|      
Сакаш да се откажеш?
Пред да ја потврдиш својата одлука, запознај се со последиците од таа одлука.
Доколку го потврдиш своето откажување, на твојот комјутер ќе наместиме cookie, кој ќе ни овозможи, во текот на натпреварот (14.03 - 18.03.2016) при посета на порталот да те препознаеме и да овозможиме слободно користење на порталот, без прикажување сликички, односно контролор на играта од десна страна на екранот.

Истовремено ќе бидат одземени сите собрани поени. За жал, со откажувањето, губиш и право на награди.

Дали се уште сакаш да се откажеш?
Рингераја.мк користи "колачиња" за обезбедување подобро корисничко искуство, следење на посетеноста и приказ на огласи. Поставките за прифаќање на колачињата ги прилагодувате во вашиот пребарувач.
Со продолжување на користењето на сајтот се смета дека се согласувате со користење на колачињата за наведените цели. За продолжување кликнете “Во ред”.   Дознајте повеќе.

На кафе кај Елена "По мој вкус"

Марина Кљајиќ Петковски, 24.3.2021
Старата латинска изрека вели - „за вкусовите, не се дискутира", а кога станува збор за овој Инстаграм профил, нема место за дискусија - сите сме едногласни дека е профил баш „По мој вкус"

image
/11


Елена Андоновска Каракашов е "македонско девојче" кое живее во Франција и стои зад блогот и Инстаграм профилот "По мој вкус".

За себе вели дека е креативец и емотивец. 
Таа е родена и израсната во Скопје, дипломиран педагог на Филозофскиот факултет и магистер по Менаџмент на човечки ресурси.
Малку носталгична, но многу повеќе креативна и позитивна, почнува со блогерството. Дека ужива во тоа тоа што го споделува со нејзините следбеници на  Инстаграм може да забележиме пред сe од позитивната енергија која зрачи од самиот профил, љубовта која ја вложува во секој пост, внимателно запазено до детал да ги открие сите трикови од подготовката на рецептот преку фотографии кои "се јадат со очи". 

За себе вели дека не е професионален готвач, но сака да зготви се што и е „убаво на око“ и убаво на душичката." Сака да го фотографира секој момент на среќа и да го сподели со следачите, бидејќи споделената среќа е двојна среќа.

 

elena


Рингераја: Колку време постои блогот и како се роди идејата за него?

Елена: Сега во април блогот ќе ми наполни точно 2 години. Не беше воопшто планирано. Уште пред да го направам блогот постојано ги фотографирав јадењата, а сите наши пријатели беа со искрени препораки да почнам да пишувам и рецепти за тоа што го подготвувам. Долго време не ја прифаќав идејата, но подоцна сепак решив да си направам блог, и да отворам Инстаграм профил каде ќе споделувам со сите сè што е По мој вкус. Идејата не беше да има само рецепти, туку како што кажав да има од сè што е по мој вкус, или мое дело. Празнично знам да ставам по некој DIY проект, зависно од тоа колку ми дозволува времето. Постовите на Инстаграм воглавно се рецепти, но рецепти "со душа". Често знам да искажам некоја емоција преку текстот кој го пишувам, да си ставам некоја убава француска песна на стори со кафе и да си споделам збор, два со моите следачи/пријатели. 




Рингераја:
Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци, од кога постои љубовта кон готвењето, кој ти беше инспирација, кој ти даде поддршка? 

Елена: Не можам да најдам одговор на прашањето кога се почетоците, бидејќи не сум професионален готвач за да кажеме дека сум почнала да се занимавам со тоа.
На готвењето гледам како составен дел од животот на секој човек. Иако факт е дека отсекогаш додека готвеше мајка ми, постојано се врткав од околу да пробам и да кажам дали е солено, благо, дали треба уште да се пече или му е доста. Да дадам предлог што вкусно да спремиме за појадок или ручек. Инспирација за традиционалните македонски рецепти отсекогаш ми биле домашните, баба ми и мајка ми. Тоа може да се забележи во неколку постови на Инстаграм, каде што знам да си ја отворам душата. 
Голема поддршка имам буквално од сите. Најпрво од мојот сопруг со кој сме си безрезервна поддршка за се во животот, потоа од блиските, другарките и од сите луѓе кои секојдневно ми пишуваат пораки или ги споделуваат моите рецепти на Инстаграм. Поголема поддршка од тоа не постои за некој кој што се занимава со оваа работа. Инспирацијата за да бидам уште по креативна и единствена, ја препишувам токму на нив, на моите следачи на социјалните мрежи. 

