cookie-img

Веб-страницата користи колачиња

за да обезбедиме он-лајн сервис, анализа на користење, системи за рекламирање и функционалности нема да можеме без употреба на колачиња. Со континуираното користење на страницата, се согласувате со колачињата.

На кафе кај Габриела Давидовска Баниќ

”Мајка од магла" од авторката Габриела Давидовска Баниќ во издание на издавачката куќа Збор, е дело за кое многу се зборува меѓу читателите. Секој кој го прочитал, искрено го препорачува, посебно на родителите

На кафе кај Габриела Давидовска Баниќ

 

Доколку се уште не сте ја прочитале, и од нас уште еден потсетник да го направите тоа што побрзо. 

За романот, творештвото, мајчинството и животот на една Македонка во Хрватска, разговараме со писателката Габриела Давидовска Баниќ

Рингераја: Која е Габриела, покрај тоа што го знаеме - македонка која живее и твори во Хрватска?

Габриела: Топли поздрави од Ровињ до моите драги македонци! Пред се, јас сум мајка на единаесетгодишен син. Се друго е споредно, мајчинството ми е поважно од било што друго. Родена сум 1977 година во Куманово. Во 2012 година заради семејни причини се преселив во овој мал, но преубав град во Република Хрватска.

Рингераја: Во Македонија сте позната по делото ”Мајка од магла". Ова е ваше трето дело. Кога ја откривте љубовта кон пишувањето? 

Габриела: Љубовта кон читањето и пишувањето одсекогаш беа толку сраснати за мене, што не можам да речам дека се сеќавам како се случија во одреден момент, туку мислам дека со нив дојдов на овој свет. Меѓутоа, секогаш нагласувам - една извонредна личност, мојата драга професорка по македонски јазик во основното училиште, Благојка Ангеловска, која својата работа ја работеше за многу повеќе од едноставно заработување на плата, го откри мојот талент и ми укажа на него. Се до тогаш не разбирав дека имам нешто поинакво од другите деца. Нејзините поттикнувања и охрабрувања беа пресудни да си ја признам љубовта кон пишувањето.

Рингераја: Вашете дела се популарни и читани во Хрватска. Како се случи ”Мајка од магла" да се најде на македонската литературна сцена? Книгата е издадена со потпис на издавачката куќа Збор. Како дојде до оваа соработка? 

Габриела: Јас сум македонка и тоа ќе останам без оглед каде живеам. Тоа е повеќе од доволно да сакам да напишам книга на македонски јазик. Меѓутоа, моето пишување започна на хрватски јазик од две причини - едната е што сакав да и заблагодарам на оваа земја, или поточно на полуостровот на кој што живеам за топлиот прием. Затоа мојот прв роман „ Храбра кукавица“ го напишав како истарска приказна, опишувајки го во неа животот овде, иако мал дел од случувањата се однесуваат и на градот Загреб. Втората причина што започнав со роман на хрватски јазик е таа што мислев дека за објавување на едно дело, за кое секако се потребни соработници, треба да си присутен во земјата во која планираш да го реализираш. Со моето првенче сами почнавме да го баравме патот до неговото раѓање. Бев изненадена кога Господ почна да ми праќа луѓе кои немаа никаква корист од мојот роман, а сакаа тој да биде објавен и ми помагаа на секој начин на кој што можеа. „Храбра кукавица“ ми го покажа патот, па уште додека таа се реализираше, јас без губење на време продолжив да пишувам понатака. Помеѓу овој роман и „Мајка од магла“ напишав уште два романа, а третиот ми беше започнат, со напишана само страница и половина и неговиот наслов беше „Мама од магле“.

Кога „Храбра кукавица“ излезе од печат, секако сакав да подарам неколку примероци на читатели од Македонија, надевајки се дека не ќе имаат поголеми потешкотии со читање на хрватски јазик. Еден од примероците, по случаен избор заврши кај Емилија Златкова Анастасова. Некое време подоцна таа ми се јави преку друштвените мрежи споделувајки ја со мене својата, се уште „тајна“ дека има намера да ја создаде издавачката куќа. Емилија ми понуди романот да биде печатен во „Збор“, ама дека би требала сама да го преведам зашто како штотуку основана, издавачката куќа се уште нема можости за преведување од хрватски јазик. Секако дека понудата и идејата ми се допаднаа, меѓутоа, имав друг план. И реков на уредничката дека не ми е проблем да го прведам романот и несомнено тој ќе биде интересен за нашите читатели иако дејството се случува во Хрватска. Но за преведување, секако би потрошила исто толку време колку што би ми требало да напишам нов роман. Затоа одлучив, роман кој веќе постои на Балканот и кој не е проблем да биде разбран и читан од македонските читатетели, да остане на хрватски јазик. За нашите читатели, на нашиот најубав јазик, одлучив да напишам роман кој ќе се случува во Македонија, со приказна низ која се провлекуваат нашиот менталитет и нашиот начин на живот. Истата приказна која ја имав во глава, од Загреб веднаш ја преселив во Скопје и првите страница ипол ги напишав повторно, овој пат на македонски јазик. Така се случи романот „Мајка од магла“. Неговата реализација преку Издавачката куќа "Збор" одеше непречено и брзо и за кратко време, токму во моментот кога дојдов во Македонија, тој излезе од печат.

