Малите музичари: Како свирењето го збогатува детскиот свет?
Можеби вашиот малечок тропка со лажици по масата или наоѓа ритам во сe што слуша?

Тоа не е само детска игра. Тоа е потенцијалан почеток на љубовта кон музиката. Свирењето на музички инструмент не е само забавно, туку има длабоко влијание врз развојот на децата. Еве зошто треба да го поддржите вашето дете да земе инструмент во раце.
Музиката е како храна за мозокот
Истражувањата покажуваат дека децата кои свират инструмент имаат:
- Подобра концентрација и меморија
- Подобрена координација рака-око
- Подобрени математички и јазични способности
- Поголема емоционална интелигенција
Кога дете учи да свири, тоа истовремено чита симболи (нотни знаци), слуша звуци, движи прсти и емоционално се поврзува со тоа што го создава. Тоа е вистинска „мултитаскинг“ обука за мозокот!
Коj инструмент е вистинскиот за вашето дете?
Секое дете има свој темперамент – а секој инструмент има своја енергија.
Еве неколку насоки:
- Пијаното е одлично за почетници, гради солидна музичка основа
- Гитарата е популарна и достапна и е добар избор за деца над 6 години
- Стапчиња или тапани се совршени за деца со многу енергија
- Виолината е одлична за концентрација и фина моторика
- Флејта или хармоника, добри за дишење, координација и мелодија
Важно е да не се наметнува инструмент, туку да се истражува интересот на детето низ игра и експериментирање.
Вежбањето свирење инструмент не значи здодевност
Клучот не е во совршеното свирење, туку во редовната практика која развива трпение, дисциплина и доверба во себе. Дури и 10 минути дневно свирење можат да направат разлика.
Совет: Наместо „Вежбај сега!“, пробајте со: „Ајде да направиме мини-концерт за баба!“, „Сакаш ли да снимиме како свириш и да го пуштиме?“ или „Избери песна – ќе ја свириме заедно!“
Музиката ги поврзува децата со светот
Свирењето на инструмент ги учи децата како да слушаат не само ноти, туку и луѓе. Во групно музицирање учат за соработка, водство и следење. Освен тоа, музиката е универзален јазик. Дете кое свири, полесно комуницира, дури и кога зборовите недостасуваат.
Создадете им простор, не притисок
Најголемиот подарок што можете да му го дадете на детето е слобода да истражува и изразува. Не сите деца ќе станат музичари, но сите деца можат да добијат од музиката: дисциплина, креативност, самодоверба и радост.