namesp во 10:11
Дарма за најмалите и најмилите
Јога Дарма, 17.11.2014
Ве покануваме да ги погледнете двата албума од настаните.
Работилница за пренатална јога
На 7-ми ноември, петок, се одржа Работилницата за пренатална јога наменета за идните мајки. Работилницата ја водеше Даница Ивановска Лепојевиќ, со помош на Љупка Ропевска, наставници по јога и психолози, одговорни за работата на ЦИЈ Дарма. Во изведбата се вклучи и Марија Силјаноска Михајлоска, наставник по јога од Јога центарот Садана.
Бремените жени на работилницата можеа да празговараат, да ги споделат своите размислувања за бременоста и јогата, и да ги добијат сите потребни информации за тоа што би добиле доколку би практикувале јога во текот на овие неколку месеци.
Се зборуваше за она со што се соочуваат бремените жени во текот на бременоста, за она што ги очекува на породувањето, како и за предизвиците на раното родителство. На тоа се надоврзаа ефектите кои јогата ги има во сите овие три периоди. Се посочија придобивките на телесно ниво, како и психичките подобрувања. Посебен акцент се стави на важноста од самозапознавањето на жената и нејзините ставови, способности и потреби како главното нешто што и овозможува на жената целосно разбирање на нејзината улога во феноменот на донесување на нов живот на свет.
Денес многу се зборува за тоа како на жената да и се „олеснат маките“ во текот на бременоста и породувањето, но многу малку се посочува на нејзината природно дадена подготвеност за сите промени во текот на овие девет месеци, како и за процесите во текот на породувањето. Јогата може да и помогне на жената да ги освести моќта и мудроста кои ги носи во себе и повторно да ги актуелизира. Дополнително и да ја облагороди бременоста одржувајќи ја својата телесна и ментална благосостојба, како и свесноста за својата поврзаност со бебето и сознанието дека се грижи за себе и за него.
На работилницата беше одржан и практичен час. Учесничките можеа и лично да почуствуваат што од кажаното е точно и да ги искусат бенефитите кои јогата ги дава во текот на бременоста – оптимизирање на природното подготвување на карлицата, одржувањето на тонусот на мускулатурата, целосното раздвижување на зглобовите, помош при задржување на течности, хармонизирање на хормоналниот статус, запознавање, продлабучување и контрола на диѓењето, стабилизирање на емотивната состојба и постигнување на генерална спокојност и смиреност во соочување со секојдневието.
Беше посочени фактот дека се што мајката прави во овој период директно се одразува и на бебето и дека такво влијание има и јогата. Имено, јогиската пракса влијае и врз здравјето и психофизичката состојба на бебето во мајката и важи за еден од најдобрите начини за да му се овозможи на бебето оптимален развој кој ќе продолжи и после раѓањето.
Им благодариме на учесничките за нивниот допринос и им посакуваме уживаат во секој момент од времето поминато во „дует“.
Средба на јога - мајки и дечиња
На 8-ми ноември, сабота, осамна утро како создадено за дружба – топло и по малку врнежливо, за седење и играње по дома. Или за седење и играње во ЦИЈ Дарма. Се собраа јога-мајки, бепчиња и дечиња. И благодариме и на Катерина Чингаровска за прекрасниот фото-запис.
Средбата на децата и мајките беше посебно искуство. Поради ведрината, радоста, блискоста. На децата им годеше, дури се чинеше дека им годи и на бебињата, на мајките им годеше. Децата уживаа во дружењето, бебињата во набљудувањето на живата и шарена околина, а мајките уживаа во повторната средба и можноста да ги споделат своите искуства и повторно да ја оживеат врската создаена додека заедно ја минеа бременоста со јога. Бремените жени кои доаѓаат на часовите велат дека покрај праксата и разговорите, едно од најважните нешта што ги добиваат е можноста да бидат во круг на други жени кои поминуваат низ истото, се соочуваат со истите прашања и непознаници, а топлата атмосфера им овозможува потполна слободни да се изразат без страв од осуда. Тоа е поврзаност која не обврзува, но која поврзува на убав и лесен начин.
И малку „езотерија“. Средбата како да доби посебна „димензија“ поради „прашалниците“ и „чуденките“ кои спонтано почнаа да „висат“ во воздухот – „Се „познаваат ли овие деца? Па со месеци континуирано секоја недела минеле одредено време „едно покрај друго“. Се препознаваат ли меѓусебно? А другите мајки? А дали им е познат гласот на наставничката по јога што го слушаа на секој час?“. Интересно, нели?
Во секој случај – средбата беше топла и весела, многу динамична, но некако мирна „од внатре“. И во децата, и во мајките, и меѓу сите нас.
Можеби навистина постои „некоја тајна врска“...
Беше убаво. Им благодариме на мајките и малите луѓе кои успеаа да дојдат. Жалиме што некои мајки кои беа најавени не успеаа да стигнат. Но најавуваме уште една средба до крајот на годината, па се надеваме дека тогаш за сите ќе биде „се под конец“.
Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:
Дали е вистина дека ако немате утринска мачнина рано во бременоста, носите машко дете?!

Дали Ботокс или операција на очите може да се прави во бременоста? (англиско видео)

Да се биде исполнет со живот е нешто. Да се биде бремена со малечкото чудо на науката и природата во стомакот е убаво. ...

Сузан Андерсон брзаше кон болницата, кога почувствува дека бебето се раѓа. Само што стигна на паркингот од болницата, ис...
