Рацете, први преносители на бактерии: како да се заштитите?
Колку пати во денот ги допирате вратата, телефонот, парите, лицето, тастатурата, без да забележите?

Сите тие површини, вклучително и вашите сопствени дланки, се невидлива мрежа за пренос на бактерии, вируси и други микроорганизми. Рацете се најчест пат преку кој заразите доаѓаат до нас, буквално ги носиме со себе.
Па, ако сакате да го заштитите сопственото здравје и на оние околу вас, рацете се првото место од кое треба да почнете.
Зошто токму рацете?
Рацете ни се постојано активни, допираат површини, луѓе, храна и лицето. Според истражувања, човек во просек го допира свое лице повеќе од 20 пати во еден час, што значи дека ако на рацете има бактерии, многу лесно ќе стигнат до уста, нос или очи, каде што телото е особено ранливо.
Бактериите и вирусите се задржуваат:
- на кожата и под ноктите
- на мобилни телефони, рачки, јавен превоз
- на пари и банкарски картички
- дури и на храна што ја допираме со немиени раце
Како да се заштитите?
1. Редовно миење на раце со сапун и вода
Најдобра и наједноставна заштита. Миењето треба да трае најмалку 20 секунди, со триење на дланките, прстите, простор помеѓу нив, зглобовите и под ноктите. Особено е важно:
- пред јадење или готвење
- по користење тоалет
- по кашлање, кивање или бришење нос
- по доаѓање дома или во контакт со јавни површини
2. Користете средство за дезинфекција кога нема вода
Алкохолниот гел (со 60–70% алкохол) е добра замена кога сте во движење. Но не е замена за миење. Ако има видлива нечистотија, само сапунот помага.
3. Не ги допирајте лицето и очите со немиени раце
Најлесен пат за инфекција е преку мукозните мембрани, односно очи, нос и уста. Развивање на свесна навика да не го допирате лицето може значително да го намали ризикот од разни заболувања.
4. Чистете ги предметите што ги допирате секојдневно
Телефони, тастатури, слушалки, сите тие се магнет за бактерии. Пребришувајте ги редовно со алкохолни или антибактериски марамчиња.
Што е со децата?
Децата особено брзо ги „собираат“ бактериите и уште побрзо ги споделуваат. Затоа е клучно да се научат на правилно и редовно миење раце уште од мали:
- Преку игра и песнички (на пр. пеење додека мијат раце)
- Со личен пример, ако детето гледа дека вие ги миете, и тоа ќе го прави истото
- Со истакнување зошто е важно, не за заплашување, туку како дел од грижата за себе
Мал гест како миење на раце може да направи голема разлика. Не можеме да го контролираме секој вирус или бактерија што кружи околу нас, но можеме да направиме паметен, едноставен чекор за превенција. Почнете од рацете бидејќи здравјето почнува од нив.