Кофеинот под лупа: Пријател или непријател на плодноста?
Кафето за многумина е утрински ритуал, извор на енергија и мало уживање во текот на денот.

Но, кога се зборува за плодност, прашањето „Дали кофеинот е штетен?“ станува сè почесто. Истражувањата се разнолики, но едно е сигурно битна е количината.
Како кофеинот влијае врз женската плодност?
Некои студии покажуваат дека високи дози на кофеин, повеќе од 300 мг дневно, што е околу 3–4 шолји кафе можат да влијаат на циклусот, овулацијата и квалитетот на јајце-клетките. Кофеинот може благо да го намали протокот на крв кон матката, што теоретски може да влијае на имплантацијата на оплоденото јајце.
А што со машката плодност?
Истражувањата се поделени, но големи количини кофеин може да влијаат врз квалитетот и подвижноста на спермата. Умереното консумирање, пак, не покажува значителни негативни ефекти.
Дозата прави разлика
Според експертите, до 200 мг кофеин дневно, околу една до две шолји кафе е безбедна граница за оние што се обидуваат да зачнат. Освен во кафето, кофеинот се наоѓа и во чајот, газираните пијалаци, енергетските напитоци и дури во чоколадо.
Совети за оние што планираат бременост
- Намалувај го кофеинот постепено.
- Замени дел од шолјите кафе со безкофеинско кафе или билен чај.
- Внимавај на скриени извори на кофеин.
Кофеинот не е целосен непријател на плодноста, но претераното консумирање може да има негативни ефекти. Балансот и умереноста се клучот. Доволно е да уживаш во кафето без да му дозволиш да стане пречка на твоите планови за бременост.