Митови и вистини за забременувањето: што навистина треба да знаете?
Темата за забременување е обвиена со многу совети, верувања и „тајни рецепти“ што се пренесуваат од генерација на генерација.

Но не секогаш она што ќе го чуеме од пријателка, роднина или на интернет е научно поткрепено. Ако планирате семејство, важно е да ја разликувате вистината од митот.
Мит 1: Не можете да забремените за време на менструација
Вистина: Иако шансите се мали, можно е. Спермата може да преживее неколку дена во женскиот репродуктивен тракт, а кај жени со пократок циклус може да дојде до овулација порано од очекуваното.
Мит 2: Потребно е да поминат месеци во обиди за да успеете
Вистина: Некои парови забременуваат многу брзо, дури и при првите обиди. Сепак, нормално е процесот да трае и до една година.
Мит 3: Одредени сексуални пози гарантираат зачнување
Вистина: Нема научен доказ дека позата игра голема улога. Најважна е здравата овулација и квалитетот на спермата.
Мит 4: Стресот нема врска со плодноста
Вистина: Хроничниот стрес може да влијае на хормоните и да ја наруши овулацијата. Исто така, кај мажите може да влијае на бројот и квалитетот на сперматозоидите.
Мит 5: Контрацептивните апчиња засекогаш ја уништуваат плодноста
Вистина: По прекинување на таблетите, најчесто циклусот се враќа во нормала за неколку недели до месеци. Кај некои жени може да потрае малку подолго, но нема трајно влијание врз плодноста.
Мит 6: Ако имате редовна менструација, сигурно овулирате секој месец
Вистина: Иако редовниот циклус е добар знак, не секогаш значи дека има овулација секој месец. Понекогаш постои циклус без овулација таканаречен ановулаторен циклус.
Мит 7: Возраста е само бројка
Вистина: Биолошката возраст на јајце клетките има огромно значење. По 35-тата година шансите за зачнување се намалуваат, а ризикот од компликации се зголемува.
Мит 8: Мажите не треба да се грижат за својата плодноста
Вистина: Во околу 40% од случаите на неплодност, проблемот е поврзан со машкиот фактор односно квалитетот, бројот или подвижноста на сперматозоидите.
Патот до бременоста е различен за секој пар. Разоткривањето на митовите и потпирањето на точни информации е првиот чекор кон здраво и информирано планирање на семејството. Ако имате дилеми, најдобро е да се консултирате со гинеколог бидејќи тој е вистинскиот извор на одговори, а не советите од интернет или пријателки.