ripce
|
Главоболката кај децата е честа појава и порано или подоцна ја доживуваат околу 10% од децата. Има доста причини и типови на главоболка кај децата, но најчести се мигрената и психогената главоболка (подеднакво се застапени), а многу поретко се органски главоболки (околу 5 отсто). Причини за главоболка можат да бидат и општи инфекции, рефрактерни аномалии на очите, покачен крвен притисок, трауми и др. Мигренската главоболка се јавува во просек во помала возраст на децата. Над 8 милиони деца и адолесценти страдаат од мигрена. Пред пубертетот односот машки- женски деца е подеднаков, но потоа мигрената е трипати почеста кај женските отколку кај машките деца. Често е позитивна фамилијарната анамнеза за мигрена (посебно по линија на мајката). Мигренозната главоболка се јавува нагло и во облик на напад, често како болка од една страна на главата, со пулсирачки карактер. Има многу придружни симптоми: гастроинтестинални (мачнина, повракање, абдоминална болка), видни (фотофобија, дефекти во видното поле, скотоми) и други (бледило, пречки во говорот, зачестено мочање, потење, жед, отоци и солзење). Помалите деца обично главоболката ја чувствуваат на двете страни на главата, додека постарите ја чувствуваат на едната страна. Придружни симптоми на таа главоболка можат да бидат парестезии (трпнење) на рацете или на нозете. Во фамилијарната анамнеза, 90 отсто имаат податок за мигрена (посебно од страна на мајката). Ова многу ја олеснува дијагнозата. Визуелна аура можно е и да не се јавува така често како кај возрасните. За среќа, нападите се пократки кај децата. Мигрената често престанува кога децата преминуваат во адолесценти, но може да се поврати во средна возраст. Голем број надворешни фактори можат да дејствуваат како провокатори на напад: возбудувања, физички напор, инфекции, гладување- хипоглекемија, хормонски промени, ладно, сончање, некоја храна (чоколада, одреден вид сирење, банана). Многу е битна соработката со родителите, кои треба да ја сфатат природата на болеста и да соработуваат со лекарот. На прво место доаѓа совет за начин на живот на детето. Обично на децата им се препорачува регуларно легнување во кревет навечер, да имаат распоред на оброци, да избегнуваат одделни видови храна (чоколада, банана и сирења). Се препорачува избегнување на прекумерни активности, стресови. Терапијата без лекови е многу битна, како и техниките на релаксација. Ова посебно се препорачува за деца-адолесценти, кои често се големи ентузијасти. Медикаментозната терапија се состои во санирање на нападот, најчесто со обичен аналгетик од парацетамолски тип (или ибубруфен). Препорачливо е аналгетикот да е во растворлива форма. Психогена главоболка често се манифестира поради психичка пренапрегнатост на детето (проблеми во семејството, в училиште), кои за возрасните остануваат неоткриени. Овој вид главоболка настапува бавно, потајно. Главоболката е еднолична, континуирана, без придружни симптоми. За лекување е битно да се идентификуваат и да се отстранат причините поради која таа настанала. Се препорачува и психотерапија и повремено аналгетици (парацетамол или ибубруфен). Органската главоболка може да е предизвикана од интракранијални воспалителни процеси, експанзивни процеси (тумори), крвавења, тромбози во мозокот. Таа е од различен тип, често се јавува ноќе и рано наутро, проследена е со повраќање и со други невролошки симптоми, поради што е потребно соодветно лекување.
_____________________________
"Кога сте мајка никогаш не сте сами во своите мисли. Мајката секогаш мора да мисли два пати, еднаш за себе и еднаш за своите деца."
|