Болни менструации. Што е нормално, а што не?
Менструацијата е природен дел од животот на секоја жена, но за многумина таа не е само „тоа време од месецот“, туку вистинска битка со болка, замор и непријатност.

Прашањето што често се поставува е: кога болката е нормална, а кога станува знак дека нешто не е во ред?
Важно е да разбереме дека умерена болка за време на циклусот може да биде дел од физиолошките процеси во телото. Но, кога болката станува интензивна, влијае на секојдневното функционирање и бара постојана употреба на аналгетици, тогаш веќе не треба да се игнорира.
Зошто настануваат болките?
Болните менструации, медицински познати како дисменореја, се предизвикани од контракции на матката, кои помагаат во исфрлањето на ендометријалното ткиво. Овие контракции се контролирани од хормонски супстанции наречени простагландини и колку е поголемо нивото, толку е поинтензивна болката.
Што се смета за нормална менструална болка?
- Блага до умерена болка во долниот дел на стомакот или грбот
- Појава на болка, 1 до 2 дена пред циклусот и/или првите денови од менструацијата
- Болка што се смирува со топли облоги, одмор или лесни лекови без рецепт
- Болка што не го нарушува сериозно секојдневното функционирање
Кога болката не е нормална?
- Болка што те буди од сон или те „парализира“ во текот на денот
- Болка што трае подолго од 2–3 дена и не реагира на аналгетици
- Многу обилен циклус, со згрутчувања и/или губење на железо (анемија)
- Болка при секс, уринирање или дефекација во текот на циклусот
- Ако болката започнала подоцна во животот, а не уште од тинејџерски години.
Во овие случаи, можно е да се работи за состојби како ендометриоза, миоми, аденомиоза или воспалителни заболувања на карлицата и затоа е потребна лекарска консултација.
Како се поставува дијагноза?
Гинекологот ќе направи преглед и ако е потребно ќе препорача: ехо (ултразвук) на малата карлица, крвни тестови вклучувајќи ги и хормонските, лапароскопија во посложени случаи.
Можности за олеснување на болките
- Топли облоги или бањи
- Лесно вежбање или прошетка
- Чај од камилица, ѓумбир или нане
- Аналгетици (по препорака на лекар)
- Хормонска контрацепција бидејќи кај некои жени го намалува интензитетот на болката
Слушај го своето тело
Болката не треба да се игнорира или нормализира ако ја попречува секојдневната функција. Постојат решенија и медицинска поддршка, важно е само да се проговори навреме.
Твоето тело знае кога нешто не е во ред. Научи да го слушаш.