Рингераја: Важиш за една од најдобрите македонски фуд блогерки, за што потврдуваат огромниот број следачи и номинацијата за фуд блогер на годината. Какво е чувството? 

Елена: Ви благодарам многу. Секако дека тоа е пријатно чувство. Се најдов на листата со најдобрите фуд блогери бидејќи некој од следачите предложил да бидам таму, а поради тоа ми е  уште подраго.  Се радувам што можам да придонесам многу луѓе да внесат свежина во нивните секојдневни оброци, благодарение на тоа што биле инспирирани од некој мој рецепт. Нема поубаво чувство од тоа кога луѓе што не те познаваат односно те знаат само преку социјалните мрежи, секојдневно ти се заблагодаруваат за тоа што го правиш, а со тоа ти испраќаат куп позитивни вибрации кои те водат кон подобра верзија од себе. 

Рингераја: Имаш ли некои светски познати готвачи од каде црпиш идеи? Поседуваш ли тефтер со стари семејни рецепти? Преферираш ли да се држиш точно до рецептот или сакаш да експериментираш? 

Елена: Немам идоли готвачи, не сум имала никогаш, можеби зошто не ми било во план да се занимавам со нешто такво. Тефтер со рецепти имавме порано дома, мајка ми уште си го чува. Понекогаш знам да и кажам да ѕирне внатре и да ми најде некој рецепт, но најчесто тие рецепти не се дел од мојот блог. Тука се трудам да бидам своја, да смислам нешто ново и интересно. Мислам дека класичните рецепти познати за нас, секој би знаел да ги направи. Се трудам да ставам нешто поинакво, некој нов експеримент, или стар, но прилагоден на поинаков начин. Иако веќе имав забелешки зошто нема рецепт за гравче, спанаќ и ориз, баклава....Не сум сигурна уште дали тоа треба да го исправам. Можеби треба да го ставам предлогот на гласање.



Рингераја: Твојот профил изобилува со преубави фотографии од храна, а твоите сторис со преубави пејзажи, што зборува дека си љубител на фотографирање. Кажи ни повеќе за оваа твоја љубов. 

Елена: Сакам да гледам убавини околу мене, и наоѓам убавина во малите нешта. За да направам фотографија ме инспирираат и најситни детали. Една бубамара, еден цвет, една капка од дожд на прозорецот, едно кафе што го пијам наутро...Секогаш сакам начинот на кој што гледа моето око на работите, да го споделам со што поголем број луѓе. Тоа ме исполнува па си мислам дека можеби и друг некој ќе ужива во таа фотографија колку што уживам и јас.


dete

 

Рингераја: Колку време ти одзема креирањето на еден пост, од идејата за кој рецепт ќе го правиш, до крајниот изглед на постот, со фотографии и текст?

Елена: Тоа може да биде неколку дена, а може и истиот, зависи од рецептот. Во принцип воопшто не се брзам кога ги правам рецептите. Не ми е целта секој ден да имам рецепт, ако тоа не е сработено како што треба, или да се стави само колку да ме има и денес на Инстаграм. 
Се зависи колку има да се објаснува за подготовката. Се поретко ставам рецепт од јадење што сум го направила истиот тој ден. Отприлика оди вака. Ќе смислам вечерта што сакам да правам, утредента ќе го направам и фотографирам. Истата вечер, откако ќе заспие Емма ќе го напишам текстот (за да не заборавам до утре), и ќе одберам фотографии. Па дури третиот ден ќе го објавам во текот на денот, после сите обврски. 
Иако можеби изгледа едноставно од страна, за активно да се води Инстаграм профил треба многу работа, посветеност и пред се голема љубов. 

Рингераја: Твоите рецепти се доста популарни и твоите следачи често ги подготвуваат. Претпоставувам дека често си во контакт со нив, сакаат да ти се пофалат со успешно зготвено јадење, да добијат совет од тебе... Како го доживуваш тоа?  

Елена: Искрено се радувaм на секоја една порака од тој тип, и воопшто не ми е тешко да комуницирам со нив, напротив тоа го правам со задоволство.
Тоа ми е доказ дека секој од рецептите е на место. Нивната потврда дека успешно го направиле рецептот, убаво се нагостиле и сл. за мене е голем комплимент. Помеѓу следачите има и девојки или тазе сопруги, кои штотуку почнале да готват, прв пат се соочуваат со тесто, или со одредени состојки, прв пат направиле нешто поразлично од регуларните јадења на кои сме навикнати и се горди на себе, а јас уште погорда на нив. 

Рингераја: Повеќе од 4 години живеете во Франција. Како се случи тоа? Како ја прифативте оваа промена? Колку време траеше адаптацијата?

