Драматизација на приказната за Јана
За сите Вас кои ќе изработувате играчки-прегратки и ќе учествувате во акцијата Прегратка на Дар 2012. Целта на приказната е децата да спознаат и почувствуваат со која цел ги изработуваат играчките и кому ќе ги подарат

(Дејството се одвива во домот на Јана. Околу неа се расфрлани ранчето, чадорот, патиките и дуксерката. Јана седи на столица задлабочена во своите мисли. Публиката слуша што размислува Јана (говорот е претходно снимен).
Јана:
Ева е болна. Мојата најдобра другарка Ева е болна, така денес рече учителката. Колку ли само бев лоша кон неа последниот пат кога бевме заедно. Како можев? Како? Па Ева ми е најдобра другарка. Со другарите треба да си внимателен, добар и нежен бидејќи тие се како скапоцени бисери. А што направив јас?
(Дејството се префрла во сценографија која потсетува на детска градинка. На две столчиња (ако има можност нишалки) седат Јана и Ева. Јана пие битолско млеко, а Ева пие битолски јогурт. Јана во рацете држи убава и голема кукла.
Јана:
Мммм...Дали има поубаво нешто на светот од битолското млеко? Би ги дала сите бонбони колачи и грицки, само за една чаша битолско млеко. Ева, дали знаеш дека млеково кое го пијам има вкус на топлата мајчина прегратка? Тоа не полни со енергија, бидејќи содржи протеини и калциум кои ни овозможуваат да растеме. Мораме да го пиеме за да имаме здрави заби и коски, за да не се разболуваме во зима и да можеме сииилно да трчаме. Јас обожавам да го јадам со бисквити, житарки, сакам да пијам и милкшејк со овошје, а кога ќе пораснам ќе си ставам и во кафето, хихи. Нема ништо поубаво на светот од битолското млеко!
Ева:
Има! Битолски јогурт (и покажува јазик на Јана). Во јогуртот има повеќе корисни состојки – калциум, протеини, фосфор, јод и најважно од се витамин Б12 кој ја зајакнува крвната слика и помага мозокот да работи подобро. Велат дека луѓето кои пијат јогурт живеат подолго и се поздрави. Ако пиеш јогурт нема да имаш болки во стомакот, бидејќи помага во варењето на храната. Јогуртот ги зајакнува мускулите. Види го мојот мускул (покажува). Фати колку е цврст.
Јана:
(Го допира мускулот на Ева)
Хахаха. Цврст како чорбата на баба. Ехеее, знаеш ли колку литри јогурт треба да испиеш за да ти се зацврстат мускулите? Цел еден тон.
Ева:
Си пијам јас. Секој ден кога ќе се вратам од градинка, пијам. Кога ми е лошо мама ми дава јогурт за да се освежам. А најомилено јадење ми е јогурт со смоки. Ајде да те видам ти јади млеко со смоки? Бљааак! (Продолжува да пие јогурт несмасно и и' остануваат траги на устата). Пробај, ова е новиот јогурт со киселкаст вкус. Ммммм, убавиот вкус ме зашемети.
Јана:
(Отсутно. Ја гали куклата) Ева, оваа кукла ми ја поклони тетка ми. Јас со неа си спијам дома, ќе ја прегрнам силно, силно и ќе си заспијам. Знаеш, почнав да заспивам сама откако ја имам куклата. Малку ме боцкаат пластичните нозе и раце, но ако. Има преубава коса и прекрасно фустанче. Ми се залепи за срцето, ете тука (покажува кон срцето). Ја зедов и во градинка бидејќи не можам без неа.
Ева:
Прекрасна е. Колку ли само убава коса има. Па види и ги очите, трепките...А фустанот по најнова мода. Јас немам толку убава и голема кукла. Моите кукли се мали и стари. Знаеш, со нив си играла сестра ми кога била мала, па сега си играм јас. Нивните коси не светат толку многу, а нивните фустани се искинати и стари. Јана, ќе ми дозволиш ли малку да ја подржам твојата кукла, да и ја погалам косата и нежно да ја бакнам?
Јана:
Кај ти текна па сега тоа? Не може. Куклата е моја и не ја давам на никого. Да сум и ја дадела куклата. Глупости. Пиј си таму јогурт.
