Сладоледот во исхраната на децата: луксуз или дел од балансираното детство?
Сладоледот одамна не е само летен десерт. Тој е симбол на радост, разладување и мали детски задоволства. Но родителите често се соочуваат со дилемата: дали и колку е безбеден сладоледот во исхраната на моето дете?

Одговорот не е ниту строго „да“, ниту строго „не“, туку како и кај сè друго во родителството: зависи од моментот, квалитетот и количината.
Што всушност содржи сладоледот?
Класичниот индустриски сладолед обично содржи:
- млеко или растителна замена за млеко
- шеќер
- заситени масти
- емулгатори и згуснувачи
- ароми и бои (понекогаш природни, понекогаш не)
Самиот по себе, сладоледот не е „забранета храна“, но не може ниту да се третира како секојдневен оброк. Проблемот не е само во шеќерот, туку и во калориската вредност, а бе значителна хранлива вредност.
Кога е безбедно дете да почне да јаде сладолед?
Педијатрите препорачуваат по 12-18 месеци, но со многу внимание. Прво, поради можните алергии (на млечни производи или адитиви), второ, поради чувствителноста на дигестивниот систем. За најмладите, домашен сладолед од замрзнати банани или јогурт е далеку побезбедна и поздрава опција.
Сладоледот и шеќерната навика
Децата природно ја сакаат слатката храна. Проблемот е што честиот внес на засладени производи, како сладоледот, може да доведе до навика за шеќер, која подоцна е тешко да се контролира. Еден сладолед на неделно ниво (после оброк) е далеку подобар избор отколку секојдневно грицкање сладоледи без ред.
Како да го вклучите сладоледот во здрав режим?
- Правете домашен сладолед од овошје, грчки јогурт, кокосово млеко или авокадо.
- Изберете сладолед со помалку шеќер и без вештачки бои.
- Сервирајте мали порции бидејќи децата не прават разлика дали се 100g или 40g, тие реагираат на вкусот и на самиот факт дека е тоа малото ледено задволство.
- Никогаш не користете сладолед како награда или утеха, тоа гради емоционална зависност од храна.
Може ли сладоледот да биде здрав?
Во соодветна форма – да. Сладолед од јогурт и боровинки, или замрзнато овошје во блендер, може да понуди и калциум, пробиотици и антиоксиданси. Клучот е креативноста и намерата, дали го давате за уживање или како замена за цел оброк?
Сладоледот не треба да биде забранет. Треба да биде одбран. Од вас, со љубов, мерка и свест. Зашто детството без сладолед не е исто. Но детството без граници е уште полошо.