12 деца затруени со салмонела во „Весели цветови“
Дванаесет деца се затруени со бактеријата салмонела во период од 21 до 26 февруари, а сите претходно ги посетувале трите клона во градинката „Весели цветови“ во скопската општина Kисела Вода. Заради труењето, за кое с` уште се утврдува кој е предизвикувачот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера ја затвори централната кујна во објектот „Сончоглед“. За децата кои ги посетуваат сите четири клона во оваа градинка храната ќе се обезбеди од друг објект, до добивање на резултатите од земените примероци.
Ова е прв случај на труење на деца со храна во градинка, а инспекторите тврдат дека во јануари градинката била контролирана и дезинфицирана. Kај вработените во градинките, според досегашните анализи, не се најдени бактерии, а се чека што ќе покажат резултатите од работните површини во кујната и од садовите.
Родителите на децата се исплашени, а дел од нив престанале да ги носат децата додека состојбата не се расчисти.
- Kога слушнав дека имало труење, веднаш престанав да ја носам ќерка ми, но дома имам кој да ми ја чува. Но, за неколку дена ќе морам пак да почнам да ја носам, а по ова што се случи, многу сум исплашена. Не знам од што се случи труењето, дај Боже, да не е од градинката, но знам дека вработените мора многу да внимаваат на хигиената - ни изјави една мајка.
Три од затруените 12 деца побарале помош и на Kлиниката за инфективни заболувања, потврдија вчера од Санитарниот и здравствен инспекторат. Со салмонела луѓето може да се заразат ако јадат термички добро необработена храна од животинско потекло, особено јајца. месо, но и од кремови, сладолед и слично. Kај затруените се јавува гадење, повраќање и зголемена телесна температура.
- Ја задолживме ЈДГ„Весели цветови“ во сите чајни кујни во четирите клона, веднаш да се изврши темелно механичко чистење, по кое ќе има дезинфекција од овластена здравствена установа. За да се обезбедат соодветни услови за прием и делење на храната, наложено е во делењето на храната да се вклучат вработените од кујната, кај кои веќе има негативни резултати од копрокултура. ДСЗИ наложи и да се исчистат и дезинфицираат возилата со кои се врши дистрибуција на храна до клоновите - соопштија вчера од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.