Ikana
|
Инстинктот за гнездење се состои од потребата да се чисти и организира домот пред раѓањето на вашето бебе. Тој може да се манифестира како потреба да бидете апсолутно сигурни дека вашиот дом ќе биде подготвен за вашето бебе, а тоа значи реновирање, чистење од подот до плафонот, и воведување совршен ред во истиот. Причина: Причината за инстинктот за гнездење е физичка и емоционална. Хормоните во бременоста се виновници за овој феномен, и тој може да се забележи кај повеќето цицачи кои очекуваат принова. Кога да го очекуваме: Инстинктот за гнездење може да се појави многу рано во бременоста, па се до 40 недела. Се вели дека, ако инстинктот се појави во последните неколку недели од бременоста, породувањето не е далеку. Потреба за гнездо Разликите во појавата на овој феномен варираат од жена до жена, но најчесто се карактеризираат со дезинфекција на бањата во 03 часот изутрина, диплење и предиплување на бебешките алишта по безброј пати, пролетно чистење на станот или куќата два пати неделно, потреба за реновирање на дневната соба, ако не и целата куќа или стан, купување на залихи од бебешки производи, како пелени, облека, козметика, итн..... Канализирање на енергијата Ако чувствувате потреба да ја завршите сета работа околу припремите за пристигнувањето на бебето, тогаш слободно подлегнете му на искушението, но имајте на ум дека сте бремени и дека не смеете да се заморите премногу и треба многу да внимавате на вашата, и пред се на безбедноста на бебето. Доколку имате порив да ја средувате градината, не кревајте во никој случај тешки работи и не се качувајте на столици или пак скали. Носењето на градинарски ракавици е задолжително. Сепак уште попаметна идеја од градинарството е сериозно да се впуштите во купувањето на залихи од оние прозиводи кои сметате дека највеќе ќе ви бидат потребни кога нема да имате толкава слобода да излезете и да ги купите во истиот момент. Исто така, фрлете ги сите застарени лекарства и козметички производи и направете место за нови, бебешки, кои несомнено ќе одземат многу простор од вашата бања, како и вашиот дом. Сепак имајте на ум, дека како и да го преживувате овој сосема нормален дел од бременоста, не сте сами и се наоѓате на прагот од еден прекрасен нов период во вашите животи кој најдобро би го опишала со следниве зборови, кои ми ги кажа една многу драга и мудра личност....кога ќе добиеш дете, засекогаш ти се полни и рацете и срцето.
|