Кога „уште не е време“ станува медицински ризик. Предолго одложување на бременоста
Одложувањето на бременоста е лична одлука и често резултат на образование, кариера или животни околности.
Бебето често се остава за подоцна, кога сè ќе биде совршено. Но биологијата не секогаш ги следи нашите планови. Предолгото одложување на родителството може да носи последици.
Зошто паровите го одложуваат родителството?
Многу парови го одложуваат родителството поради тоа што ставаат фокус на образованието и кариерата, други пак поради финансиска несигурност, страв од губење на слободата или пак недостиг од партнерска стабилност.
Често тоа одложување е резултат и на верувањето дека никогаш не е доцна и дека медицината може „да реши сè“.
Сите овие причини се разбирливи, но не ја менуваат биолошката реалност.
Што се случува со плодноста со текот на времето?
Кај жените со текот на времето се намалува квалитетот и бројот на јајце-клетките, а особено по 35-тата година плодноста опаѓа побрзо, па и ризикот од компликации во бременоста расте.
Кај мажите се менува квалитетот на спермата, се зголемува ризикот од генетски промени и шансите за зачнување постепено се намалуваат
Митот за „секогаш има време“
Иако медицината нуди напредни методи, ниеден третман не може целосно да го врати биолошкиот часовник.
Асистираната репродукција не е гаранција. Таа е можност, но не и сигурност дека ќе дојде до бременост.
Емоционалната цена на одложувањето
Многу парови дури подоцна сфаќаат дека притисокот станува поголем, па обидите за зачнување се полни со стрес. Со тоа и разочарувањето расте од месец во месец
Одлуката што некогаш изгледала рационална, може да стане извор на тага и вина.
Како да донесете информирана одлука?
Одложувањето не е проблем ако е свесна и информирана одлуката.
Корисно е да се разговара со гинеколог и да се направи основна проценка на плодноста, како и да се следи сопственото репродуктивно здравје. За ова треба и да се зборува отворено со партнерот.
Не постои „совршено време“
Ниту една фаза од животот не е без предизвици. Прашањето не е: „Кога ќе биде совршено?“. Туку: „Дали сум подготвена/подготвен да се прилагодам?“ на сите промени кои ги носи бременоста.
Предолго одложување на бебе не е морална грешка туку биолошки ризик што заслужува внимание. Одлуката за родителство е лична, но таа треба да биде донесена со целосна слика, не само со надеж дека „има време“.





