Знаци дека започнува породувањето. Кога да се оди во болница?
Како да ги препознаете вистинските сигнали и да останете смирени?
Последните недели од бременоста често се исполнети со прашањето дали секој сигнал или промена е почеток на породувањето.
Некои знаци се само подготовка на телото, а други значат дека породувањето навистина започнува.
Еве како да направите разлика.
1. Регуларни контракции
Ова е најсигурниот знак. Вистинските контракции се јавуваат според редовни интервали кои со текот на времето стануваат посилни и подолги и постепено се скратува времето меѓу нив. Овие контракции не поминуваат со одмор или промена на положба.
Правило 5-1-1: Контракции на секои 5 минути, траат 1 минута, во тек на 1 час. Знајте дека е време за болница особено ако ви е прво породување.
2. Пукање на воденикот
Може да биде нагло истекување на поголема количина течност или постепено.
Ако се сомневате дека ви пукнал воденикот јавете се во болница, дури и ако немате контракции.
Забележете ја бојата на течноста. Ако е зеленикава или има непријатен мирис, потребна е побрза проценка.
3. Слузав исцедок со траги од крв
Ова значи дека грлото на матката започнува да се отвора. Може да се појави неколку часа, но и неколку дена пред активното породување.
Сам по себе, не значи дека веднаш треба да одите во болница освен ако не е проследено и со контракции.
4. Чувство на притисок и тежина во карлицата
Како што бебето се спушта се зголемува притисокот надолу и може да чувствувате болка во крстот, а движењето станува потешко. Ова е знак дека телото се подготвува.
5. Интензивна болка во долниот дел од грбот
Кај некои жени, контракциите се чувствуваат повеќе во грбот отколку во стомакот. Ако болката станува ритмична и се засилува веројатно започнува активната фаза.
Кога веднаш да одите во болница?
Ако имате некој од овие симптомиу треба веднаш да се јавите во болница:
- силно вагинално крварење,
- намалени или отсуство на движења на бебето,
- висока температура,
- силна, постојана болка што не доаѓа во бранови,
- пукнат водењак со зелена течност.
Лажни контракции (Braxton Hicks). Како да ги препознаете?
Овие контракции се нерегуларни, не се засилуваат, не се зголемува интензитетот и поминуваат со одмор или топол туш. Тие се подготовка, не вистинско породување.
Прво породување vs. второ породување
Кај второ или трето породување процесот може да се одвива побрзо, па затоа е подобро порано да се упатите во болница.
Вашето тело особено во бременоста знае што прави. Најважно е да ги следите контракциите, да го набљудувате движењето на бебето и да останете во контакт со вашиот лекар.
Ако се двоумите подобро е да се јавите и да добиете совет, отколку да останете во неизвесност.





