AniJo во 19:13
на тема RE: Сурогат - мајка !?!
За да се направи ПАП тестот потребни се два чекори. Во првиот чекор гинекологот зема површни клетки од грлото на матката со нежно гребење користејќи или дрвена шпатула или специјална четкица. Во вториот чекор вака земените клетки се нанесуваат на стакленце и веднаш се фиксираат со специјална хемикалија. Фиксираните клетки се носат на боење по Папаниколау во одделите за патологија. На крајот патолозите ги гледаат под микроскоп обоените клетки, ги оценуваат, а резултатот го испраќаат назад кај гинекологот кој понатаму истиот и го соопштува на пациентката.
НЕГАТИВЕН ПАП ТЕСТ значи дека во клетките на грлото на матката не биле видени никакви промени и поради тоа тие се сметаат за здрави. Ваквите пациентки треба да имаат нареден ПАП тест по 12 месеци.
ПОЗИТИВЕН ПАП ТЕСТ значи дека во клетките на грлото на матката биле видени одредени промени. Меѓутоа, пред да започнеме со било какво лекување потребно е да се направи уште една постапка која треба да утврди дали овие промени навистина постојат. Ова е од причина што ПАП тестот е само скрининг метода, односно брза метода за проверка на здравјето на клетките од грлото на матката. Со наредната постапка се врши детален преглед на грлото на матката користејќи еден вид микроскоп при што треба да се пронајде точното место кое го направило ПАП тестот позитивен и од тоа место да се земе биопсија (односно мал дел од ткивото). Биопсијата се испраќа повторно кај патолозите. Дури кога ќе се добие овој резултат ние ќе знаеме дали е потврден или негиран резултатот од ПАП тестот, се дотогаш тој е само претпоставка и не треба да се смета за дефинивна дијагноза. Дијагнозата се поставува исклучиво врз основа на хистолошкиот препарат добиен со колпоскопска биопсија од заболеното место, а никако врз основа на Пап тестот.
ПОЗИТИВЕН ПАП ТЕСТ значи дека патологот кој го рапортирал ПАП тестот видел клеточни промени во површните клетки на грлото на матката. Овие клеточни промени се опишуваат на еден начин но се класификуваат на различити начини од кога е воведен ПАП тестот во далечната 1943 година. Тоа на некој начин предизвикува конфузија во разбирањето на ПАП наодот. Во почетокот, односно од 1943 до 1970 година, промените во клетките се класификуваа како промени од прва група, промени од втора група и така се до промени од петта група. Оваа класификација претрпе измени во шеесетите години од минатиот век така што од 1970 година почна да се применува нова класификација: ЦИН 1, ЦИН 2 и ЦИН 3. Во 1991 година и оваа класификација е променета и одтогаш се користат термините ЛСИЛ и ХСИЛ, односно клеточните промени се опишуваат во зависност од нивниот потенцијал да преминат кон ракови клетки. ЛСИЛ означува клеточните промени кои имаат низок птенцијал за премин кон ракови клетки додека ХСИЛ означува клеточните промени кои имаат висок потенцијал за премин кон ракови. Промените во класификацијата на клеточните промени произлезе од потребата за поефикасно лекување и спречување на најтешката последица од нелекуван позитивен ПАП тест а тоа е рекот на грлото на матката. Во табелата подолу се дадени споредбено сите три класификациони системи.
Класификација на клеточните промени | |||
Опис на клеточните промени | Втора класификација (1970 - 1991 год) | Трета (најнова) класификација (1991 до денес) | Прва класификација од 1943 год (не се користи повеќе) |
Нормални клетки (без промени) | Нормално | Нормално | Класа I |
Реактивна или Неопластична Атипија | Атипија | АСКУС (2) | Класа II |
ХПВ (Хуман Папилома Вирус) | ХПВ | ЛСИЛ (Промените имаат мала веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа II |
Атипија со ХПВ | Атипија, (може да биде кондиломатозна и коилоцитна) | ЛСИЛ (Промените имаат мала веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа II |
Блага Дисплазија | ЦИН 1 | ЛСИЛ (Промените имаат мала веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа III |
Умерена Дисплазија | ЦИН 2 | ХСИЛ (Промените имаат висока веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа III |
Тешка Дисплазија | ЦИН 3 | ХСИЛ (Промените имаат висока веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа III |
Карцинома ин ситу | Ca in Situ (CIS) | ХСИЛ (Промените имаат висока веројатност за премин кон ракови клетки) | Класа IV |
Инвазивен Карцином | Инвазивен Карцином | Инвазивен Карцином | Класа V |
Опис на кратенките:
ЦИН = Цервикална интраепителна неоплазија (Cervical intraepithelial neoplasia - CIN)
АСКУС = Атипични полочести клетки со неодредено значение (Atypical squamous cells of uncertain significance - ASCUS)
АГЦУС = Атипични жлездени клетки со неодредено значение (Atypical glandular cells of uncertain significance - AGSCUS)
ЛСИЛ = плочести интраепителни промени од низок степен (Low grade squamous intrapeithelial lesion - LSIL)
ХСИЛ = плочести интраепителни промени од висок степен (High grade squamous intraepithelial lesion - HSIL))
Што нуди најновата класификација од Бетезда 1991 год?
