Зошто бремените жени често мократ?
Честото мокрење е еден од најчестите и најрани симптоми на бременоста, иако понекогаш може да биде изненадување за идните мајки.

Иако оваа состојба е обично безопасна, таа знае да биде непријатна и да го наруши секојдневието, особено кога сте излезени, во друштво или ноќе.
Зошто се јавува овој симптом?
- Хормонални промени: Веднаш по зачнувањето, нивото на хормонот hCG (хуман хорионски гонадотропин) се зголемува, што го стимулира производството на урина.
- Зголемен обем на крв: За време на бременоста, телото создава повеќе крв, што значи дека бубрезите мора да филтрираат повеќе течности што пак резултира со почесто мокрење.
- Притисок од матката: Како што расте матката, таа почнува да притиска врз мочниот меур, особено во првото и третото тромесечје.
- Спуштање на бебето: Во последните недели од бременоста, бебето се позиционира пониско во карлицата, повторно зголемувајќи го притисокот врз мочниот меур.
Кога треба да се загрижите?
Иако е нормално да мокрите почесто, обратете се кај лекар ако почувствувате:
- Болка или печење при мокрење
- Чести, силни и итни нагони со мала количина урина
- Темна или заматена урина
- Треска или болка во долниот дел на стомакот
Овие симптоми може да укажуваат на уринарна инфекција која е честа појава во бременоста, но потребна е навремена терапија.
Што можете да направите да го ублажите овој симптом?
- Пијте доволно вода, но намалете ја пред спиење
- Избегнувајте кофеин и газирани пијалаци
- Не ја задржувајте урината
- При мокрење, наведнете се нанапред за целосно празнење на мочниот меур
Честото мокрење може да биде непријатен, но сосема нормален дел од бременоста. Тоа е знак дека телото работи напорно за да создаде здраво и безбедно место за вашето бебе.