Елена: Тоа се случи „преку ноќ“. Мојот сопруг тогаш доби понуда за докторски студии во Епинал во Франција. Немавме многу време за размислување, моравме брзо да донесеме одлука и што поскоро да заминеме. На почетокот ми беше многу тешко, сè ново, сè непознато...Во Скопје бев постојано опкружена со многу луѓе, а кога дојдов тука се најдов осамена и некако изгубена. Не е сеедно да заминеш од дома, посебно ако тоа не си го планирал подолго време. Недостига сe, најпрво семејствата, пријателите, местата на кои често си одел... Но, со текот на времето се навикнуваш. Ја запознававме околината, јас почнав да посетувам доста асоцијации за странци, да одам на курсеви за јазик, а подоцна и да работам. Епинал е едно топло, мирно гратче кое беше совршено за адаптација на животот во Франција. Тука јас станав сопруга, а подоцна и мајка на едно прекрасно девојче Емма. Можеби поради тоа сум толку емотивно врзана за тоа место. Таму бевме 3 години, а од неодамна се преселивме во околината на најголемата метропола, градот на светлината, Париз. Повторно во едно мирно место, но подинамично за разлика од Епинал. 

france

Рингераја: Од твоите сторис, на кои често и даваш на твојата публика да ѕирне во твоите прошетки со ќеркичката, може да се забележи дека живеете во преубава средина, во изобилство на зеленило и цвеќиња. Кажи ни за она што камерата не може да го долови - каков е животот во Франција, народот, храната..

Елена: Живееме во една помала општина во околината на Париз. Местото се нарекува Le-Plessis-Robinson и вистина е дека изобилува со зеленило, шума и многу цвеќиња. Поради тоа и се заљубивме во местово кога прв пат го посетивме. Има многу паркови и градини од околу, што совршено одговараат за семејства со мали деца. Овде парковите се преполни со луѓе. Французите сакаат за викенд да прават пикници, да го поминуваат времето шетајќи во шума, да спортуваат, повеќе отколку слободното  време да го поминуваат во кафичи и ресторани. Преку неделата сите имаат пауза за ручек од 12 - 13 часот, е тогаш може да се видат полни рестораните, и за вечера од 19ч. Сакаат да водат долги разговори, да пијат убаво вино, да јадат убава храна, да работат но и да си одморат. Оние што јас ги познавам се скромни луѓе без разлика на нивната финансиска моќ. Што се однесува до храната, би можеле да зборуваме многу долго, ќе кажам само дека француската кујна за мене е една од најубавите и се радувам што имам можност да ја запознаам од толку блиску. 

Рингераја: Од кои наши традиционални јадења не можеш да се откажеш, а во кои француски се заљуби?

Елена: Не можам да се откажам од пити, зелници, качамак, ајвар и наше овчо сирење. 
Кога станува збор за француските јадења, имам повеќе љубови. Кроасани, тартови, кишови, тартифлет....и многу многу други француски специјалитети. 

Рингераја: Емма е твојата едногодишна ќеркичка. Колку Емма е гурман на мама? Сака ли да те дружи во кујна? Што и е омилено јадење?

Елена: Емма не само што сака да ме дружи во кујна, туку и нема избор. За сега е голема гурманка. Често знам да ставам видеа и фотографии со неа додека јаде. Си има и нејзин дел на профилот во Хајлајтс „Јадеме со Емма“. Таму може да се најдат некои рецепти прилагодени за дечиња.
Моментално најомилени и се палачинки. Ги јаде на секаков можен начин. Каква и да е, палачинка да е! 

 

3

Рингераја: Кажи ни за твоето трудничко и породилно искуство? Како е да се биде трудница и родилка во Франција?

