Што е перинатална депресија? Разбирање и поддршка за мајките
Перинаталната депресија е состојба која многу често се појавува кај жени во текот на бременоста или по породувањето, а сепак е недоволно разбрана.

За разлика од обичните емоции на тага, раздразливост, разочарување кои траат неколку дена, перинаталната депресија е сериозна емоционална и психолошка состојба која бара внимание и поддршка.
Кога се јавува перинаталната депресија?
Терминот перинатална опфаќа два главни периоди:
- Антенатално (за време на бременоста). Депресивни симптоми можат да се појават уште за време на бременоста, особено кај жени со историја на анксиозност или депресија.
- Постпородилно (по раѓањето). Симптомите се јавуваат обично во првите месеци по породувањето, но понекогаш можат да се појават и до една година по раѓањето.
Симптоми на перинатална депресија
Перинаталната депресија може да се манифестира на повеќе начини:
- Постојано чувство на тага, празнина или очај
- Загуба на интерес или задоволство од активности што претходно ги сакале
- Тешкотии со спиење или константно чувство на замор
- Промени во апетитот или тежината
- Ослабење на концентрацијата и одлучувањето
- Чувство на вина или несигурност како родител
- Тешкотии во поврзувањето со бебето
- Понекогаш, мисли за штета на себе или на бебето. Ова е алармантен знак за итна професионална помош
Важно е да се напомене дека не секоја жена ќе ги искуси сите овие симптоми, а нивниот интензитет може да варира.
Причини и фактори на ризик
Перинаталната депресија е резултат на комплексна комбинација на фактори:
- Хормонални промени кога по породувањето се јавува драстичен пад на естрогенот и прогестеронот.
- Психолошки фактори како стрес, анксиозност или претходни психички проблеми.
- Социјални фактори како недоволна поддршка од партнерот, семејството или заедницата.
- Физички фактори, проблеми при породувањето, хронична болка или умор.
Зошто е важно навремено препознавање?
Нереагирањето на симптомите може да доведе до продлабочување на депресивната состојба, влијаејќи не само на мајката, туку и на бебето. Истражувањата покажуваат дека мајките со нерешена перинатална депресија имаат потешкотии во воспоставување емоционална врска со бебето, а тоа може да влијае на развојот на детето и на неговата емоционална стабилност.
Како да се помогне?
- Побарајте професионална помош од гинеколог, психијатар или психолог со искуство во перинатална депресија.
- Поддршка од семејство и партнер. Разговорите, емпатијата и практичната помош се исклучително важни.
- Самопомош и ритуали за себе: кратки прошетки, здрав сон, храна, вежби за релаксација.
- Групи за поддршка. Разговарајте со други мајки кои минуваат низ слични искуства.
- Медикаментозна терапија. Кај потешки форми, може да се препорачаат антидепресиви безбедни за доење, секогаш по консултација со лекар.
Перинаталната депресија не е слабост, ниту нешто што треба да се криe. Таа е сериозна и честа состојба која бара разбирање, внимание и професионална поддршка. Со правилно препознавање и третман, мајката може да го надмине овој тежок период, а бебето да расте во средина полна со љубов и емоционална стабилност.