Ikana
|
Извор: Дневник Преку лажен брак до нова среќа во Европа Повеќето од фирмите земаат однапред пари, без разлика што многу од кандидатите не ги исполнуваат условите, а и да ги исполнуваат, шансите за влез во некоја од земјите на ЕУ им се 50 спрема 50 Милена има 27 години и е една од од илјадниците девојки што со малку среќа и многу итроштини успеаја да емигрираат од Македонија. Како студенти, бејбиситери, фотомодели, готвачки ... Кога авионот за Лондон ја прелетувал границата на Македонија, патувала само со една мисла - дека оди во подобар живот. - Немав дилема, заминав со цел засекогаш да останам во Велика Британија - вели таа. Во Лондон, „главниот“ град на Европа, таа неколку месеци легално работела како бејбиситерка. Потоа на црно за 300 фунти купува осигурителен број со лажно име и продолжила да работи се' и сешто. Во пабови, бутици, ресторани... По две години се мажи со Италијанец, за да добие постојана виза за престој, бидејќи младоженецот е од членка на Европската Унија. Бракот го „купува“ за 2.000 фунти. По регистрацијата, се запишува на колеџ, и од лани има диплома по менаџмент. - Во Англија навистина се заработуваат многу пари. Пет фунти од час земаат обични работници на фарма кои берат овошје или го сортираат во гајби. Со нормална живеачка, месечно остануваат околу 1.000 фунти на страна - објаснува Милена. Денес таа се' уште живее и работи во Лондон. Нејзиниот лажен брак заврши лани, бидејќи во меѓувреме ја пронашла својата вистинска љубов, сегашниот сопруг Вилијам. Претставници од македонски фирми што посредуваат при испраќање студенти или бејбиситери во европските земји велат дека имиграциските бироа до детали знаат за итроштините со кои се служат странците, дури дотолку што сето тоа го имаат ставено и на своите интернет-страници. Знаат за лажните бракови, фалсификуваните дозволи, дипломи, изводи. - Кој има среќа, нема да го фатат, а повеќето имаат - вели Милена. Но, нејзината другарка Марија немала среќа. Стапила во лажен брак со Британец, но тој исчезнал набргу откако му ги дала парите. Кога дошло време да добие виза за постојан престој, имиграционото биро утврдило дека не живеат заедно и и' наредило да ја напушти земјата. Но, таа не се откажала. Пред две години поднела барање за бугарско државјанство и сега чека пасош од новата членка на Европската Унија. Од нашите агенции објаснуваат дека последниве 10 години има голема побарувачка од девојки и момчиња за иселување од Македонија по секоја цена. Најмногу за Англија, Германија, Австрија и за Холандија. Условите за заминување се да се знае јазикот на земјата, да се има од 18 до 27 години, но и она најважното - да знаат да работат макотрпно. На европските семејства им е десетпати поевтино да плаќаат бејбиситер, отколку детето да го пратат во градинка. - Повеќето не знаат што значи да се работи како бејбиситер, и не може да се навикнат на тој живот. Им објаснувам дека пред да одат, треба да знаат зошто и каде одат, но многумина се враќаат брзо, бидејќи дисциплината им е слаба страна - вели Александра Б., претставник за посредување со бејбиситери и студенти во Европа. Скопските фирми и индивидуалните посредници имаат различна тарифа за испраќање на овој профил на работна сила. За подготовка на сите потребни документи цените се движат од 100 до 300 евра по човек, плус визата која чини 80 евра. Повеќето од фирмите земаат пари однапред, без разлика што многу од кандидатите не ги исполнуваат условите, а и да ги исполнуваат шансите за влез им се 50 спрема 50. - Апликацијата за бејбиситер или студент е најевтин начин да се излезе од Македонија. Европа тоа го знае и затоа постои строга селекција. На 100 кандидати заминуваат само пет. Јас тоа им го кажувам на сите и затоа не им земам пари додека не им ја завршам работата за разлика од многу други агенции - објаснува Александра Б. На идните емигранти работата многу им ја олеснува една скопска фирма која со години фалсификува се' и сешто, потврди за редовни студенти, индекси, матични и венчални изводи, потврди за неосудувани лица. - Последниве години потешко поминуваат лажните изводи или потврди, но и покрај тоа, на оваа фирма бизнисот се' уште и' цвета - велат наши извори што платиле за ваква услуга. Цената за еден ваков документ се движи од 200 до 300 евра и без разлика што тоа е просечна македонска плата, сите плаќаат. Поради надежта за подобар живот. Јорданка Ивановска
(Одговор на членот Ikana)
|