Моето срце надвор од моето тело
Се случуваат моменти во животот, најубавите се тоа, кога чувствувате дека сe што сте, вашето битие, вашата љубов и вашиот здив одеднаш живеат во друго суштество.
Тоа е моментот кога станувате родител. Од тој миг, вашето срце повеќе не чука само за вас и не е само ваше. Тоа оди, трча, плаче, се смее, а вие заедно со него, надвор од твоето тело.
Кога првпат ќе го држите своето дете во раце, светот престанува да биде апстрактен. Сè добива смисла, тежина и нов редослед на приоритети.
Стравот од многу прашања, неизвесности и предизвици станува посилен, но и љубовта пак расте во мера која не сте ни знаеле дека ја има.
Сакате да го заштитите од сè, иако знаете дека дел од вашата задача е да го пуштите да расте, да падне, да стане, да научи, да стане своја личност. А вие сепак ќе сте покрај него целиот свој живот.
Да се биде родител не е улога, туку целосна трансформација.
Одеднаш сфаќате дека мало суштество, вашето дете е сега центарот на универзумот.
Секој избор, секоја мисла, секоја надеж ќе ја мерите низ неговите очи.
Кога тие се смеат, сонцето изгрева и во најтемниот ден. Кога плачат, светот застанува.
Има вечери кога ги гледате како спијат и се прашувате:
„Како е можно ова мало суштество да е дел од мене, а сепак толку бескрајно свое и самостојно?“
Во тие моменти, сфаќате дека љубовта е таа емоција која не се мери со збор туку со своето присуство. Љубовта е нежното покривање со ќебе во зима, трпеливото слушање на детските приказни, погледот што вели „сè ќе биде во ред“ и кога не сте сигурни.
Родителството е едно чудесно патување. Патување на кое многу учите, гледате се што претходно не сте виделе. Полнo со стравови, со бесони ноќи, но и со најтопли утра.
И додека годините минуваат, сфаќате дека најголемата лекција не е како да ги учите децата да живеат, туку како тие вас ве учат што навистина значи животот.
Вашето дете е вашето срце. И тоа е најубавата болка, најнежната вистина и најдлабоката љубов што човек може да ја почувствува.