Најновата класификација го поедноставува разбирањето на ПАП резултатот бидејќи користи само две опции. Според неа клеточните промени се распоредуваат или во групата ЛСИЛ или во групата ХСИЛ. Од горната табела се гледа дека предходните наоди како ХПВ инфекција, кондиломатозна или коилоцитна атипија и ЦИН 1 се ставени во заедничката група ЛСИЛ (мал потенцијал за премин кон ракови клетки). Останатите наоди како ЦИН 2, ЦИН 3 и ЦИС се ставени во групата ХСИЛ (висок потенцијал за премин кон ракови клетки). На овој начин забуните во врска со ПАП резултатот се многу помали.
Како се менуваат клетките на грлото на матката
Грлото на матката е оној дел од матката кој се наоѓа во вагината и кој е достапен за преглед. Тој е обложен со два вида на клетки, едните се плочестовидни и го покриваат надворешниот дел додека другите се цилиндрични и го покриваат внатрешниот дел односно каналот на грлото на матката. Зоната на премин од едните кон другите клетки се вика трансформациона зона. ПАП тестот се зема токму од оваа зона бидејќи таа е местото каде што настануваат клеточните промени како дисплазија (пред-рак) и рак.
Терминот “плазија“ значи раст. Кога нормалниот раст на клетките е пореметен се користат термините метаплазија и дисплазија.
Метаплазија претставува клеточен раст кој е со добра прогноза (односно не е канцерозен). Во овој случај еден вид наполно оформени клетки се претвара во друг вид наполно оформени клетки со цел подобро да се справат во услови на променета средина. Пример наполно оформени цилиндрични клетки се претвараат во наполно оформени плочести клетки поради промена во киселата средина на вагината.
Дисплазија пак претставува таков раст на клетките кога тие само го зголемуваат својот број но не се дооформуваат до крај и не преминуваат во друг корисен тип на клетки. Поради ова тие имаат поинаков внатрешен изглед. Колку е поголем степенот на дисплазија односно на недооформеност на клетките од грлото на матката, толку е поверојатно дека тие ќе преминат во инвазивен рак.Од оваа причина, дисплазијата се смета за “пред-ракова“ состојба. Дисплазиите се скоро 100% излечиви ако се третираат соодветно. Еден мал процент од благите дисплазии (ЦИН 1) ќе се повлечат без никакво лекување. Меѓутоа, не е можно предвидување кои промени ќе се повлечат а кои ќе продолжат да се менуваат во правец кон рак. Најновата класификација овие промени ги распоредува во гореспоменатите две групи на клетки (ЛСИЛ и ХСИЛ).
Кој или што ги предизвикува промените во клетките на грлото на матката?
Сите воспалителни процеси во вагината доведуваат до благо абнормален ПАП тест кој може да биде рапортиран како: ЦИН 1, АСКУС или промени што асоцираат на Хуман Папилома вирус (ХПВ). Воспалителните процеси на грлото на матката го прават тоа да изгледа црвеникаво, иритирано или еродирано и поради тоа се препознаваат за време на прегледот. Во ваков случај земањето на ПАП тестот се одложува за после смирувањето или лекувањето на воспалението. Причини за воспаление се:
1. бактерии (од инфекција)
2. вируси нарочито херпес инфекциите и кондиломите (брадавиците)
3. габични или монолијазни инфекции
4. трихомонас инфекциите
5. бременоста, пометнувањето или абортусот
6. хемикалиите (на пример лекови)
7 хормонски промени
Сите горенаведени случаи можат да го направат ПАП тестот благо позитивен. После лекување на инфекцијата, местото се обновува по пат на метаплазија. Кога потоа ќе се земе ПАП тест тој ќе биде нормален.
Што да се прави кога ќе добиеме известување дека ПАП тестот е позитивен?
Според сето досега изложено јасно е дека при добивање на известување за позитивен ПАП тест треба да се обратите кај вашиот гинеколог кој треба да провери дали е ПАП тестот навистина позитивен. Оваа проверка се прави со колпоскопски преглед и со земање биопсија од зафатените места. Ако се потврди позитивниот наод од ПАП тестот тогаш се пристапува кон правење план за лекување на промените.