Можни фактори на ризик за аутизам во бременоста
Кога се зборува за аутизам, едно од најчестите прашања на идните родители е „Дали нешто во текот на бременоста може да го зголеми ризикот?“
Најважно е да се знае дека аутизмот не се појавува поради една единствена причина. Тој е сложена невроразвојна состојба во која учествуваат генетски и други биолошки фактори.
Затоа, присуството на одреден фактор на ризик не значи дека детето ќе има аутизам.
Кои фактори се поврзуваат со зголемен ризик?
Научните истражувања укажуваат на поврзаност со некои фактори, меѓу кои:
- Поголема возраст на родителите
Повозрасната мајка или татко се поврзуваат со нешто повисок ризик, иако повеќето деца на повозрасни родители немаат аутизам.
- Генетски фактори
Генетиката има значајна улога. Одредени генетски промени и семејна историја на аутизам можат да влијаат врз ризикот.
- Одредени компликации во бременоста
Некои состојби поврзани со бременоста, како одредени инфекции, сериозни метаболички нарушувања или други компликации, во студиите се поврзуваат со поголема веројатност за аутизам. Сепак, ваквата поврзаност не значи директна причина.
- Одредени лекови во бременоста
Некои медикаменти, особено валпроат кога се користи во бременост, се поврзани со зголемен ризик за невроразвојни нарушувања. Затоа секоја терапија во бременоста треба да се разговара со лекар.
Лековите не треба самостојно да се прекинуваат
Неконтролирана епилепсија или друга сериозна состојба исто така може да претставува ризик за мајката и бебето.
Што можеме да направиме?
Не постои начин целосно да се спречи аутизмот, а родителите не треба да се обвинуваат себеси.
Но, за здрава бременост е важно:
- редовно следење на бременоста,
- навремено лекување на инфекции и други здравствени состојби,
- земање фолна киселина според препораките,
- избегнување алкохол, пушење и употреба на дроги,
- внимателно користење лекови само во договор со лекар,
- добра контрола на хроничните заболувања.
Аутизмот не е последица на тоа што мајката не внимавала на нешто доволно во бременоста.
Не е предизвикан од начинот на кој родителите го воспитуваат детето, ниту од вакцините.
Најголем дел од ризикот е поврзан со сложена комбинација од генетски и биолошки фактори кои не можат целосно да се контролираат.
Затоа, наместо страв и вина нека има информираност и грижа
Целта на следењето во бременоста не е да се бара виновник, туку да се обезбедат најдобри можни услови за здравјето на мајката и бебето.
Ако имате одредена здравствена состојба, земате терапија или сте загрижени поради фактор во бременоста, разговарајте со вашиот гинеколог.





