Промени во телото низ трите триместри, од раст до оток
Бременоста е сложен процес во кој целото тело се приспособува за да создаде и одгледа нов живот. Некои промени се очекувани и лесни, други изненадувачки, а трети понекогаш непријатни. Сите, сепак, имаат своја причина.
Еве што се случува со телото низ секој од трите триместри.
Прв триместар (1-12 недела) - тивки, но интензивни промени
Иако надворешно бременоста можеби не е видлива, внатре телото работи со полна пареа.
Најчести промени се: хормонален ролеркостер, замор и потреба за повеќе сон, гадење и чувствителност на мириси, напнати и болни гради, често мокрење,промени во расположението.
Матката почнува да расте, но стомакот сè уште не е забележлив. Многу жени се чувствуваат исцрпено и тоа е нормално.
Втор триместар (13-27 недела) - период на раст и стабилност
Ова е триместарот кога повеќето жени се чувствуваат најдобро. Енергијата се враќа, а бременоста станува видлива.
Промени што се јавуваат се: раст на стомакот, зголемување на телесната тежина, појава на стрии, потемнување на кожата како линија нигра или потемни брадавици, проширени вени и првите движења на бебето.
Телото активно создава повеќе крв и течности за да го поддржи бебето што пак може да донесе чувство на топлина и полни екстремитети.
Трет триместар (28 недела до породување) - тежина, отоци и подготовка
Како што бебето расте, телото чувствува поголем физички напор.
Чести промени се: отекување на нозете, глуждовите и рацете, болки во грбот и карлицата, отежнато дишење, несоница, киселини и притисок во желудникот, замор при најмал напор.
Отоците се чести поради задржување течности и притисок врз вените, но ненадеен и силен оток секогаш треба да се провери со лекар.
Промени што траат низ целата бременост
Некои промени не се врзани за одреден триместар како што се: зголемен апетит или губење апетит, чувствителност на кожа, потење, промени во косата и ноктите и емоционалните осцилации.
Секоја бременост е различна па така нема еден правилен и уникатен начин на кој телото треба да се менува.
Како да си помогнеш?
- Слушај го телото и одмарај кога има потреба.
- Пиј доволно течности.
- Носи удобна облека и обувки.
- Движи се умерено.
- Не споредувај се со други бремени жени.
Телото во бременост е тело што создава живот и секоја промена е дел од тој процес. Од првичниот раст до последниот оток, ништо не е случајно.
Наместо да се бориш со промените, обиди се да ги разбереш. Твоето тело знае што прави.





