Најчести инфекции кај деца. Кога е време за педијатар?
Детскиот имунитет се гради постепено. Токму затоа, во првите години од животот инфекциите се чести, особено кај деца кои одат во градинка или училиште.
За родителите секое кашлање или покачена температура предизвикува загриженост, но не кај секоја инфекција нема место паника, а и ниту веднаш посегнување по антибиотик.
Кога инфекцијата е нормален дел од растењето, а кога е сигнал дека е време за педијатар?
1. Респираторните инфекции се најчести гости во детството
Во овие инфекции спаѓаат: настинка, вирусен ринитис, фарингитис, бронхитис, грип.
Типични симптоми за овие инфекции се: течење или затнат нос, кашлица, блага до умерена температура, како и замор и намален апетит
Кога е нормално?
Ако детето има добар апетит, пие течности и температурата се контролира, најчесто станува збор за вирусна инфекција која поминува сама.
Кога кај педијатар?
- Ако температурата е над 38,5 °C и трае повеќе од 3 дена.
- Ако е отежнато дишењето или има свиркање во градите.
- Ако има кашлица што се влошува.
- Присуство на летаргија и одбивање на внес на течности.
2. Ушни инфекции (отитис)
Ушните инфекции се многу чести кај мали деца особено по настинка.
Симптоми на ови инфекции се: плачење и раздразливост, често допирање и фаќање за увото, покачена температура и нарушен сон
Кога е време за лекар?
Секогаш кога има болка во уво треба да појдете на лекар бидејќи само педијатар може да утврди дали е потребен третман и каков.
3. Стомачни и цревни инфекции
Овие инфекции се најчесто вирусни, но понекогаш и бактериски.
Симптомите се: повраќање, дијареја, болка во стомак, губење апетит
Кога е алармантно?
- Ако се појават знаци на дехидратација како сува уста, ретко мокрење и слично.
- Ако дијарејата трае подолго од 3 дена
- Ако се појави крв во столицата.
- Присуство на висока температура.
4. Уринарни инфекции
Овие инфекции се почести кај девојчиња, но не ретки се и кај момчиња.
Симптомите се: болка или печење при мокрење, зачестено мокрење, непријатен мирис на урината, температура без очигледна причина
Кога задолжително треба да се појде на преглед?
Секогаш мора да се посети лекар бидејќи уринарните инфекции мора да се дијагностицираат и лекуваат навреме.
5. Кожни инфекции
Кожните инфекции може да бидат вирусни, бактериски или габични.
Чести примери за овие инфекции се: импетиго, вирусни осипи и габични инфекции.
Кога да се јавите кај педијатар?
- Ако кај вашето дете се појави осип со температура.
- Има гнојни промени.
- Ако има осип што брзо се шири.
- Ако има чешање со појава на рани.
6. Детски заразни болести
Пример за овие болести се: варичела, скарлатина, мононуклеоза.
Зошто се важни?
Овие болести бараат правилна дијагноза, следење и понекогаш изолација за да се спречи ширење.
Кога е време за педијатар без двоумење?
Секогаш, без одлагање обратете се кај лекар ако:
- Ако детето е помало од 3 месеци и има температура
- Ако одбива да јаде или пие.
- Ако е необично поспано или раздразливо.
- Ако има потешкотии со дишењето.
- Ако симптомите се влошуваат наместо да се подобруваат
Што треба родителите да запомнат?
- Не секоја инфекција бара антибиотик.
- Самолекувањето може да направи повеќе штета отколку корист.
- Редовната комуникација со педијатар создава сигурност и доверба.
- Инфекциите се дел од градењето на имунитетот, но се има граници
Инфекциите кај децата се чести и најчесто минливи, но улогата на родителот е да ги препознае моментите кога е потребна стручна помош. Подобро е да прашате веднаш, отколку да чекате предолго.
Здравото дете не значи дете што никогаш не е болно туку дете што навреме добива грижа и внимание.