Елена: Мене искуството како трудница воопшто, ми беше многу убаво. Покрај мачнините на почетокот и неизвесноста што и како ќе биде, со оглед на тоа што Емма ми е прво дете, се останато помина во најдобар ред. Во Франција е се убаво организирано на тоа поле, што се однесува за гинеколошки прегледи, контроли, состаноци со бабица/акушерка. Уште откако останав бремена имав листа за кога ми се закажани редовните контроли со матичниот гинеколог. Докторот беше премногу љубезен, секогаш со точни и прецизни одговори. Во Франција докторите не трошат беспотребно многу зборови. Се е кратко и јасно. Состаноците, односно курсевите со бабица почнуваат во 7ми месец, и се особено значајни, посебно ако се работи за прва бременост, кога буквално за многу работи си во прашалници. На тие курсеви се учи се во врска со тоа како да си го олесниш пораѓајот, како правилно да се припремиш за истиот, и што после пораѓајот. Првиот контакт со бебето, менување пелени, доење, козметика за бебе....буквално те спремаат на се што те очекува, и буквално се така и се случи како што беше кажано на тие курсеви. Премногу се потребни и полезни.
Пораѓајот и покрај тоа што траеше долго, ќе го памтам како едно многу убаво искуство. Персоналот беше исклучително љубезен и пријатен што е многу важно со оглед на маките во кои си најден во моментот. Емма по долго инаетење се роди по природен пат, и во тој момент таа беше најубавото човече што сум го видела во мојот живот. Љубов на прв поглед, среќа неизмерна! Не знам како е во Македонија, но овде кога бебето ќе се роди, само го бришат со крпа, и веднаш го ставаат на градите на мајката. Го оставаат така подолго време за да се запознаат мајката и детето контакт „кожа на кожа“, а подоцна го мерат, односно го делат од мајката само 5 мин пред пак да и го вратат во прегратки. Во болничкиот апартманот се качивме заедно со Емма, и не се разделивме ниту една ноќ, ниту еден час.  Првото бањање беше наредниот ден, со инструкции од бабица за целосна нега на новороденчето. По пристигнувањето дома имаше уште неколку посети од патронажни сестри, всушност може да побараш онолку колку што сметаш дека треба. 
Што се однесува до трудничкото боледување, во Франција тоа е многу кратко. Започнува 6 седмици пред предвидениот термин за породување, а завршува 10 седмици по породувањето. Сакам да кажам дека 2 ипол месечни бебиња веќе одат во јасли, а мајките на назад на работа. Иако за да се добие место во градинка треба да се аплицира навреме, односно додека бебето е се уште во стомак. Многу се чека одобрување, со месеци па и години. Еве ние уште чекаме, се надеваме дека ќе поминеме на следната комисија од Септември. Задолжително поаѓање на децата во градинка е од 3 години, со уредно примени сите вакцини. 


Рингераја: Една година живееме во пандемија. Како врз вас влијае ситуацијата? Каква беше за тебе генерално земено минатава година?

Елена: На почетокот не ја поднесував ситуацијата толку трагично, бидејќи секако повеќе од времето го поминивав дома со Емма. Таа имаше само 2 месеци кога започнаа карантините овде. Покрај пандемијата, за мене 2020-та беше најзначајна година, токму поради таа моја нова улога на мајка, на родител...Но веќе како поминува времето, пандемијава воопшто не е забавна. Постојано има карантини, ограничување на движењата надвор од домот, внимавање на се  и сешто, затварање на границите....Станува напорно за сите, но силно верувам дека ќе помине и ова и потоа ќе се грижиме сите подобро за себе, ќе може ние што сме далеку од дома да си ги видиме и изгушкаме нашите блиски и ќе надокнадиме за се што пропуштивме да го направиме периодот додека бевме затворени. 

Рингераја: Кога би имала задача да организираш вечера во која ќе послужиш едно најдобро македонско и едно најдобро француско јадење, што би се нашло на мени?

Елена: Од македонските ќе одберам зелник или пита сервирано со некои пинџурчиња, макалца и сирење, а од француските, Tartiflette, Bœuf Bourgogne или Quiche Lorraine...не можам да се одлучам. 

Рингераја: Што би им препорачала на сите оние кои ја делат страста кон готвење и имаат желба да започнат свој блог, но се двоумат и се плашат?

Елена: Да го надминат стравот и да се водат од желбата и страста кон нештото. Секогаш сме најдобри во тоа што обожаваме да го правиме и тоа што не исполнува. Да бидат свои и да не очекуваат ништо од никого. Самостојно постигнатиот труд е најсладок. Полека, но сигурно кон целта! 

Ти се допаѓа статијата? Кликни “Like” и додај свој коментар:

Мали бизниси: Торти за домашни миленици
Дали се вбројувате во процентот на сопственици на домашни миленици кои организираат роденденски забави за истите ?
5
15 DIY Велигденски изработки
Во пресрет на Велигден, еве неколку идеи кои ќе ви послужат за да поминете креативно време со вашите деца. Тоа вклучува ...
4
12 правила за штедење
Парите ни помагаат да ги оствариме нашите соништа, сe додека заработуваме доволно и не трошиме премногу. Додека повеќето...
3
Како да одберете привлечна долна облека?
Зимската атмосфера, ладното време и топлите домови, се совршена магија која повикува на „забава“ во постелата. Долната о...
3




Анкета

Бременост.
пеперутка16

Кој дел од бременоста најмногу ви се допадна или најлесно?