Анксиозност по породување - како да ја препознаете?
Постпородилниот период често се поврзува со радост, исполнетост и нов почеток. Но кај значителен број жени, покрај физичкото закрепнување и грижата за новороденчето, се појавува и силен внатрешен немир.
Анксиозноста по породување е почеста отколку што се зборува за неа, а неретко останува непрепознаена или погрешно протолкувана како нормална мајчинска грижа.
Што претставува постпородилната анксиозност?
Постпородилната анксиозност е состојба на интензивна и постојана загриженост, страв или напнатост која се јавува по раѓањето на детето. Таа може да се појави самостојно или заедно со постпородилна депресија, но важно е да се нагласи дека не се исто.
Според податоци од клиничката пракса, анксиозните нарушувања по породување можат да се јават во првите недели, но и неколку месеци подоцна.
Најчести знаци и симптоми
Анксиозноста не изгледа исто кај секоја жена, но најчесто се манифестира преку комбинација од психички и физички симптоми.
Емоционални и когнитивни знаци:
- постојана грижа за здравјето и безбедноста на бебето, дури и кога нема реална причина,
- чувство дека „нешто лошо ќе се случи“,
- тешкотии со опуштање, дури и кога бебето спие,
- наметливи мисли кои се вознемирувачки и несакани,
- чувство на вина поради сопствените мисли или емоции.
Физички симптоми:
- забрзано чукање на срцето,
- стегање во градите или отежнато дишење,
- вртоглавица, тремор или потење,
- проблеми со спиењето кои не се поврзани само со ноќните будења на бебето.
Важно е да се знае дека овие симптоми не се знак на слабост или лошо мајчинство.
Како да се разликува анксиозноста од нормалната грижа?
Грижата за новороденче е природна. Но анксиозноста станува проблем кога:
- грижата е непрекината и неконтролирана,
- мислите се повторуваат и не можат да се „исклучат“,
- стравот го попречува секојдневното функционирање,
- мајката избегнува одредени ситуации од страв како на пример, да остане сама со бебето или да излезе надвор.
Клучната разлика е интензитетот и влијанието врз квалитетот на животот.
Зошто се јавува постпородилна анксиозност?
Причините се најчесто повеќеслојни и вклучуваат:
- нагли хормонални промени по породувањето,
- недостаток на сон и физичка исцрпеност,
- претходна историја на анксиозност или депресија,
- висок притисок и нереални очекувања од мајчинството,
- недостаток на социјална и партнерска поддршка.
Кога и каде да се побара помош?
Ако симптомите траат повеќе од две недели, се влошуваат или предизвикуваат силна вознемиреност, стручната помош е неопходна. Разговор со матичен лекар, гинеколог, психолог или психијатар може да биде првиот чекор.
Раното препознавање и соодветната поддршка значително го скратуваат времето на закрепнување и го подобруваат менталното здравје на мајката што е важно и за нејзиното бебе.
Анксиозноста по породување е реална, честа и лечлива состојба. Препознавањето на симптомите е првиот и најважен чекор кон подобрување. Мајчинството не мора да биде обележано со постојан страв, поддршката и грижата за менталното здравје се подеднакво важни како и грижата за бебето.