Ева:
Те молам Јана. Знаеш, никогаш не сум допрела нова и убава кукла. Ништо нема да и направам, веднаш ќе ти ја вратам. Те моооолам Јана.
Јана:
Баш затоа што не си држела нова кукла не ти ја давам. Не знаеш ниту како да ја држиш.
Ева:
Те молам, те молам Јана. Барем за миг направи ме среќна. Јас не ти ја барам за себе куклата, само малку да ја подржам и веднаш ќе ти ја вратам.
Јана:
(Гласно) Остави ме на мир! Не ти ја давам куклата. Твоите раце се валкани, а нејзиното фустанче бело. Види како си ја извалкала устата од јогуртот кој го пиеш, сакаш ли да ми ја извалкаш новата кукла?
Ева:
Не знаев дека си толку себична и лоша. Мама вели дека себичните деца никогаш нема да имаат другари. Јас не ти сум другарка штом не ми ја даваш куклата, нели? (И ја грабнува куклата од раце и почнува грубо да и го допира фустанчето и да ја бриши устата од нејзината коса.)
Јана:
Коза една! Валкана една! Дај ми ја куклата веднаш!
Ева:
(Се налутува уште повеќе. Ја фрли куклата на земја и почна да ја валка од сите страни. Нејзината коса ќе се разбушави, а белото фустанче ќе стане кафено.)
Види сега на што личи твојата скапоцена кукла, која ти е поважна од најверната другарка. Би сакала ли сега да си играш со стара и валкана кукла, чија коса повеќе не свети како јасното сонце? Ајде, земи ја, прегрни ја и спиј со неа да те видам.
Јана:
(Јана почнува да вреска и гласно да плаче) Што и направи на мојата кукла? Љубоморна и завидлива една! Немала таа – да немам ни јас. Не си повеќе моја другарка. Бегај, не те сакам! (Јана вреска и скока без контрола)
Ева:
(Ја наведнува главата и се тргнува од местото каде се одвиваше настанот. Седнува во агол. Отсутно гледа во една точка)
Доаѓа воспитувачката и нечујно ја теши Јана. Пожелно е во позадина да свири некаков тажен фон. Јана по некое време се смирува, а Ева се уште седи во аголот и отсутно гледа. Воспитувачката се повлекува откако ќе заврши музиката. По кратко време се слуша нејзиниот глас.
Воспитувачката:
Ева, мајка ти дојде да те земе. Подготви се.
(Ева безволно станува од аголот. Се врти накај Јана и ја подигнува раката во знак на поздрав. Јана отсечно ја врти главата.)
Дејството се префрла во домот на Јана, на истото место каде отпочна претставата. Јана седи и молчи, а публиката ги слуша нејзините мисли. Говорот на Јана е претходно снимен.)
Јана:
Кога би можела да го вратам времето, сигурно би постапила поинаку. Би и ја дала куклата на Ева да си поигра, а потоа двете заедно би играле. Другарството е поважно од некој обичен предмет, нели? Во секоја продавница има убави и големи кукли со убави фустани и коси кои светат како јасното сонце. Но мојата најдобра другарка не е до мене. Таа е сега во болница бидејќи имала висока температура и некаков вид на напад. Посетата била забранета и не се знаело кога ќе оздрави. (Почнува тивко да плаче.) Колку ли само бев лоша кон неа последниот пат кога се видовме. Куклата ме направи да бидам себична и непријателски расположена. Својата најдобра другарка ја нареков валкана коза. Како можев? Како? Баба ми убаво ми вели - убавите зборови донесуваат убави моменти, топло срце и широка насмевка на усните. Лошите зборови пак го сечат срцето како со нож, а тоа боли повеќе од вистинската рана. Ја повредив и ранив својата најдобра другарка толку силно што таа е сега во болница. Јас сум лоша и не заслужувам да имам пријатели. Пријателите се како скапоцени бисери, и никогаш не треба да бидат поважни од некои предмети... (Пауза) Што ли прави Ева во таа голема зграда? Осамена е, тажна и болна. Кога ќе биде подобро, дали ќе оздрави? Ах, кога би можела да и ја олеснам болката и некако да ја развеселам. Се' би направила за Ева да оздрави, би и се извинила и би ја замолила повторно да бидеме најдобри другарки...
(Гласно)
Може ли нешто да направам, иако не можам да појдам кај неа?