Сигнали на вистинска ситост, кога телото вели „доста е“
Во динамичниот начин на живот, многу луѓе забораваат да слушаат на сопственото тело и наместо тоа се водат од часовникот, навиките или емоциите кога јадат.

Но, нашиот организам има природни сигнали што јасно кажуваат кога е време да престанеме со оброкот. Препознавањето на овие сигнали е клучно за здрава исхрана, одржување на телесната тежина и добар дигестивен баланс.
Како телото кажува „доста е“?
- Забавување на темпото на јадење. На почетокот од оброкот често јадеме побрзо, но кога ситоста почнува да се појавува, природно забавуваме. Ако почувствувате дека ви треба повеќе време да го џвакате или губите интерес во храната, тоа е знак дека телото е задоволено.
- Губење на апетит. Кога сте сити, иако храната е пред вас, желбата за уште не исчезнува целосно, туку се намалува. Веќе не чувствувате ист ентузијазам кон вкусот и мирисот на храната.
- Физички сензации. Чувство на лесна исполнетост во стомакот, длабок здив или дури и мало воздивнување се сигнали дека дигестивниот систем е веќе „наполнет“.
- Промена на расположение. Од првичната возбуда и енергија што ја дава јадењето, до чувство на смиреност и задоволство. Tоа е знак дека внесената храна го задоволила телото.
- Намалување на фокусот на храната. Кога веќе почнувате да размислувате за нешто друго, наместо постојано да гледате во чинијата, тоа значи дека мозокот го регистрирал сигналот за ситост.
Зошто е важно да ги препознаваме сигналите на ситост?
Прекумерното јадење често води до проблеми со тежината, чувство на надуеност, варење и намалена енергија. Слушањето на телото ни овозможува: да внесуваме количина храна што навистина ни е потребна, да избегнеме непотребен вишок калории, да имаме подобар однос со храната, без вина и рестрикции.
Совети за полесно препознавање на ситоста
- Јадете бавно и свесно. Mозокот има потреба од околу 20 минути за да го регистрира чувството на ситост.
- Поставувајте помали порции и додавајте ако навистина имате потреба.
- Одвојувајте време за оброк без телевизор, телефон или работа, за да можете да ги почувствувате сигналите на телото.
Слушањето на телото е најдобриот водич за здрава и урамнотежена исхрана. Кога ќе научите да препознавате кога е „доста“, не само што ќе се чувствувате полесно и поздраво, туку и ќе изградите поодговорен однос кон храната.