Здрава или токсична врска? Еве како да препознаеш
Љубовта е слепа. Воодушевувањето, навиката или стравот од осаменост и промени знаат да нe држат заробени во односи што ни штетат.

Но секој однос не е токсичен ако има расправија, ниту пак секоја хармонија е знак за здрава врска. Разликата меѓу здрав и токсичен однос е во динамиката, почитта и начинот на комуникација и најважно е како се чувствувате вие во тој однос.
Што е здрава врска?
Здравата врска не значи дека сè е совршено. Таа значи дека двајцата партнери се трудат, комуницираат отворено, се почитуваат и се подготвени да растат и заедно и индивидуално со сите предизвици кои им стојат на патот.
Карактеристики на здрава врска:
- Емоционална безбедност, се чувствувате сигурно и прифатено
- Отворена комуникација, да можете да кажете што мислите без страв
- Поддршка и разбирање, партнерот да ве слуша и ве бодри, а не да ве потценува
- Простор за личен раст, врската да не ве ограничува, туку да ве поттикнува
- Баланс во давање и примање, да вложуваат и двајцата, а не само еден
Што е токсична врска?
Токсичната врска не секогаш изгледа деструктивно на прв поглед. Често, симптомите се тивки: чувство на исцрпеност, вина, страв, непочит или манипулација. Таа динамика полека ве троши: ментално, емоционално и дури и физички.
Знаци дека сте во токсична врска:
- Постојана контрола – партнерот ви кажува што да носите, со кого да се гледате, или какви избори да правите
- Манипулација и вина – секогаш вие сте виновни, дури и кога не сте
- Постење на љубомора и недоверба – секој контакт со друг ве става под сомнеж
- Емоционално уценување – партнерот ви се заканува, се дистанцира или ве „казнува“ со молк
- Постои страв да бидете свои – се цензурирате себеси за да не ја налутите другата страна
Како да направите разлика?
Запрашајте се како се чувствувате после секоја средба, разговор или ден поминат со партнерот/ката?
Ако најчесто чувствувате: мир, радост, поддршка или поттик вие сте во здрава врска. Но ако чувствувате: страв или вина, несигурност, напнатост или замор треба да се преиспитате себеси дали сте во токсична врска.
Дали може токсичната врска да се „поправи“?
Во некои случаи може, но само ако: и двајцата партнери се свесни и го прифаќаат проблемот, ако постојат обиди за промена, а не само празни зборови и извинувања, да има волја, раст и отворена комуникација меѓу партнерите.
Но ако само едниот се труди, а другиот партнер не го признава ниту најочигледниот проблем, веројатно не станува збор за обострана врска, туку за еднострана борба.
Не секој лош ден значи лоша врска. Но ако секој ден се чувствувате лошо во присуство на партнерот/ката, тоа не е нормално и здраво, а не е ниту љубов.
Здрава врска не значи дека партнерот е совршен, туку дека и двајцата се чувствувате слободни, сакани и слушнати. Токсична врска, пак, го гаси најдоброто во вас, полека, носигурно.
Ако се препознавате во овој текст, не сте сами
Разговор со психолог, пријател или група за поддршка може да биде првиот чекор кон ослободување и заздравување.
Сепак секој заслужува врска во која има поддршка, а не повредување.