Безбедните раце на мама за малото чудо - правилно држење и кревање на новороденче
Првите денови со новороденчето се исполнети со емоции, љубов и неизбежно за новите родители со малку страв.

Но, вистината е дека со малку внимание и правилна техника, држењето и подигањето на бебето станува природно, безбедно и полно со нежност.
1. Поддршка на главата и вратот - златно правило
Новороденчињата во првите месеци немаат развиени мускули на вратот, па секогаш кога го држите или го подигате, мора да му ја поддржувате главата и вратот.
Најбезбедно е, едната рака да биде под главата и вратот, а другата под грбот или под колковите.
Со ова двојно потпирање, телото на бебето останува стабилно и чувствува сигурност.
2. Подигање од креветчето - полека и смирено
Кога го подигате бебето приближете се и зборувајте му со тивок, смирен тон за да не се плаши. Ставете ја полека со лизгање по површината едната рака под неговата глава и врат, а другата под колковите. Полека и рамномерно подигнете го, но без нагли движења или тресење.
Важно е да се избегне ненадејно исправување на телото, бидејќи тоа може да го исплаши и да создаде чувство на несигурност кај бебето.
3. Позиции за држење - најбезбедни и најудобни
Постојат неколку начини на кои може правилно да го држите бебето, во зависност од ситуацијата:
- На градите. Ова е идеална позиција за смирување бидејќи главата му е на вашето рамо, а рацете го држат зад грбот и вратот.
- Во лежечка положба на подлактица. Бебето лежи на вашата подлактица, со лицето надолу или настрана. Оваа поза е корисна и за бебиња кои имаат гасови.
- Во полуседечка позиција. Погодна е кога му давате млеко. Поддржете ја главата со едната рака, а со другата држете го шишето или градата.
Како и да го држите вашето бебе, која позиција и да ја одберете секогаш внимавајте телото на бебето да е во права линија без искривување на вратот или грбот.
4. Сигурност пред сè
Пред да го подигнете или спуштите бебето: проверете дали површината е стабилна, избегнувајте да го држите бебето со една рака додека правите нешто друго и никогаш не го кревајте за раце, пазуви или нозе.
Дури и краток момент на невнимание може да биде ризичен за неговата чувствителна анатомија.
5. Контакт и комуникација
Држењето на бебето не е само физички чин туку и начин на поврзување.
Гледајте го во очи, зборувајте му, насмевнувајте се. Вашиот допир, глас и мирис му даваат чувство на сигурност и љубов.
Бебињата ја „читаат“ вашата енергија, ако вие сте смирени, и тие ќе бидат.
Да го држите новороденчето правилно не бара сила, туку внимание, нежност и комплетно присуство во тој момент.
Со секој допир и правилно подигање, му помагате на вашето бебе да се чувствува заштитено и сакано, а тоа е најважната основа за неговиот развој и извор на неговата среќа.