Грчеви во доенечка возраст: кога малото плаче, а вие не знаете зошто
Нема ништо потешко од тоа да го држите вашето бебе во раце, а тоа да плаче со сета сила иако е нахрането, суво и наспано. Не знаете зошто, не знаете дали се работи за сериозен проблем.

Најчесто, одговорот е: грчеви.
Што се всушност грчевите кај бебињата?
Грчевите, или инфантилни колики, се чести и нормални периоди на интензивен плач кај здрави доенчиња, особено во првите 3 до 4 месеци од животот. Се јавуваат најчесто навечер и можат да траат од неколку минути до неколку часа.
Тие не се опасни, но се предизвик за целото семејство.
Како да ги препознаете?
- Вашето бебе почнува да плаче ненадејно, без очигледна причина.
- Се собира во стомачето, се витка на страните, ги подвиткува ножињата и се зацрвенува во лицето.
- Плачот е продорен, силен и повторлив, не наликува на обичен плач или мрморење од глад или мокра пелена.
- Ова се случува во исто време од денот, најчесто во попладневните или вечерните часови.
Зошто настануваат?
Иако нема точен одговор за причините, се смета дека може да бидат комбинација од:
- Сеуште неразвиена целосно дигестивна функција
- Проголтување на воздух при доење или хранење
- Чувствителност на млеко (посебно ако го храните со формула)
- Преголема стимулација од околината поради која се појавува вознемиреност
- Темпото на развој, телото расте, органите се прилагодуваат
Што можете да направите дома?
Важно е да знае дека грчевите не се резултат на некоја ваша грешка. Но, постојат неколку начини што може да помогнат
1. Топлина и контакт
Нежно ставете топла пелена или крпа на стомачето или држете го бебето кожа на кожа. Чувството на блискост ја намалува напнатоста.
2. Позиција за олеснување
Носете го бебето свртено на стомак преку вашата рака, и благо тапкајте го по грбот.
3. Масажа
Правете кружни движења со топли дланки околу папокот, во насока на стрелките на часовникот.
4. „Bicycle“ движења
Полека движете ги ножињата на бебето како да вози велосипед бидејќи ова го стимулира ослободувањето на гасовите.
5. Мирна околина
Светло, телевизор, гласни звуци, сето тоа може да го преоптоварат и вознемират бебето. Намалете го темпото посебно навечер.
6. Пробиотици или капки?
Во консултација со педијатар, можат да се предложат специјални капки за грчеви или пробиотски капки за поддршка на цревната флора.
Кога да се јавите на лекар?
Грчевите се нормални, но ако забележите некои од следниве симптоми веднаш побарајте медицинска помош:
- Непрестан плач повеќе од 3 часа, секој ден
- Повраќање, дијареја или температура
- Не сака да јаде, губи во тежина или изгледа летаргично
- Столицата има необична боја (сива, бела, крвава)
Грчевите знаат да го разнишаат трпението и на најсмирените родители. Но, тие се минлива фаза. Најчесто престануваат околу третиот месец. Вашето бебе расте, учи, се прилагодува, а и вие заедно со него.
Додека трае тој плачлив дел од патот, најважно е да запомните:
не сте сами, не грешите, и ова – ќе помине.