Подгответе се за вистински мал брбливец
Од првото гугање до бескрајните прашања „зошто?“. Некои деца покажуваат зголемена љубопитност кон звуците и зборовите и стануваат мали брбливци уште во рана возраст.
Кога започнува „брбливоста“?
Иако првите зборови најчесто се појавуваат околу првата година, подготовката за говор започнува многу порано. Бебето слуша уште во утробата, реагира на гласови и интонација, а потоа гуга, имитира звуци и одговара.
Секој од овие чекори е важен дел од развојот на комуникацијата.
Зошто некои деца зборуваат повеќе од други?
Колку детето ќе зборува зависи од темпераментот на детето, средината во која расте, колку често и како возрасните комуницираат со него, како и развојот на чувството дека е слушнато и прифатено
Детето што се чувствува безбедно сака да зборува и да ги споделува свпите доживувања на околината.
Како изгледа секојдневието со мал брбливец?
Постојано поставување на прашања, коментирање на сè што гледа, раскажување без пауза, гласно размислување и повторување на приказни се секојдневни моменти и часови со кои е исполнет животот.
Иако понекогаш знае да биде заморно, ова е знак на здрав когнитивен и емоционален развој.
Како да го поддржите без да го замолчите?
- Не слушате само туку и разговарајте. Поставувајте прашања и проширувајте ги неговите реченици.
- Читајте заедно. Книгите го збогатуваат речникот и ја поттикнуваат имагинацијата.
- Не го прекинувајте постојано туку дајте му време да ја заврши мислата.
- Ограничете го гледањето во екран. Ништо не ја заменува комуникацијата во живо.
Кога брбливоста станува предизвик?
Понекогаш таа трае до доцна навечер и со тоа се нарушува концентрацијата и се создава замор кај родителите. Така да, во ред е да се постават нежни граници и да се каже: „Сега е време за тишина, подоцна пак ќе разговараме.“
Дали брбливото дете ќе биде комуникативно и понатаму?
Честопати да. Овие деца обично полесно ги изразуваат емоциите и имаат подобри социјални вештини, а со тоа покажуваат поголема самодоверба. Но секое дете е различно и си има свој ритам.
Ако имате мал брбливец дома, имате дете што го истражува светот преку зборови.
Иако ќе има моменти кога ќе посакате тишина, запомнете оваа фаза минува побрзо отколку што мислите.
Еден ден токму тие зборови ќе ви недостигаат.





