Изгореници кај деца. Видови, правилен третман и клучна превенција
Изгорениците се чест тип повреди кај деца, кои можат да се јават поради контакт со топлина, врела вода, оган, хемикалии или електричен напон.

Како родител или старател, важно е да знаете како да препознаете различни степени на изгореници, како правилно да ги третирате и најважно како да ги превенирате заштитувајќи го здравјето на вашето дете.
Степени на изгореници
Изгорениците се делат на три основни степени, зависно од длабочината и сериозноста на повредата:
- Прв степен. Го зафаќа само горниот слој на кожата (епидермис). Кожата е црвена, болна и сувa, без појава на меури. Пример е сончевата изгореница.
- Втор степен. Зафаќа подлабок слој од кожата (дермис). Се појавува црвенило, болка и меури исполнети со течност. Ова е поинтензивна повреда која бара повеќе внимание.
- Трет степен. Ова е најтежок степен кој ги зафаќа сите слоеви на кожата и понекогаш и подлабоките ткива. Кожата може да биде бледа, сувa или карактеристично зацрвенета со изглед на „изгорена кожа“. Ова е итна медицинска состојба.
Како да постапите при изгореница?
Прва помош:
- Прекинете го изворот на топлина така што ќе го отстраните детето од опасната зона.
- Веднаш исплакнете ја изгореницата со млака или ладна вода, 10-20 минути. Никогаш не користете мраз директно на кожата.
- Не ги пукaјте меурите бидејќи тие се природна заштита на кожата и нивното пукање може да доведе до инфекција.
- Покријте ја раната. Користете стерилна газа или чиста крпа за да ја покриете раната без да ја притискате.
- Доколку е потребно, дајте лекарства против болка според возраста и препораките на лекар.
- Ако изгореницата е од втор или трети степен на голема површина, ако е на лице, раце, стапала, или ако детето покажува знаци на шок, веднаш побарајте медицинска помош.
Кога да посетите доктор?
- Ако изгореницата е од втор или трети степен и ако е поголема од 5 см кај мали деца.
- Ако изгореницата се наоѓа на чувствителни делови (лице, очи, уши, гениталии).
- Ако детето има силна болка, треска или раната се инфицира (се појавуваат црвенило, оток, гној).
- Ако детето покажува симптоми на дехидрација или слабост.
Превенција на изгореници кај деца
- Средината каде се наоѓа детето да биде без опасни предмети и течности кои се врели.
- Не оставајте врела храна, пијалаци или апарати на дофат на децата.
- Објаснете им ги на децата опасностите од оган, врела вода и електрични уреди.
- Користете детски заштитни огради и капаци на приклучоци.
- Бидете внимателни при готвење и користете ги задни рингли на шпоретот.
Изгорениците кај деца бараат брза реакција и правилна нега за да се избегнат компликации како инфекции и лошо заздравување. Најдобрата заштита е превенцијата и образованието на целото семејство за безбедна околина. Ако дојде до повреда, не двоумете се да побарате медицинска помош.