Варичела кај бебиња: Што е нормално, што не, и како да помогнете?
Варичелата или попозната како „мали сипаници“, е честа вирусна инфекција која најчесто ги погодува децата, особено бебињата под 2 години.

Иако обично поминува без сериозни последици, за родителите може да биде стресно да препознаат што е нормално во текот на болеста и кога да побараат медицинска помош.
Што е варичела?
Варичелата ја предизвикува вирусот варичела-зостер и се шири преку капки од кашлање, кивање, или директен контакт со осипот на заразеното лице. Инкубациониот период е околу 10-21 ден, а заразеното лице може да пренесува вирус 1-2 дена пред појавата на осипот и додека сите ранички не се исушат и не се покријат со корички.
Што е нормално?
- Осип. Првите мали црвени дамки што брзо преминуваат во меуриња исполнети со течност. Овие ранички може да се појават по целото тело, вклучувајќи лице, скалп, па дури и усни или гениталии.
- Чешање. Раничките многу чешаат, што е нормална појава, но не треба да се дозволи детето да ги гребе за да не се заразат.
- Температура. Лесна до умерена температура (до 38.5°C) во првите денови.
- Општа слабост и раздразливост. Детето може да биде помалку активно и побрзо да се заморува.
Што не е нормално?
- Висока температура која не паѓа со лекови или трае повеќе од 4-5 дена.
- Многу голем број на ранички, кои се шират или се спојуваат заедно.
- Знак на секундарна инфекција. Тоа е ако раничките се црвени, отечени или излачуваат гној.
- Проблеми со дишењето, отежнато дишење, посинети усни.
- Промени во однесувањето, необична поспаност, неможност да се разбуди, конвулзии.
- Воденаста дијареа или повраќање што води кон дехидратација.
Како да помогнете?
- Обезбедете удобност. Облечете го бебето во лесна, памучна облека и одржувајте ја просторијата свежа и проветрена.
- Намалете го чешањето. Користете специјални креми или лосиони препорачани од педијатар, и скратете им ги ноктиња за да не се гребат.
- Контролирајте ја температурата. Давајте парацетамол или ибупрофен по препорака на лекар. Никогаш не давајте аспирин на деца.
- Хидратација. Обезбедете доволно течности како што се: вода, млеко или адаптирано млеко, особено ако детето има температура.
- Изолација. Оставете го бебето дома, далеку од други деца и бремени жени (варичелата е опасна за трудници).
Кога да побарате итна медицинска помош?
Ако детето покажува некој од следниве знаци, веднаш контактирајте педијатар или одете во најблиската здравствена установа:
- Висока и неконтролирана температура
- Тешкотии во дишењето или синкаво лице
- Неконтролирани напади или силна поспаност
- Силна црвенило и оток на кожата, со гној во раничките
- Силна дехидратација (суви усни, малку мокрење, летаргија)
Превенција
Најдобра заштита од варичела е вакцинацијата. Во многу земји таа е дел од редовниот календар за вакцинација, но доколку не е, задолжително консултирајте се со педијатар кога да ја примите вакцината.
Варичелата е болест која најчесто поминува без сериозни проблеми, но бара внимание и соодветна нега. Со правилна грижа, поддршка и навремена реакција на алармантни симптоми, ќе помогнете на вашето бебе побрзо и безбедно да ја преброди оваа детска болест.