Кога овулирате? Откријте ги вашите најплодни денови
Доколку планирате бременост, познавањето на времето кога овулирате може да ви помогне подобро да ги препознаете деновите кога шансите за зачнување се најголеми.
Иако ниту еден метод не може со сигурност да ја предвиди овулацијата, следењето на менструалниот циклус и промените во телото може да биде корисна алатка.
Што е овулација?
Овулацијата е процес при кој зрелата јајце клетка се ослободува од јајникот и патува низ јајцеводот, каде што може да биде оплодена. Јајце клетката останува способна за оплодување околу 12 до 24 часа по овулацијата.
Што се плодни денови?
Плодниот период, или плоден прозорец, ги опфаќа петте дена пред овулацијата и денот на овулацијата. Овој период е најповолен за зачнување, бидејќи сперматозоидите можат да преживеат во женскиот репродуктивен тракт до пет дена.
Како да ја пресметате овулацијата?
Ако имате редовен циклус
Кај жени со циклус од 28 дена, овулацијата најчесто се случува околу 14-тиот ден, сметајќи од првиот ден на менструацијата.
На пример:
- кај 28 дневен циклус, овулацијата се случува околу 14тиот ден,
- кај 30 дневен циклус, овулацијата се случува околу 16тиот ден,
- кај 32 дневен циклус, овулацијата околу 18тиот ден.
Ова се приближни пресметки, бидејќи овулацијата може да варира и кај жени со редовни циклуси.
Како да ги препознаете плодните денови?
Покрај календарот, може да следите и:
- цервикален секрет која станува проѕирен, лизгав и растеглив, сличен на белка од јајце,
- тестови за овулација кои го детектираат порастот на лутеинизирачкиот хормон (LH), кој најавува овулација,
- базална телесна температура која благо се зголемува по овулацијата, што помага да се потврди дека таа веќе се случила.
Колку често да имате сексуални односи?
Доколку се обидувате да забремените, најголеми шанси има ако имате редовни сексуални односи на секои 2 до 3 дена во текот на целиот циклус или секој ден или секој втор ден за време на плодниот прозорец.
Ова помага да има сперматозоиди присутни кога ќе се ослободи јајце клетката.
Што ако циклусите се неправилни?
Кај неправилни менструални циклуси, календарската пресметка е помалку сигурна.
Во такви случаи може да помогнат:
- тестови за овулација,
- следење на цервикалниот секрет,
- консултација со гинеколог, особено ако циклусите се многу нередовни или ако долго време не доаѓа до бременост.
Кога да побарате стручна помош?
Консултирајте се со гинеколог ако:
- циклусите се многу неправилни или отсутни,
- се обидувате да забремените повеќе од 12 месеци или 6 месеци ако имате 35 години или повеќе,
- се сомневате дека не овулирате;
- имате познати гинеколошки или хормонални проблеми.
Пресметувањето на овулацијата може да ви помогне подобро да ги препознаете вашите плодни денови и да ги зголемите шансите за зачнување. Иако календарската метода е добар почеток, комбинирањето со следење на телесните промени и тестови за овулација може да даде попрецизни информации. Доколку имате потешкотии со зачнувањето, не двоумете се да побарате совет од гинеколог или специјалист по репродуктивна медицина.





