7 митови за гладување и слабеење. Време е да ги разоткриеме
Кога станува збор за слабеење, едно од првите нешта што многумина го прават е помислата дека треба да се гладува. Овој пристап изгледа логичен: ако внесуваш помалку храна, ќе изгубиш килограми.

Но, вистината е дека гладувањето ретко води до одржливо и здраво слабеење, а најчесто има и негативни последици по здравјето.
Во продолжение, ги разоткриваме 7-те најчести митови за гладување и слабеење – и што е вистината зад нив.
Мит 1: „Ако не јадам, ќе слабеам побрзо“
Вистината е: На краток рок, телото можеби ќе изгуби тежина, но најмногу вода и мускулна маса, а не маснотии.
Покрај тоа, метаболизмот се забавува, што значи дека со тек на време телото ќе троши помалку енергија, а килограмите ќе се вратат, честопати и повеќе отколку што сме изгубиле.
Мит 2: „Појадокот може да се прескокне не сум гладен/а“
Вистината е: Појадокот е клучен за активирање на метаболизмот.
Прескокнување оброци доведува до прејадување подоцна во денот и консумирање непотребни „гладни“ грицки. Тело без енергија функционира на резерва и ја складира секоја калорија што ќе ја добие.
Мит 3: „Помалку калории даваат подобар резултат во слабеењето“
Вистината е: Калорискиот дефицит е потребен за слабеење, но екстремно нискиот внес на калории го доведува телото во стресна состојба.
Тој стрес може да предизвика хормонален дисбаланс, замор, вртоглавица и пореметување во спиењето.
Мит 4: „Јадењето по 18 часот дебелее“
Вистината е: Не е важно кога јадеш, туку што и колку.
Ако последниот оброк е нутритивно избалансиран и не е обемен, нема никаква штета. Заблуда е дека телото автоматски складира сè што ќе се внесе по некој „магичен“ час.
Мит 5: „Јајцата, авокадото и јатките дебелеат бидејќи имаат масти“
Вистината е: Не се сите масти непријатели на организмот.
Овие намирници содржат здрави масти кои ја поддржуваат функцијата на мозокот, срцето и хормоните, и всушност даваат подолготрајна ситост што помага во намалување на прејадувањето.
Мит 6: „Детокс чаеви и гладување се најбрз начин за чистење на телото“
Вистината е: Телото веќе има совршено функционален детокс систем, црн дроб, бубрези, кожа.
Чаевите што поттикнуваат диуреза или лаксативен ефект можат да водат до дехидратација и губење електролити. Тоа не е слабеење, туку губење вода.
Мит 7: „Можеш да ослабеш само преку начинот на исхрана без да се движиш“
Вистината е: Можеш да намалиш килограми и без физичка активност, но тренингот помага да се зачува мускулната маса, го забрзува метаболизмот и го подобрува целокупното здравје.
Гладување без движење води до слабо, но нездраво тело.
Слабеењето не е борба против телото. Гладувањето е краткорочна и штетна стратегија, која најчесто резултира со јо-јо ефект и губење на здравјето.
Вистинскиот пат до витко и енергично тело е преку балансирана исхрана, редовно движење и слушање на сигналите на телото. Не е поентата да јадеш помалку, туку да јадеш подобро.