Што е анксиозност во бременост?
Анксиозноста во бременост е состојба на зголемена грижа, напнатост и страв што може да се јави во текот на бременоста.
До одреден степен, загриженоста е нормална бидејќи бременоста носи големи физички, хормонални и емоционални промени. Но кога анксиозноста станува постојана или интензивна, таа може да влијае на секојдневието и благосостојбата на трудницата.
Дали е нормално да се чувствува анксиозност?
Многу жени во бременост доживуваат: зголемена грижа за плодот и неговиот развој, страв од породување, несигурност за иднината или преосетливост на промените кои настануваат во телото.
Овие чувства се чести, особено во првата бременост.
Причини за анксиозност во бременост
Анксиозноста може да биде резултат на повеќе фактори.
Најчести се:
- хормоналните промени,
- стрес во секојдневниот живот,
- претходни тешки искуства како загуба на плодот или компликации во бременоста,
- страв од породување,
- грижа за здравјето на бебето,
- финансиски или семејни притисоци.
Како се манифестира?
Анксиозноста може да се почувствува и психички и физички.
Психички симптоми: постојана грижа, чувство на немир, потешкотии во опуштање и наплив на негативни мисли.
Физички симптоми: забрзано срцебиење, потење, напнатост во мускулите, проблеми со спиењето и замор.
Разлика меѓу нормална грижа и анксиозност
- Нормална грижа семанифестира со повремени мисли за бременоста и бебето.
- Анксиозност пак е постојана, тешко контролирана грижа која влијае на секојдневниот живот
Како да се ублажи анксиозноста?
Постојат неколку начини кои можат да помогнат.
- Имајте редовен одмор и сон.
- Имајте лесна физичка активност како на пример прошетки.
- Воведете техники на длабоко дишење.
- Разговарајте отворено со партнерот, семејството или пријателите.
- Информирајте се за се што ве интересира или мачи од сигурни извори и без претерано пребарување на интернет.
- Практикувајте јога или релаксација за трудници.
Кога да побарате помош?
Важно е да се побара стручна помош ако:
- анксиозноста трае долго,
- имата напади на паника,
- не можете да функционирате нормално,
- се појавува силен страв или депресивно расположение.
Лекар, психолог или психијатар може да ви помогне со безбедни методи прилагодени за бременост.
Анксиозноста во бременост е честа и разбирлива појава поради големите промени низ кои поминува телото и умот. Иако е нормално да постои одредена грижа, важно е таа да не стане преоптоварувачка. Со поддршка, правилни навики и навремена стручна помош, анксиозноста може успешно да се контролира, овозможувајќи помирна и поурамнотежена бременост.