Рингераја: Да ве навратам на вашите почетоци, во времето кога го издадовте вашиот прв роман. Кога започнавте со пишување и како сфативте дека тука 'лежи' книга?

Габриела: Одсекогаш имав желба да напишам роман, ама како да не бев доволно храбра за тоа. Имав многу прашања без одговори и заради тоа одложував долги години. Но, како тие години поминуваа, желбата се враќаше и секогаш како да беше непомирливо поголема. На крајот на 2020 година дознав дека ќе останам без работа и тука видов причина за радост! Знаев дека тоа е приликата која ја чекав. Во еден од последните денови кои ги одработував, имав малку време за размислување и тогаш ги смислив трите реченици - почетокот, средината и крајот. Водена од нив, веднаш го имав и насловт на романот. Со истата тактика напишани се и сите следни романи. Никогаш не ги менувам тие три реченици и насловот. За жал, имав и сомнежи дека ќе успеам да склопам сихронизирана приказна која би имала смисла, не зошто се сомневав во својот талент, туку со оглед на големината на материјалот. Но, за само еден месец „Храбра кукавица“ беше готова приказна, а за само три месеци од почетокот на пишувањето, на мое огромно задоволство излезе од печат. 

 

1

Рингераја: Што ве инспирира? 

Габриела: Ме инспирира љубовта во сите нејзини облици. Нема да кажам животот, зашто животот без љубов, за мене не е живот, туку само некакво неповрзано преживување. Инспирацијата ја наоѓам во односите на луѓето едни со други и пак ќе кажам, приказните се ткаени така како што се, зависно од тоа постои ли љубов во нив или таа недостасува, или пак, како што можат да посведочат читателите на „Мајка од магла“, таа е погрешно насочена.

Рингераја: За која читателска публика се наменети вашите дела? 

Габриела: Моите романи се наменети за возрасни читатели. Наменети се за читатели кои можат да се задоволат со „премалку“ или „недоволно“ детали тогаш кога во моите приказни се споменува злото. Во ред, тоа е дел од реалноста и јас не го избегнувам. Во моите романи ќе читате и за смрт и за затвори, за зависности, за губење на тло под нозете, за силувања, уништувања на туѓи животи и други „гадости“, ама се обидувам и се надевам дека успевам ваквите работи да ги „претрчам“ или да ги напишам со ракавици. Не дека немам бујна фантазија, ама не сакам да пишувам детали за работи за кои јас првата не сакам да читам. Најмалку сакам да опишувам интимни моменти помеѓу љубовни партнери и тоа е нешто кое никогаш нема да се најде на страниците на моите романи. А сепак, мојот роман „У свему најболја животиња“ кој е преведен и на англиски јазик, е доказ дека една романса може да успее и напишан во овој мој стил. Сакам романите да бидат читани од сите генерации и никој да не се чувствува непријатно. И не се сметам себе си за „застарен модел“ на писател. Напротив, мислам дека се уште постојат луѓе кои сакаат да читаат приказни напишани без пцовки и тешки навредливи зборови. Насекаде сме бомбардирани со лош речник земајки си за право да го нарекуваме „слободен“. Во моите романи нема да наидете на таква слобода. Единствената слобода која си ја дозволувам е кога ќе завршите со читањето, да извлечете поука која секогаш се обидувам да ви ја пренесам и уште еднаш да поверувате дека има надеж за многу нешта.

Рингераја: ”Мајка од магла" привлече големо внимание кај македонските читатели. Колку сте задоволна од импресиите? 

