Да си добар родител: очекување или вистинска приказна?
Денес, родителите живеат под лупа со присуството на социјалните мрежи, експертски совети, коментари од роднини, блогови.

Сето тоа создава одредена слика за совршенство и мислиме дека сите треба да се стремиме кон тоа,Но вистината е: таква дефиниција не постои.
Идеалот на „добриот родител“ е непостоечки мит
Што значи добар родител? Дали тоа е оној што никогаш не вика, оној што секогаш знае што да каже, готви, воспитува, работи, игра, помага со домашни задачи и секогаш е присутен, трпелив и насмеан?
Овој идеал е нереален и штетен. Тој создава притисок наместо водство, вина наместо учење, и перфекционизам што ги отуѓува родителите од сопствената интуиција.
Родителството не е звање – туку процес
Да си родител значи секој ден да учиш, да згрешиш и повторно да се обидеш. Секако понекогаш ќе изгубиш трпение или пак ќе кажеш нешто што не го мислиш. Во некои денови ќе бидеш уморен, ќе се чувствуваш неуспешно како родител или пак ќе се чувствуваш недоволно.
Но вистинското родителство не се мери во совршени моменти, туку во тоа што правиш после нив.
Детето нема потреба од „совршен“ родител – туку од “реален” родител
Децата не учат од идеален пример, туку од близината со своите ридители. Учи од тоа како родителот се справува со грешките или пак се носи со тешкотиите. Детето учи и од љубовта која ја добива константно и која е сигурна.
„Добар родител“ не значи дека никогаш нема да згрешиш, баш напротив. Преку грешките учиме како да бидеме подобри, а тоа го гледаат и нашите деца кои се сигурни дека ќе бидеме тука, дури и тогаш.
Совети има и ќе има илјадници, но ти си најдобриот експерт за своето дете
Не е штетно да се едуцираме и да учиме од други. Но ниеден совет не може да биде подобар од советот кој ќе си го дадеш сам на себе. Тој совет произлегува од твојата поврзаност, љубов и познавање на сопственото дете.
На крајот, не постои рецепт. Не постои оцена. Постои само автентичен напор, присутност, и љубов што не се мери, туку се чувствува.