Татковци на игралиште - посебна категорија
На прв поглед, игралиштето изгледа како едноставен простор за детска игра со лулашки, лизгалки и смеа што одекнува без грижа. Но ако малку подолго се задржите, ќе забележите една посебна појава, татковците кои се таму со своите деца.
Тие не се само придружба, туку цела една „категорија“ со сопствен ритам, стил и енергија.
Комбинација од практичност и присутност во играта
Татковците на игралиште често пристигнуваат со комбинација од практичност и ентузијазам. Во нивните џебови има сè, од марамчиња и вода, до ситни играчки и резервен план за секоја можна ситуација. Но, истовремено, тие носат и нешто што не се гледа, а то е желбата да бидат присутни во секој скок, пад и нов повик на дтето „погледни ме“.
Татковците како искрени и автентични поддржувачи на игралиштето
Иако понекогаш делуваат малку несигурно во почетокот, особено со помали деца, многу брзо се трансформираат во најгласните навивачи покрај лизгалката. Нивните реакции се искрени и преставуваат мешавина од гордост, страв и смеење, често во иста секунда. Токму таа автентичност ги прави препознатливи.
И тато игра
Интересно е што татковците на игралиште ретко остануваат на страна. Дури и кога само гледаат, тие всушност се дел од играта. Ќе турнат лулашка малку повисоко, ќе помогнат при искачување или ќе измислат нова игра што веднаш станува омилена. Во тие моменти, границата меѓу возрасен и дете речиси исчезнува.
Тато заштитник
Покрај забавата, тие често ја преземаат и улогата на тивка заштита. Со еден поглед го следат секое движење, подготвени да реагираат пред да се случи падот. Но истовремено учат да пуштат односно да дозволат детето да проба, да погреши, да стане само.
Најубавиот дел од оваа сцена е што татковците на игралиште не го играат совршениот родител. Наместо тоа, тие се вистински, понекогаш уморни, понекогаш збунети, но секогаш присутни. И токму таа присутност е она што децата најмногу го паметат.
Во свет каде секојдневието брза, игралиштето станува мал простор на забавено време. А татковците во него се доказ дека родителството не е само грижа, туку и игра, смеа и повторно учење како да се гледа светот низ детски очи.





