Здравјето пред бременост - првиот важен чекор
Кога се зборува за здрава бременост, најчесто фокусот е на исхраната, навиките и контролите откако жената веќе ќе дознае дека е бремена.

Здравјето пред зачнување е темелот за правилен развој на бебето и полесна бременост за мајката.
Зошто е важно здравјето пред зачнување?
Во моментот на зачнувањето се поставуваат биолошките темели за развој на ембрионот. Навиките, храната, па дури и нивото на стрес кај мајката и таткото можат да влијаат врз квалитетот на јајце-клетката и сперматозоидите.
Тоа значи дека здравите избори уште пред планирање бременост ја зголемуваат шансата за зачнување и носат подобри услови за раст на нов живот.
Исхрана и витамини
- Фолната киселина се препорачува да се зема барем 3 месеци пред бременост, бидејќи го намалува ризикот од дефекти на невралната цевка кај бебето.
- Железо и витамин Б12 користат за превенција на анемија и поддршка на правилен развој на крвта.
- Калциум и витамин Д е потребен за здрави коски и забите на мајката и бебето.
- Балансирана исхрана со овошје, зеленчук, интегрални житарки и протеини е основата за добар старт.
Животни навики
- Откажување од цигари и алкохол. Овие две работи директно влијаат на плодноста и го зголемуваат ризикот од компликации во бременоста.
- Контролирање на телесната тежина бидејќи и прекумерната и премалата тежина можат да влијаат врз циклусот, овулацијата и ризикот од гестациски дијабетес.
- Физичка активност е подеднакво важна бидејќи умереното движење ја подобрува циркулацијата, ја балансира хормоналната рамнотежа и го намалува стресот.
Медицински контроли
Пред зачнување е корисно да се направи општ здравствен преглед кој се состои од:
- Гинеколошки преглед и пап-тест,
- Проверка на крвната слика и нивото на хормони,
- Вакцинации како за рубеола, ако недостасуваат,
- Проверка на хронични состојби како дијабетес, проблеми со тироидна жлезда, висок притисок и нивно ставање под контрола.
Улогата на таткото
И здравјето на таткото е подеднакво важно. Сперматозоидите се создаваат во период од 2-3 месеци, па затоа навиките на мажот во тој период директно влијаат врз квалитетот на сперматозоидите. Балансирана исхрана, избегнување алкохол, цигари и редовна физичка активност се клучни и за него.
Здравјето пред зачнување е неопходен чекор за сите идни родители. Колку подобро се подготви телото пред бременоста, толку повеќе се зголемуваат шансите пред се за зачнување, како и за здрава бременост, полесно носење на плодот и силен почеток за бебето.