Реакција на бебето при воведување дохрана. Што е нормално, а кога да се загрижите?
Воведувањето дохрана е една од фазите во првата година од родителството, а за бебето тоа е целосно нов свет на вкусови, текстури и сензации. Затоа е сосема нормално да има различни реакции кога првпат се соочува со лажичката.
Еве како изгледаат најчестите реакции кај бебињата и како да ги разберат родителите без паника.
1. Правењето гримаси е нормално и очекувано
Лице од типот „што ми даде да јадам?!“ е класична прва реакција.
Не значи дека бебето ја мрази храната. Едноставно ова е нов вкус, нова текстура и ново чувство во устата. Како и секој човек и на бебето му треба време да се навикне.
Понекогаш гримасите траат неколку дена.
2. Буткањето на храната со јазикот
Ова е рефлекс на истиснување кој обично се губи помеѓу 4 до 6 месеци.
Доколку бебето постојано ја турка храната со јазикот, можеби е рано за дохрана.
Сосема во ред е да пробате повторно по неколку дена.
3. Мала количина храна е сосема доволно
На почеток, бебињата можат да прифатат само неколку лажички. Па дури и половина лажичка е успех.
Во првите недели, храната е повеќе „запознавање“ отколку оброк. Мајчиното млеко или формулата и понатаму се главен извор на исхрана.
4. Играње со храна
Некои бебиња: ја допираат, ја размачкуваат, ја фрлаат и ја притискаат со прсти.
Ова не е непослушност туку еден вид на учење. Преку допирот бебињата ја разбираат текстурата и тоа е важен дел од развојот на моториката и сензориката.
5. Црвенило околу устата после јадење
Понекогаш кожата на бебето реагира на киселоста од одредени намирници како домат, јагода и слично
Црвенилото најчесто исчезнува по кратко време и не значи алергија.
6. Запек или помеки столици
Телото се приспособува на нова храна. Можно е: привремен запек, пофреквентни столици, промена во бојата и мирисот.
Сè додека бебето е расположено и активно, тоа е нормален дел од адаптацијата.
7. Зголемено плукање или гадење
Ова се случува особено ако текстурата е густa или бебето не е навикнато.
Ова е одбранбена реакција додека бебето учи како да ја проголта храната.
Пробајте со поретка текстура, помеки вкусови или постепено зголемување на густината.
8. Алергиски реакции и кога мора да внимавате
Иако ретки, можни се појави како: осип на лицето и телото, повраќање, отечени усни или очни капаци, силно чешање, проблем со дишење.
Овие симптоми бараат итно обраќање на лекар.
Како да го олесните процесот?
Почнете со дохрана кога бебето покажува знаци на подготвеност, односно ако: седи со поддршка, се интересира за храна, го губи рефлексот на истиснување.
Нудете еден нов вкус на 2 до 3 дена за да го следите можниот одговор на телото.
Без притисок и со многу трпение. Ниту едно бебе не се учи да јаде за ден-два.
Понудете разновидни вкусови. Бебињата што рано пробуваат различни храни често подоцна се помалку пребирливи.
Кога да се јавите кај педијатар?
- Ако бебето целосно одбива храна повеќе од две недели,
- Ако има силни реакции како повраќање, дијареа, осип,
- Ако не напредува во тежина,
- Ако се гуши често при јадење.
Реакцијата на бебето при дохрана е комбинација на природни рефлекси, учење и мало истражување. Не секој гримаса, одбивање или зуењето со устата е проблем. Најважно е да се создаде позитивен ритуал без брзање, без притисок и со многу љубов.
Вашето бебе учи нешто што ќе го прави цел живот и тоа е прекрасно.





