Желба за чипс или чоколадо? Како да се справите со желбата за нездрава храна во лоши денови?
Сите имаме денови кога ништо не оди според планот, а најлесниот начин да се утешиме изгледа како парче пица, чоколадо или чипс.

Желбите за нездрава храна во стресни или емотивно тешки моменти се сосема нормални, но честото попуштање на овие импулси може да влијае врз нашето здравје и енергија.
Еве зошто се јавуваат овие желби и како можете да се справите со нив на здрав начин.
Зошто посегнуваме по нездрава храна кога имаме лош ден?
Желбата за храна не е секогаш глад. Често се работи за емоционална реакција. Причини се:
- Хормонален одговор на стрес. Кога сме под стрес, телото лачи кортизол, хормон кој го зголемува апетитот, особено за храна богата со шеќери и масти.
- Дофамин и „утеха“. Храната што ја сакаме активира центар за награда во мозокот, па чувствуваме краткотрајно задоволство.
- Недостаток на сон. Ако не спиете доволно, телото бара брзи извори на енергија.
Како да се справите со овие желби?
1. Станете свесни за емоционалниот глад
Запрашајте се: дали сте навистина гладни или само вознемирени или тажни? Ако гладот дојде ненадејно и бара специфична храна како чоколадо или чипс, тоа е емоционален глад.
2. Имајте редовни оброци
Прескокнувањето оброци води до пад на шеќерот во крвта, а тоа предизвикува уште посилна желба за повеќе калории. Планирајте 3 главни оброци и 2 здрави ужинки.
3. Подгответе здрави алтернативи
Ако знаете дека ви се јаде нешто крцкаво, заменете го чипсот со печена леблебија или моркови со хумус. Ако имате апетит за слатко, изберете овошје, јогурт со малку мед или темно чоколадо.
4. Пронајдете друг начин на смирување
Наместо да посегнувате по храна, пробајте со: 10 минутна прошетка, длабоко дишење, слушање омилена музика, разговор со пријател.
Овие активности ќе го намалат стресот и желбата за јадење.
5. Поставете правило „почекај 10 минути“
Кога ќе дојде силна желба, поставете тајмер за 10 минути. Често по тој период импулсот слабее, а ако и понатаму имае желба, дозволете си мал оброк, но свесно и без чувство на вина.
6. Не заборавајте на хидратацијата
Често ја мешаме жедта со глад. Испијте чаша вода и видете дали ќе се намали желбата за храна.
Желбата за нездрава храна е нормална, но важно е да ја разбирате кога се појавува и да ја контролирате. Комбинирајте свесност, редовни оброци и здрави алтернативи. И запомнете, едно парче чоколадо нема да направи голема разлика, но навиките на долг рок ја прават истата.