Превентивни прегледи за жени – што, кога и зошто?
Во свет каде што темпото на живот е брзо, жените често се тие се грижат за сите семејството, работата, домот, освен за себе.

Превентивното здравје на жената честопати останува на дното од листата со приоритети, сè додека нешто не тргне наопаку. Но вистината е: здравјето не се чува кога ќе се разболиме, туку пред да се разболиме.
Зошто се важни превентивните прегледи?
Превентивните прегледи не се луксуз. Тие се основна алатка за зачувување на здравјето. Тие откриваат болести во најраната фаза, кога третманот е најефикасен, а последиците минимални. Особено кај жените, некои заболувања можат тивко да напредуваат без очигледни симптоми со години.
ШТО и КОГА? – Водич низ клучните прегледи
1. Гинеколошки преглед
Овој прегед е задолжителен еднаш годишно. Посебно станува задолжителен со почетокот на нивната сексуална активност. Вклучува ПАП тест, ехо на репродуктивните органи и проверка за инфекции. ПАП тестот е најдобрата заштита против рак на грлото на матката.
2.Мамографија / ултразвук на дојки
За жени под 40 години се препорачува ултразвук, а по таа возраст, мамографија. Раното откривање на рак на дојка спасува живот.
3. Хормонски статус и тироидна жлезда
Овој преглед се прави на 1 до две години, посебно по 30-тата година. Хормоналниот баланс влијае на циклусот, плодноста, енергијата и менталното здравје. Нарушувања кај тироидната жлезда се чести кај жените.
4. Општ интернистички преглед со вклучена крвна слика и проверка на шеќер
Овој преглед се прави еднаш годишно. Вклучува основна проверка за состојбата на организмот– анемија, шеќер, воспаленија, витаминот Д и друго. Посебно важно ако чувствувате хроничен замор или промени во тежината.
5. Преглед на коски – дензитометрија
Овој преглед е важен за жени над 40-тата година или кај оние жени кои имаат зголемен ризик од остеопороза
Жените се значително повеќе изложени на ризик од губење на коскена маса, особено по 45-та година.
6. Преглед кај дерматолог
Овој преглед се прави еднаш годишно. Редовна проверка на младежи, пеги и промени на кожата. Ракот на кожа, ако се открие рано, има висока стапка на излечување.
Не чекајте симптоми, секогаш бидете информирани
Многу жени ја посетуваат амбулантата дури кога нешто не е во ред. Но тогаш често веќе се касни. Превенцијата не значи да се живее во страв, туку во свесност и одговорност.
Секој преглед е чин на грижа за себе, за своето тело, за иднината. Тоа не е трошок, туку инвестиција.