актерство?

- Користам некои цитати од Аристотел:

Образованието на умот без образование на срцето – не е комплетно образование.

Енергијата на умот е суштина на животот.

Животот е цела уметност, да се живее значи од себе да се направи уметничко дело.

Биди свој, другите улоги се веќе преземени.

Да скратам, слушајте го своето срце. Само ако се сака се се може. И најважно – читајте,читајте и читајте.

8. Какви импресии носиш од Меѓународниот драмски фестивал за лица со и без хендикеп „Игри без маска -театар без дискриминација“ во кои 8 години беше уметнички директор, каква беше вашата соработка со Здружениетое на граѓани „Свет на Различни, а Еднакви“ од Скопје?

- Едно, мое, можеби случајно учество на Меѓународниот драмски фестивал Игри без маска, како режисер на проект на ООУ од општина Карпош, ми отвори ново поле за соработка и дружба со главниот лик на оваа манифестација – Гордана С.Момироска, наша Гоца. Се запознав и со другите учесници на фестивалот, дознав по што е специфичен, научив кои се лицата различни а еднакви, која е суштината и целта на овој настан, кој од денешен аспект гледано, изоде 8 години постоење и спроведување инклузија на типични и атипични лица на полето на драмската уметност, како основен елемент за себепронаоѓање во општеството. И тука се изнајдовме со Гоца – поточно со тебе, ти пишуваше стихови, дијалошки форми за различните, Снешка ги реализираше и поставуваше на сцена, ги откривавме нивните таленти, ги снимавме, архивиравме, патувавме до секоја дестинација низ Македонија, во Дневните центри, ги обучувавме децата, воспитувачите, практициравме различни работилници, создававме екипи, дружења на македонски и странски екипи, креиравме нови сценарија, нови перформанси, го потврдивме статусот на единствен таков фестивал на Балканот кој се реализираше во Македонскиот народен театар. Такво меѓусебно надополнување на авторот Гоца и актерот Снешка тешко ќе пронајдете во денешно време. Кој мислеше дека пандемијата на ковид ќе го стопира овој наш фестивал.

10. Токму поради таа наша плодна соработка, голема е честа токму јас да го водам ова интервју со Вас, особено што децата и театарските игри ни се заедничка слабост. Но како што кажавте, фестивалот за сега останува во мирување поради добро познатата „болка“, финансиска поддршка. Па кажете ни кои се Вашите поонатамошни планови за во пензионерските денови? 

– И кога прашувате за идните планови во пензиските денови, прво што ќе речам е - ревитализирање на Меѓународниот драмски инклузивен фестивал ИГРИ БЕЗ МАСКА. Се има уште енергија, желба, љубов, идеја да се сретнеме повторно со нашите соработници од земјава и од странство и да се натпреваруваме на театарската сцена со свои проекти. А мојата дејност во реализација на претстави за деца, не престанува.

Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:

Контактирајте не
Сакате посебна понуда за огласување наменета за Вашата компанија, сакате да испратите текст за објавување до нашата Реда...
3
Рингераја - приказна за нашето семејство!
Рингераја е повеќе од медиум, Рингераја е пријател, Рингераја е советник, Рингераја е рамо за плачење, Рингераја е помош...
2
Соработка со Рингераја
Отворени сме за соработка, доколку сте заинтересирани Ве повикуваме да не исконтактирате.
2
Рингераја времеплов
По што ќе ја паметиме годината која изминува?
2




Анкета

Мобилен телефон.
пеперутка16

Дали сте застапник на купување мобилни телефони за деца на возраст од 2, 3, 4 години...?