Габриела: Премногу, а за жал и тој збор ми е премал. Искрено, приказната се случи како резултат на моите долгогодишни посматрања на други, но и на мојот однос со моето дете во кој што вложувам време и напор што е можно повеќе. Секако, како што пред некој ден една читателка напиша, измешани прсти имаат и некои траги од тогаш кога и јас бев дете. Денес, кога ќе ја видам насмевката на син ми развлечена од уво до уво и кога ќе го слушнам неговото „Ах, како је живот лијеп“, знам дека успеав како мајка. Меѓутоа, како никој од нас не е совршен, и јас за овие единаесет години во односот со син ми имам направено, само Господ знае колку грешки. Важното е што секогаш сум отворена да учам и да се поправам. Претажно ми е кога гледам деца кои не се смеат на начин на кој тоа го прави моето дете. Претажно ми е кога не можам да им помогнам на некои деца, а заедно со нив и на нивните родители. Зошто родителот секогаш го дава најдоброто од себе си, нели? Ама, зад тоа давање започнуваат прашања кои никогаш не добиваат одговор. И тогаш се што знаеме е само да воздивнуваме како генерациите ни се се полоши и полоши. А најмалку се криви генерациите. Најмалку се криви децата! Каде е грешката?

Низ приказнава се обидов да ги „раздрмам“ родителите и тоа за доброто на децата. „Мајка од магла“ наменета ни е на нас родителите, но и на оние луѓе кои тоа допрва ќе се впуштат во оваа најсериозна улога. Романов можеше да има илјада и две илјади страници ако си дозволев да пишувам за се она што мислам дека можам да го напишам за родителството. „Проблемот“ на кој овде е ставен акцентот не е единствениот кој што ги уништува односите родител - дете. Во денешно време, крадците на нашата љубов демнеат на сите страни. Немам зборови со кои можам да ви објаснам колку ми е мило кога читателите пишуваат јавно, но верувајте ми, постојат и такви кои ми пишуваат тајно за своите реакции на романот. Нема поголема радост за мене како автор кога ќе видам дека пораката е „разбрана“. Да успее романов, да смени на подобро барем живот на едно дете, за мене е повеќе од успех, а искрено се надевам и се молам бројот на децата кои ќе имаат корист од него да биде многу поголем. Секогаш сум отворена и во секое време било кој родител може да ми се обрати ако „случајно“ си помисли дека некако можам да му помогнам.

Рингераја: Кога да ве очекуваме во Македонија на промоција и дружба со читатели? 

Габриела: Уживам во секоја врста на дружење и среќна сум заради сите можности, ама сепак најмногу од сите гласам за оние дружења во кои можеме очи в очи да си позборуваме и секако, да се гушнеме. Во Македонија доаѓам секоја година и се надевам дека за моето следно доаѓање „ситуацијата“ со вирусот ќе биде под контрола како би ни овозможила непречени средби. Се надевам дека на есен или зима ќе дојдам и дека ќе можеме да имаме и промоции и конечно средби во живо со читателите, уредниците, другите автори, со македонците воопшто!

Рингераја: Што читате кога не творите? Кој автор ве инспирира? 

Габриела: Откако седнав да ја напишам „Храбра кукавица“, не сопрев да пишувам. Романите ги пишувам бргу од причини што сакам да ја задржам нишката на приказната и не сакам да се изгубам по содржината. Во времето додека работам на еден роман, максимално избегнувам читање на било што друго, зашто не сакам друга содржина да ми ја одвлекува концентрацијата. Ако ги поврзете овие работи, ќе дојдете до заклучок кој за жал е вистина, дека во последно време не читам толку интензивно како некогаш. Тогаш кога имам пауза помеѓу два свои романи, читам како и секогаш - најмногу романси и психологија. Ме инспирира секоја приказна која во мене ќе разбуди емоции. Не сакам ладни приказни, сакам со секоја страница и со секој збор да чувствувам нешто, зошто емоциите се она што нашиот човечки род го одвојува од другите живи суштества.

Рингераја: Читате ли македонски автори? 

Габриела: Едвај! За жал не ми се баш достапни македонските автори. Дури и кога од Македонија се враќам со некоја книга, секогаш по групите на друштвените мрежи здогледувам нешто во што сите можете непречено да уживате, ама за мене не е така едноставно. Веќе ми е спремна листата на „желби“ и искрено се надевам дека следниот пат од Македонија ќе се вратам со „Храмот на натписите“ од Петар Стојановски, со нешто од Анде Јанков и под задолжително со „Гласот на предците“ од Христијан Аџиоски.

Благодарност до Габриела за издвоеното време. И посакуваме многу успеси и уште многу напишани дела. 

 

 

Последни статии

article-img

Последно на форумот

message-img

ПАКЕТ ПОДАРОЦИ

article-img

Секој месец подаруваме богати подароци на трудници, семејства со новороденчиња, мали деца и деца.

Кликнете и изберете го вашиот пакет со подарок!

Пакет подароци - Пријава Трудница
Пакет подароци - Пријава Новороденче, доенче
Пакет подароци - Пријава Мало дете (1-3)
Пакет