Како преку игра да се развива говорот кај децата? Практични идеи за секој ден
Развојот на говорот не започнува со првите зборови.
Тој почнува многу порано, преку слушање, имитирање и интеракција. Најприродниот и најефикасен начин да се поттикне е токму преку играта. Кога детето се забавува, учењето доаѓа спонтано и без притисок.
Зошто играта е толку важна?
Преку игра, детето учи нови зборови, почнува да го разбира јазикот, вежба изразување на мисли и емоции и ја зајакнува комуникацијата со возрасните.
Играта создава безбедна средина каде детето се чувствува слободно да експериментира со звуци и зборови.
Игри за најмалите (0-2 години)
Во овој период, фокусот е на слушање и имитација.
Идеи:
- имитирајте звуци на животни како „муу“, „ав-ав“ и слично,
- пејте едноставни песнички со повторување,
- именувајте предмети додека ги користите,
- играјте „каде е?“ со криење предмети.
Важно е да зборувате бавно, јасно и со изразена интонација.
Игри за деца од 2-4 години
Ова е период на експлозија на зборови.
Пробајте:
- играње улоги како кујна, продавница, доктор и слично ,
- опишувајте ги сликите во сликовници,
- поставувајте едноставни прашања како на пример„што е ова?“,
- довршување на реченици на пример „Кучето вели…“.
Овие активности го поттикнуваат детето да размислува и да зборува повеќе.
Игри за деца од 4+ години
Говорот станува посложен, па и играта може да биде покреативна.
Идеи:
- раскажување на приказни измислени или по слики,
- игри со рими и зборови,
- игра наречена „погоди што сум“, опишување предмет без да се именува,
- драматизација на кратки приказни.
Ова помага во развој на речникот, граматиката и самодовербата.
Корисни совети за родителите
- Слушајте го детето без прекинување.
- Не го коригирајте на груб начин туку повторете го правилно кажаното.
- Избегнувајте прекумерна употреба на екрани.
- Создадете рутина за разговор, на пример, пред спиење.
- Бидете пример бидејќи децата учат од вас.
Кога да се побара совет?
Размислете за консултација со стручно лице ако:
- детето не користи зборови до 2 години,
- има потешкотии во разбирањето,
- говорот е нејасен и по 4тата година.
Раната поддршка може значително да помогне.
Говорот не се учи преку притисок, туку преку поврзаност и игра. Секојдневните мали разговори, смеата, заедничката игра се најсилната алатка за развој. Кога детето се чувствува слушнато и охрабрено, зборовите доаѓаат природно.





